Што е груевизам (1)

08.12.2015 12:18
Што е груевизам (1)

Во неколку продолженија ќе претставиме делови од штотуку излезената книга Што е груевизам. Денес го пренесуваме предговорот на уредникот.

Никола Груевски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ се изворот на злото наречено груевизам. Но, груевизмот не е Груевски. Дури не е ни исклучиво ДПМНЕ. Груевизмот во прв ред е деградација на македонската идеја за држава и цивилизациски пад. Груевски тука е само гротескен симбол.

Тоа, меѓу другото, значи дека книгава не е толку портрет на еден забеган владател, колку историски документ. Десетте години на груевизмот се најлошата деценија во Македонија во последниве стотина години (ако ги исклучиме двете светски војни, се разбира). Застрашувачки е степенот до кој се уништени институциите, опљачкани граѓаните, натерани на емиграција стотици илјади луѓе и исто толку сотрени или разболени. Долговите земени за криминалните потреби на режимот ќе мораат да ги враќаат неколку генерации. Цената одново ќе биде беда, сиромаштија, смрт.

Втора важна причина за книгава е желбата да ги издвојам храбрите луѓе што му се спротиставија на опустошувачкото јато скакулци. Овде се застапени 25 автор(к)и. Можев да вклучам уште барем исто толку луѓе, но граница некаде морав да ставам. Жал ми е што некои автор(к)и не влегоа, но составувачот мора да се носи со тој жал и да ја преземе одговорноста за поставените меѓи. Сакам да истакнам: еден од важните критериуми на избор ‒ освен примарниот, квалитетот, храброста и релевантноста на текстовите ‒ ми беше хетерогеноста на застапените: генерациска, професионална, етничка, родова, класна, стилска, политичка...

Книгава почнува и завршува со двајца луѓе што веќе не се меѓу нас, Никола Младенов и Роберто Беличанец. Починаа млади, но стигнаа да направат многу и да остават важно наследство. На некој начин, и тие двајцата беа важна инспирација за овој потфат.

Од друга страна, важно ми беше и книгава да не биде премрачна (иако суштината на груевизмот се мракот и лагата); впечаток е дека се изморивме и заситивме од непрегледното црнило во овие бескрајни десет години. Преземајќи го ризикот дека го „озабавувам“ монструозниот политички и културен феномен, решив голем дел од зборников да биде во знакот на хуморот, сатирата, бурлеската... Мошне значаен прилог во таа насока дадоа авторите на „креираните филмови“, двоецот Свирачиња и Александар Јосифовски.

Книгава сака да потсети и на медиумите во кои изминативе години сепак беше можно (и покрај големите притисоци од страна на режимот) да се слушне и поинакво мислење од она на власта. Голем дел од тие медиуми беа уништени, но текстовите таму напишани, еве, одново оживуваат („книгите горат, но буквите одлетуваат“).

Зборников „Што е груевизам“ излегува со поддршка на „Фондацијата Отворено Општество Македонија“, единствената институција која беше доволно јака за да не биде уништена од груевизмот (не знам ни за една друга поголема македонска институција која периодов успеа да го преживее без да падне на колена пред насилниците). Не само што ФООМ успеа да ги сочува идеалите на слободата, правдата и граѓанското општество, туку и буквално, физички, успеа да спаси (од прогон и истребување) стотици непокорни и слободољубиви луѓе. За жал, многу повеќе луѓе ФООМ не успеа да спаси.

Затоа ним, на жртвите на груевизмот, но и на оние следни генерации кои врз нивната жртва ќе успеат, се надеваме, да создадат подобра Македонија ‒ им ја посветувам оваа книга.

Слики: Александар Јосифовски

ОкоБоли главаВицФото