Клучеви

09.12.2015 03:13
Клучеви

 

„А Јас ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат“.
„И ќе ти ги дадам клучевите од небеското царство, и што ќе сврзеш на земјата, ќе биде сврзано на небесата; а што ќе разврзеш на земјата, ќе биде разврзано и на небесата“.
Матеј 16:18,19

„... и прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници...“
Матеј 6:12.

 


1.

Распетието беше старо и мошне оштетено. Се говореше дека можеше да има шестотини години. Висеше во нишата веднаш при влезот на тремот.
Беше изработено од дрво, кое од старост се беше стврднало и се сторило камен, така што веќе не можеше да се препознае видот; по висина беше малку поголемо од човек.
На него беше прикажан Христос, поцрнет и исушен, прицврстен беше на распетието со три огромни клинци.
Но, најистересно беше лицето на Христос – лице нималку слично на оние продуховени лица, со кои сликарите на Ренесансата Го претставуваат на своите платна. Тоа беше арамиско, чудовишно грдо лице, со црни, длабоко пропаднати очни вдлабнатини, со страшен, зол израз скаменет во претставата на испакнатите животински челусти, лице што повеќе потсеќаше на богохулство, отколку на света слика.
Монахот, кој го изрезбарил, мора да бил луд или страшен грешник, и во него ја врежал сета своја до срж злобна пајакова душа.
Нозете, изабени до половината од бакнежите на набожните усни, беа крути и ковчести, како нозе на труп.

2.

Свештеникот, чудно, не го сакаше тоа распетие.
Од самото пристигнување во парохијата, кога уште имаше само триесет години, од него почувствува несфатлив, суеверен страв и омраза, кој растеше со секоја измината година.
Секојпат, кога мораше да пројде покрај нишата, одејќи да држи богослужба, бргу се прекрстуваше и го забрзуваше чекорот. Овде живееше веќе дваесет и неколку години, се соживеа со црквата и селото, кога му понудија унапредување и подобра парохија – тој одби. Само односот кон распетието во тремот, уште од денот на пристигнувањето, воопшто не му се промени.
Тој во својата парохија не беше омилен.
Луѓето знаеја за разните негови ујдурми и тајно се шушукаше за него.
Сите знаеја дека со домаќинката, што умре минатата есен, имаше две деца: син и ќерка, кои ги испрати на школување во градот.
За луѓето од парохијата беше тежок и неумолив.
Скржавец, лакомец, стискаше душа за сѐ, не правејќи разлика помеѓу богатите и сиромашните.
Луѓето не го симпатизираа, тој тоа добро го знаеше, и тоа го правеше некако уште побезобѕирен.
Слаб, плеќест маж со пропаднат граден кош, туберкулозник, но, и покрај возраста од над педесетина години, сѐ уште добро се држеше. Молчалив и мрачен, со ослабено и поцрнето лице, со длабоко всадени, блескави очи, оставаше впечаток на човек потиштен од болест.
И особено – нешто што изгледа никој не го забележа: тоа слабо, пропаднато лице со фосфорни очи, со својот израз потсеќаше на лицето на Христос во тремот.
Дали свештеникот ја гледаше таа сличност и затоа не го сакаше распетието?
Изгледа дека не.
Всушност, тој толку остаре дури последните години, а есента таа година беше потешка и понепријатна од минатите.
Постојано врнеше дожд и воздухот стана маглив и влажен.
На својата болест никогаш не ѝ обрнуваше внимание. Со текот на годините беше толку привикнал на неа, што таа веќе како да стана дел од него.
Но, еднаш се случи, богослужејќи, од пеењето ненадејно доби страшно крварење. Падна од скалилото и го испушти пехарот.
Го однесоа во конакот.
Крварењето долго не престануваше.
Кога лекарот доведен од гратчето го запре крварењето – свештеникот беше целосно исцрпен.
Лежеше грбечки, жолт како лимон и тешко дишеше.
Лекарот му препиша лекови, му заповеда да лежи во кревет, чувај Боже, да не излегува, а веднаш штом ќе престанат дождовите – да отпатува.
Гриес – Давос – Закопане...
Лекарот зеде пари и си замина.
Свештеникот лежеше два дена. Третиот ден стана и појде да одржи богослужба, како и обично, од изутрина. Беше мошне пропаднат. Одеше со бастун и гласно кашлаше. Лицето уште повеќе му пропадна и пожолте. Наликуваше на сениште. Така минаа неколку недели...

3.

Една ноќ, кога дождот истураше во млазови уште од квечерината, во конакот почна да тропа еден маж.
Дојде по свештеник за родилката. Жената умираше.
Свештеникот гласно опцу, но се облече и замина.
Истураше студен и непрекинат дожд. Селото беше далеку. По патот накиснаа до гола кожа.
Го одведоа во чиста, богата одаја. Жената згаснуваше.
Штом го виде свештеникот, таа се крена на перниците и ја припи главата врз неговата рака. Исповедта започна:
„Детето што го родив не е негово, не е на маж ми“, промрморе жената.
` „Признај му на маж ти“, заповеда свештеникот.
„Мили боже... нема да издржи... на себеси и на децата болка ќе им нанесе... толку е достоинствен... забога“, се јадосуваше жената.
„Викнете го мажот“, рече свештеникот.
Во одајата влезе блед, плеќест маж и застана покрај креветот.
„Зборувај“, заповеда свештеникот.
Жената се поткрена на перниците.
„Валуш“, цвилеше, „одам кај бога. Бог самиот ќе ме казни, сѐ ќе ти кажам, како на света исповед“.
Запелтечи да земе воздух, потоа почна да зборува брзо и јасно.
„Детето што го родив, не е твое, на Вицек Шимчак е, Валуш, прости, одам кај бога...“
„Башка исто така не е твоја, на земјопоседникот е. Валуш, не заборавај на сираците. Не можеше да имаш деца, па така не ти се случила никаква неправда...“
Мажот стана бел како вар и ништо не одговараше.
Свештеникот ја заврши причеста.
Започна агонијата.

4.

Кога се врати дома, свештеникот доби уште подолго крварење од првото.
Доведениот лекар му вбризга желатин.
Зборуваше строго, забрани станување, препиша мраз и лекарства.
На заминување дофрли:
„Сега не се исплати да се оди на планина. Лош е периодот. Треба да се почека до пролет“.
Свештеникот разбра. Ништо не рече.
Неподвижно лежеше два дена, третиот ден стана, како првиот пат, и појде да одржи богослужба.
Тогаш случајно дозна дека жената, кај која беше онаа ноќ, умрела, а мажот од жал се поулавел. Ноќта со секира ги убил двете деца, а самиот се обесил на греда во амбарот.
Од тоа утро свештеникот уште повеќе пропадна и се повлече во себе.
Престана да исповедува, оправдувајќи се со болеста. Ги држеше само редовните богослужби, како и порано.
Очите му пропаднаа уште подлабоко, а вилицата, навлечена само со кожа, му се издаде нанапред.
Луѓето што го среќаваа, суеверно се прекрстуваа и долго го следеа со поглед.
Во селото се говореше дека свештеникот нема да дотурка до зимата и дека пред смртта го гризе совеста.
Непрестајно паѓаа долготрајни и поројни дождови.

5.

Една ноќ, иста како онаа, во конакот кај свештеникот се појави еден маж. Жена умирала на пораѓање. Свештеникот самиот му отвори и долго гледаше во мажот со ококорени очи, така што овој се уплаши да не му е лошо. Но, веднаш, во страв дека овој може да не сака да дојде, мажот почна да кука дека жената умира.
Како така ќе умре без свештеник.
Коњите се добри и не е далеку.
Свештеникот долго не одговараше. Потоа рече: „Чекај!“ и појде во длабочината на конакот.

6.

Пред Христос во нишата целата година гореше мала маслена ламба.
Кога свештеникот влезе во тремот беше речиси темно, само тесен сноп светлина од ламбата се прекршуваше со самракот, трепкајќи и пригаснувајќи.
Надвор лиеше дожд, тропотеше по лимовите на црквата, а ладен, остар ветер свистеше во стаклата и лупаше со вратите. Свештеникот се струполи на грб и долго лежеше молкум, потоа се подигна на колена, уште поблед, и почна да говори:
„Никогаш, Господе, за себе не сум те молел, иако многупати лошо ми било. Ти тоа го виде и го паметиш. Живеев како пес и таков умирам. Моја вина! Моја вина! Многу голема вина! Ама, еве, умира човек без свештеник и го чека словото Божје. Како можам неговите гревови да му ги простам, кога самиот јас сум полн со грев и вина! Ги крадев парохијаните. За сиромашните во мојот дом немаше милост. На вдовици и сирачиња неправди им нанесував. Со словото Божје се пазарев. Моја вина! Моја вина! Многу голема вина!“
Ветерот виеше зад прозорците и лупаше во портата, капките дожд татнеа по покривот.
„Со домаќинката имав деца. Црковни пари крадев“, закркоре свештеникот. „Две сирачиња и татко имам на совеста. Како можам на човек кој умира гревовите да му ги простам? Господе, очите мои не се достојни да го видат чудото за кое те молам, но, ете, човек умира и го чека Твоето слово. Господе, земи го мојот плашт и оди!“
Со главата тресна по подот, дури плочките застенкаа, и долго неподвижно лежеше, не кревајќи ја главата. Кога ја крена, устата веќе му беше полна крв. Христос неподвижно висеше со главата малку подведната и настранета, молчалив и каменен.
„Господе, товар поголем од силите стави врз плеќите на слугата Твој – гледаш, пропаѓам. Човек сум, како можам да го решавам тоа што е човечко? Господе, земи си ја назад милоста Своја, со којашто нас нѐ обдари. Во Светото Писмо кажано е: што е Божјо – на Бога е. Човек сум и не можам товарот да го подигнам“.
Уште еднаш тресна на подот и долго лежеше неподвижно и тивко.
Крв почна да му капе од устата и носот. Кога стана – беше замачкан во крв и страшен.
„Не сакаш?!“, врескаше. „Со маката на една физичка смрт би сакал светот да го искупиш? Нѐ обдари со клучеви, кои ни самиот не можеш да ги кренеш и сакаш ние наместо тебе да ги носиме?! Не ги сакам твоите клучеви! На ти ги, ти ги враќам!“
Почна од себе да ги соблекува свештеничките одежди и стуткани да ги фрла пред на распетието, сѐ додека не остана целосно гол, слаб и возвишен.
„Затоа што беше без срце и на човекот кој го чека словото Божјо му дозволи како пес да цркне, јас, црвот, на себе ја презимам маката Твоја, а ти ќе појдеш и ќе го понесеш мојот крст“.
Гол појде во сакристијата и кратко потоа се врати оттаму, носејќи чекан, клинци и клешти.
Потоа се качи на первазот од нишата и со клештите почна да ги корне клинците, со кои беше закован Христос.
Клинците од старост веќе се беа сраснале во дрвото и не попуштаа.
Долго се бореше со нив, крвта од устата му се стекуваше на подот, збирајќи се во голема, црна локва.
Најпосле попуштија.
Кога го извади третиот, го симна Христос и го положи на земја.
Беше тежок како олово, а спиците што стрчеа му ги раскрварија рацете.
Тогаш го крена чеканот и клиновите и уште еднаш се качи на нишата, а откако ја смести левата рака онаму каде што претходно беше раката на Христос, на неа стави клин и, придржувајќи го со закрвавените прсти, удри со чеканот.
Се свитка од болка, но удираше и удираше, уште и уште, сѐ додека главата на клинот не исчезна во зглобот.
Тогаш одеднаш крв му бликна во устата и висна на закованата рака, забревтан и модар...

7.

Кога човекот кој чекаше надвор почна веќе да се вознемирува и повторно да чука на вратата од конакот, го здогледа свештеникот како излегува од црквата со ќулавка навлечена врз очите.
Му помогна да се качи на колата.
Дождот истураше како од ракав.
До кај родилката се покажа доста далеку. Кога пристигнаа, веќе беше добро по полноќ. Во одајата на креветот умираше жена. Веќе тешко дишеше и со напор зимаше воздух. Свештеникот мораше да се наведне дури до нејзината уста за да чуе нешто.
„... минатата есен... Вицек – маж ми... се врати од војска... Имав дете со Јузек... водевме љубов... таму... зад амбарот... со Јузек... со секирата... ааа...!“, цвилеше жената.
„Се каеш ли за гревот?“, праша свештеникот.
„Никако... знам дека е грев... мажот да се убие... секако... но, за жалење, не жалам... Секогаш ме тепаше... ме малтретираше... добар збор не беше кажал...“
„Штом немаш покајание, жено, тогаш каков е твојот грев? Замини во мир“.
Жената гледаше во свештеникот со широко оџагорени очи.
Миг потоа почна да цимоли.
„Како тоа...? туку-така...? без прошка...? на вечни пеколни маки...? о, Исусе!... смилувај се...! ме тепаше... јас не сум виновна... о, Исусе...!“
„Ти велам, жено, каков е твојот грев, штом за него немаш покајание? Замини во мир“.
Но, жената му ја зграпчи раката на свештеникот и ужаснато зјапаше во него.
„...На суд Божји одам... како тоа?... туку-така... без прошка?... та јас сум христијанка... дајте ми прошка!... умирам...“
Се отвори вратата и влезе блед, убав маж со немирни очи. Очигледно беше дека сѐ слушал од пред вратата.
„Таа не е виновна, јас сум виновен“, му пријде на свештеникот. „На жена што умира нема прошка да ѝ дадете? Видете – умира...“
„Ви велам, луѓе, каков е вашиот грев, штом за него немате покајание? Оди си со Бога“.
Тогаш мажот му се приближи на свештеникот и со рацете го зграпчи за рамената, но во истиот тој миг се струполи како удрен од гром. Свештеникот излезе од одајата.
„... леле... без прошка... леле...“, жената умираше.

8.

Кога утредента наутро црковниот просјак појде во црквата да запали свеќи, со страшен крик истрча оттаму и јурна кон селото, мавтајќи со рацете.
Ништо не можеше да се дознае од него. Само ужасно врескаше и мавташе со рацете во насока на црквата. Се собра толпа домаќини и појдоа по него.
На тремот, на крстот, во нишата, наместо Христос, закован за едната рака висеше свештеникот, целосно гол, модар и згрчен.
Од устата му висеа мразулци од засирена крв, со која беше попрскан целиот под.
На земјата покрај крстот лежеа: чекан, клинци и клешти.
Дрвениот Христос никаде не беше пронајден.

Превод од полски: Филип Димевски
Слики: Marwane Pallas

ОкоБоли главаВицФото