Сите шведски средношколци ќе добијат примерок од книгата „Сите би требало да бидат феминистки“

09.12.2015 13:28
Сите шведски средношколци ќе добијат примерок од книгата „Сите би требало да бидат феминистки“

Неколку шведски организации одлучни за постигнување на родова рамноправност одлучиле примерок од книгата „Сите би требало да бидат феминистки“(We Should All Be Feminists) да им се даде на сите ученици/чки во средните училишта во државата.

Шведскиот превод на книгата на авторката Чимаманда Гози Aдичи настанала според истоимениот есеј адаптиран од наградениот говор на TED talk кој неодамна беше објавен, а на 16-годишниците во дел од земјата им се дистрибуирани над 100 000 примероци.

Организаторите/ките на проектот се надеваат дека наставниците/чките во средните училишта ќе ја инкорпорираат книгата во своите наставни планови. Исто така, во јануари планираат на наставниците/чките да им испратат прашања за дискусија во училницата, а од средното училиште Нора Реал велат дека се надеваат дека книгата ќе послужи како прв чекор кон отворање на дебатата за родовата рамноправност и феминизмот.

„Некои луѓе прашуваат: Што значи зборот феминист/ка? Зошто едноставно да не можеме да речеме дека ги застапуваме човековите права или нешто слично на тоа?“ – вели Адичи, додавајќи: „Се разбира дека феминизмот е дел од областа на човековите права воопшто, но кога би се одлучиле да користиме неодреден термин како што е човекови права, би ја ускратиле специфичноста и конкретноста на прашањата за родот. Тоа би било како да се преправаме дека жените со векови да не биле запоставуван дел од населението.“

Се тврди дека родовата рамномправност може да се постигне само ако општествата почнат да ги учат децата да се однесуваат рамноправно едни кон други и доколку ги повикуваат момчињата и девојчињата да ја надминат традиционалната перцепција на машкоста и женскоста, имајќи го предвид тоа дека истите „ја гушат хуманоста кај момчињата, и машкоста ја дефинираат во стеснети рамки. „Ги учиме момчињата да се плашат од слабоста, стравот, ранливоста. Ги учиме да ја прикриваат својата вистинска природа, бидејќи навидум мора бидат силни мажи“ – вели Адичи.

„Би сакала оваа книга да можеа да ја прочитаат сите мои соученици кога имав 16 години. Учеството во овој проект за мене има големо значење. Тоа истовремено е и подарок за сите ученици/чки од средните училишта, но и за сите нас, како и за идните генерации“ – вели Клара Берглунд, претседателка на шведското женско лоби.

Есејот на Адичи минатата година беше објавен на англиски јазик. Говорот од 2012 година на TED talk, преку Јутјуб каналот го погледнале повеќе од два милиони луѓе. Американската пејачка Бијонсе го семплираше нејзиниот говор во песната Flawless, која ги вклучува следните делови: „Ги учиме девојките да не се истакнуваат, да не доаѓаат до израз. Им велиме:„Mожеш да бидеш амбициозна, но не премногу.“

Во видео пораката за учениците/чките, Адичи вели дека според неа, праведноста е сржта на феминизмот.


„Јас сум феминистка затоа што сакам да живеам во еден поправеден свет каде што на жените никогаш не им се кажува што смеат, а што не смеат да прават, што би требале, а што не би требале да прават само затоа што се жени. Сакам да живеам во свет во кој жените и мажите се посреќни, во кој не се ограничени во поглед на родовите улоги. Свет во кој сите навистина се рамноправни. Затоа сум феминистка. Кога имав 16 години, мислам дека не знаев што точно значи зборот феминизам. Но, бев феминистка, и се надевам дека 16-годишниците кои ќе ја прочитаат оваа книга во Шведска, исто така ќе одлучат дека се феминисти/ки. Пред сè, се надевам дека ќе дојде тој ден кога нема да има потреба да бидеме феминисти/ки бидејќи ќе живееме во свет кој е вистински праведен и рамноправен.“

Извор: voxfeminae.net