Грујо ја сака мама, мама го сака Грујо

09.12.2015 14:26
Грујо ја сака мама, мама го сака Грујо

Квазипатриотизмот несомнено е еден од носечките столбови на чипуваната идеологија на груевизмот. Груевистите секако мислат дека го имаат ексклузивното право на љубов кон татковината и притоа ставаат знак на еднаквост меѓу припадноста кон нацијата и припадноста кон нивната партија. Притоа изведуваат чудна хипотеза по која излегува дека домољубието е нивна партиска придобивка и одличје само на нивната кауза, со тоа исклучувајќи ја можноста дека некој кој е надвор од нивниот тор може да ја љуби оваа земја; истовремено ја силуваат истата љубов негирајќи го фактот дека Македонија може и мора да се сака со сите нејзини бои и дека сите тие бои ја сакаат Македонија. Со таквиот партиско-идеолошки ексклузивитет врз правото на љубов, кој е сам по себе е апсурд, се врши злоупотреба на длабоко вдахновената емоционална состојба на државотворност во секој од нас, а ни се наметнува чувство на вина дека сме безмалку предавници на својот род и својата родина, само зашто не сакаме да го облечеме нивниот портокалов дрес, зашто не сакаме да палиме свеќа пред иконата на Св. Никола Економскиот Чудотворец, или зашто не сакаме да бидеме неми, глуви и слепи пред зулумот и апашлукот на неколкуте партиски деспоти кои по дневнополитичка потреба можат да станат светци, апостоли, маченици или волшебници од Оз...

Патриотизмот кој го проповедаат партиските ѓакони на груевизмот е намерно сведен на многу ниско и инфантилно ниво, а истиот се нуди преку мошне теснограда визура. Притоа се ползуваат само негативностите на истиот, а се сосечува секој обид тој патриотизам да се облагороди или да се надгради позитивно со некоја универзална општочовечка вредност. Работите се поедноставуваат до ниво на пцост.

-Грујо ја сака мама, мама го сака Грујо; Македонецот ја сака Македонија, Македонија го сака Македонецот; и толку... љубов смее да се има само кон „мама“, а сè што е надвор од ова врзивно оро не може и не смее да се сака; сè што е надвор од нашиот дом е наш смртен непријател, злонамерен странец кој ни мисли зло и ни чини зло... Смее и може да се сака само Македонија! Не излегувај надвор од топлата прегратка на „мама“ оти само „мама“ има љубов за тебе, а ако сепак мораш да ја напуштиш безбедноста на таа прегратка, тогаш ококорено мора да внимаваш на секој душман околу тебе, бидејќи си опкружен со здивени соседи кои сакаат да ти ја украдат цицката и да го исцицаат скапоценото млекото од градите на твојата бесценета мајка. Токму таков патолошки облик на патриотизам ни нудат груевистите и навистина не знам дали ова има некаква врска со историјата на болеста на нивниот Вожд, но таква е нашата реалност - Туѓото го мразиме, своето не го даваме! Застарен его-трип ископан на буништето на нашата скорешна историја. Девет години слушаме за Душмански соседи кои ја ораат нашата дедовина, која е настрана од нашата меѓа, плодница која е завештено наша иако ја гази туѓинец, парче земја кое е наше иако не е, а сепак за тоа не постои ниту една општо призната тапија која би сведочела за тоа наше наследство...

Околу нас се некои крволочни соседи, клептомани, кои се грабаат по нашето име, нашиот јазик, нашата црква, историја и што ти не... Наоколу се некакви испостени чудовишта кои немаат свое па се лакомат по наше... Параноја и страв од другиот, од поинаквиот, која несомнено нè води кон изградба на ѕид со висина од најмалку три до четири метри околу целата држава за да нè заштити од урокливите погледи на омразените ни соседи. Ниту еднаш никој од нив не направи напор да побара или не дај боже да потенцира некоја поуниервизална вредност на постоењето, дека пред сè сите ние сме луѓе, дека Европа е нашата заедничка цивилизациска лулка; а скраја да е, да се потенцираат многуте сличности како заедничка карактеристика на балканските народи, па кога ке станеме свесни за тој заеднички именител да не почувствуваме страв дека ќе го изгубиме своето ако засакаме нешто што и не е толку наше. Како во оваа држава никој да не сака да порасне и да сфати дека нема да ја извалка љубовта кон „мама“ ако искрено засака некоја жена. Па оттаму заклучокот дека груевистичкиот патриотизам е инфантилен и инцестуозен.

Оваа свое писание би го завршил со неколку директни пораки до поклониците на овој ортодоксен облик на груевистички патриотизам.

- Ако љубовта кон своето ја искажуваш со омраза кон туѓото, тогаш ти и не љубиш вистински, бидејќи љубовта ти е туѓа.

- Каква и да е, јас ќе ја сакам оваа земја; да, така е, и така треба да биде; но јас не сакам и нема да останам само на тоа... туку ќе сторам сè оваа парче земја да го направам поубаво место за живеење за кој било од целиот свет што ќе посака своето гнездо да го свие токму овде. Колку тој е поинаков од мене по нација, религија, боја и што годе друго, ако ја препознае Македонија како свој дом, ќе ме направи мене и отповеќе горд на таквата поинаква Македонија.

- Јас ги сакам сите бои во мојата земја. Македонија може да се сака преку која било боја. Македонија се сака со сите нејзини бои, а сите тие бои ја сакаат мојата Македонија!!!

 

Слики: Странски служби