Македонскиот песочен часовник

14.04.2010 11:08
1.jpg

Македонија Е во Европа.
Она што нам ни треба е
Европа да влезе во Македонија.

 

 Сите општества, без исклучоци, нужно поминуваат низ кризи. Не постојат општества без проблеми или кризи, се разликуваат само видовите кризи и начините на кои општествата реагираат на нив. Кризата во поранешна Југославија беше горе-долу слична со кризата во исто така поранешните Чехословачка и Советскиот сојуз, но суштински беа различни реакциите на нив: во случајот на Југославија крвава воена разврска, во Чехословачка договорно раздружување, додека во Советскиот сојуз реакцијата беше распуштање на партијата и нејзина замена со серија други централизирачки механизми распослани по новооформените земји произлезени од СССР.

Западните демократии постојано поминуваат низ кризни процеси, без разлика дали се работи за кризата околу „Уставот на ЕУ“, економската криза, кризата на моралот и легитимитетот на елитите, итн.

Како и да свртите, кризите се вградени во сите системи, тие се неизбежен дел од процесот на општественото битисување. Секогаш постои потенцијал „нешто да тргне по несакан тек“. Она што ги двои успешните општества од неуспешните е начинот на справување со своите кризи.

Еден од попопуларните демистификатори на денешницата Дејвид Ајк (David Icke) наведува тријада, или еден вид тричлен алгоритам, кој се пројавува во сите општествени кризи: Проблем - Реакција - Решение. Појавувањето и констатирањето на одреден проблем кој го доведува општеството во кризна состојба, нужно е проследено со реакции. Реакциите на кризите можат да се движат во некаков дијапазон од уличен протест до научна дебата. Општеството чувствува дека е боцнато, нападнато и предизвикано од одредени кризни фактори и веднаш реагира на нив. Следната нужна и неопходна фаза е наоѓање и нудење решенија за проблемите.

Кога, да речеме, американското општество го почувствува силно на своја кожа како проблем Џорџ (Дуплове) Буш, и неговиот придружен неоконзервативистички бенд, реакцијата беше противставување и решителна победа на Обама на изборите 2008. Фазата на решенија следеше со примена на мерките од оние кои ја презеле одговорноста за справување со проблемите. Колку преземените мерки се вистински решенија, е сосема друга дискусија. Смислата е во тоа доколку не понудите реално-остварливи решенија не можете до добиете ниту поддршка, а уште помалку легитимитет за решавање на проблемите и кризите.

Во случајот на Македонија, постојат некои специфики кои мислам дека го заслужуваат вашето внимание и време. Во текот на оваа полнолетна независност доминантен модел на справување со кризите беше ограничен на дијадата „проблем-реакција“. Ако мнозинството констатира извесен сериозен проблем тоа реагира на него и чека некакви резултати: не чини Бранко - дај Љубчо, не чини Љубчо - дај Бранко, не чини Ѕинго - дај Харалампие, не чини Велија - дај Ѕинго, неќеш Фарма - дај Големиот брат, и така натака додека сето тоа некако не ни доака. Нашиот одговор на кризите се сведува(ше) на моделот на песочен часовник: сврти го часовникот и почни од ново, нека тече времето на новиот лидер, партија, градоначалник, директор, селектор, што и да е. Во Македонија не мора да понудите решенија да за добиете поддршка и легитимитет за справување со кризата.

Решенијата никогаш не се дел од решението. Решението е или терање „контра“ или „ампутација“ на проблемите.

Во текот на тие петнаесеттина години, на речиси сите рамништа, отуството на план и решенија беше маскирано со писмени состави на темата „Шта се баби снило“ (да ми прости софрава на србо-кроатизмот). Па тука цела нација растрчана да пишува состави кои треба да се продадат како решенија и тоа со следниве тагови, или клучни зборови: просперитет, вработувања, интеграции, зачленување во НАТО, преговори, договори, реформи, инвестиции, грин-филд, или со други зборови „дрн-дрн јариња, сите сте магариња“, кога се фаќате на вакви мамци.

Последната епизода од овој процес (фамозните „100 чекори“) на вртење на песочниот часовник беше продолжение на истиов модел, ист до точка, само што на некого „генијално“ му текна да додаде бројки во неа. Истите транзициски небулози само со додадени бројки, 24/7, 100.000, 13%, 22%, трети според Светска банка, 8 милијарди, 150.000 компјутери, и така натаму. А ние фасцинирани, како пред нов гастарбајтерски Мерцедес паркиран во комшии, воскликнувавме: „Лелеј, извонредно, овде има бројки, мора да е нешто научно! Тоа е тоа!!!“ И попивме што попивме, а издржаноста на решенијата ги гледаме: наместо подобра економија и евро-интеграции имаме... - јарболи. Да се разбереме, нема ништо лошо во самите јарболи, уште помалку во веењето на државното знаме, но кога наместо подобра иднина и економија ќе добиеш само јарболи, сфаќаш дека си го изел стапот на демократијата.

Каде се решенијата? Опозицијата тврди дека ги има во своето писание наречено токму така: „Решенија“. Но, наместо да ги промовира и да ја брани нивната издржаност во јавноста, по матрицата на нивните „политички душмани“, не’ сморуваат и тормозат со пресови, изјави и спотови за „зло-ликовите и зло-делата“ на преродбата. Повторно буцкање кон јадосување, инает и „вртење на песочниот часовник“. Додека не се видат јасно решенијата, нема никакви промени. А промени нема дури ни кога претседателот со указна изјава ќе ја прогласи транзицијата за мртва. Проблемите нема да исчезнат ако ги наречете поинаку.

Моментната општествена реалност, зборувано на овие теми, кризи и понудени лажни решенија, по малку ми наликува на онаа ситуација кога нашите гастарбајтери сезонски се враќаат во своите родни краишта и парадираат со скапи автомобили по нашиве скапани патишта. Ние сите фасцинирани од нив, разлигавени сонуваме по ваквиот „Подобар живот“, не знаејќи дека повеќето од гастарбајтерите ги изрентале своите скапи колки во земјите од каде доаѓаат. Ете, колку да издефилираат, да си ја наполнат душичката, пред да се вратат во својата вистинска реалност.
Слики: Lauren Nassef

Слични содржини

Општество / Став

ОкоБоли главаВицФото