Младите ги брка сиромаштијата, но заминуваат и поради политиката

10.12.2015 10:21
Младите ги брка сиромаштијата, но заминуваат и поради политиката

Двајцата синови ми заминаа од дома да бараат подобра иднина надвор од Македонија. Останавме сами со сопругот. Многу ми е тешко и секој ден плачам, ама што да правам. Тие се среќни таму, имаат работа, убаво им е, и барем тоа ми е некаква утеха, раскажува скопјанката Катерина. Синовите ѝ заминале, едниот во Америка, другиот во Шведска.

– Работат таму и двајцата и се фалат дека им е убаво. Постариот син, кој замина во Америка, е со завршен Природно-математички факултет. Тука бараше работа, не можеше да најде. Од една политичка партија го лажеа дека ќе му најдат работа, се зачлени, трчаше за изборите и пак ништо. Еден ден, разочаран, одлучи да замине. Ми рече: „Мамо, имам струка со која можам да работам секаде, јас ќе си одам“. И што да му речам? Не оди? Тука седи без работа, без пари, да се нервираш? Подобро нека оди. И малиот син замина во Шведска, тој е со средно образование, но успеа да се вработи во фабриката „Волво“ и сега му е добро – раскажува Катерина со солзи во очите.

Проблемот со невработеноста ги мачи голем дел од семејствата во Македонија, а особено нивните помлади членови. Во последниот период сѐ повеќе млади разговараат на темата иселување од Македонија. Некои се обидуваат да најдат работа на црно, некои заминуваат со бугарски пасоши. Голем е бројот и на оние што одат на сезонска работа во европските држави или во САД и остануваат таму.

За заминување во Норвешка, размислува и Дијана, која има две деца, а вработен е само сопругот.

– Имам две мали деца. Веќе две години сум без работа, иако имам факултет. Сопругот има приватна фирма, но работата не му оди во последно време и најверојатно ќе ја затвори фирмата. Не знам што ќе правиме двајцата без работа. Сега разгледуваме можност да заминеме во Норвешка, во прво време сопругот, да најде работа, а потоа и јас ќе одам со децата – вели Дијана од Скопје.

Проблемот со невработеноста е најголемиот проблем поради кој младите одлучуваат да ја напуштат државата. Ниту една институција нема официјални податоци колку млади ја напуштиле Македонија. Пред две години Меѓународната организација на трудот соопшти податок според кој со 53,7 отсто невработени млади луѓе, Македонија е на врвот на светската листа за младинска невработеност. Загрижувачки делуваат и последните истражувања на релевантни домашни институции и здруженија на граѓани, според кои повеќе од 40 отсто од младите својата иднина ја гледаат надвор од државата.

Иако нема релавантни и прецизни податоци за бројот на иселените граѓани од Македонија, масовноста на иселувањето е појава што никој не може да ја негира. Според податоци на Светска банка, заклучно со 2010 година 447.000 луѓе се иселиле од земјава. Ако на тоа се додадат иселените во последниве пет години, чиј број не е прецизно утврден, но од година во година расте, не е изненадување што Македонија е рангирана во групата земји со најголема емиграција, пред сѐ економска.

Експерти и граѓански активисти кои се занимаваат со проблематиката на младите и нивното иселување, велат дека главни причини за нивното иселување се економските: бесперспективноста, недостигот на работни места, ниските плати, но во поново време сѐ позначајна причина станува немањето политичка и друг вид слобода.

Дона Костуранова, извршен директор на Младинскиот образовен форум, во изјава за весникот „Слободен печат“ посочува дека заминувањето на младите од Македонија се должи на различни фактори: социо-економски, образовни, политички и други.

– Покрај тешкиот пристап до вработување, предизвик за оние млади што ќе успеат да најдат работа се ниските плати, како и тоа што голем дел од младите не наоѓаат вработување во својата струка. За неизвесноста говори и тоа што за младите најпривлечен сектор за вработување е јавната администрација – вели Костуранова.

Според неа, многу млади заминуваат од земјава, не само во потрага по прва работа, туку и по подобро образование.

– Целокупно, образовниот систем кај нас се справува со слаб квалитет на образование, појави на корупција, недоволна ориентираност кон корисникот (ученикот или студентот), па дури и отсуство на елементарни инфраструктурни услови. Веројатно е дека и притисоците на кои беа изложени учениците и студентите во минатата учебна година, како и спроведуваните реформи со несакани ефекти може да се одразат на перцепцијата за образованието кај младите. Образовниот систем дополнително не ги подготвува младите за свое пласирање на пазарот на трудот, без работни вештини, со површна практика и без претходно работно искуство, на младите им е дополнителен предизвик да дојдат до работа – објаснува извршната директорка на МОФ.

Предизвик за младите е и почитувањето на политичките и граѓанските слободи и права.

Во поларизирана средина, многу млади се изложени на етикетирања и различни напади. За ова говори и автоцензурата – една половина од младите се плашат да го објават своето политичко мислење на социјални мрежи. Уште поспецифични се проблемите на младите од маргинализираните заедници. Младите со различна сексуална ориентација не можат да се чувствуваат безбедно и прифатено во Македонија и затоа некои од нив заминуваат некаде каде што ќе можат да имаат живот без дискриминација и говор на омраза – посочува Костуранова.

Владата го призна проблемот со иселувањето на младите така што пред година и пол изготви нацрт стратегија за спречување на одливот на младите, но познавачите не веруваат дека ваквата стратегија ќе помогне да се спречи бранот на иселување.

Извор: gragjanite.mk