Срам ми е да го гледам, слушам и читам Груевски

11.12.2015 00:35
Срам ми е да го гледам, слушам и читам Груевски

Никогаш не можев да прочитам ни четврт интервју на Никола Груевски. Ниту од ова последново. Никогаш не сум прочитала ниту едно негово интервју, ниту кое било интервју што го давал за телевизија, прес или говор сум ги догледала до крај. Причината е проста. Освен што се здодевни и бесмислени, ми било срам. Ми било срам да го гледам. Ми било срам да го слушам како зборува англиски, ми било срам да го слушам како лаже, ми било срам да го гледам како, ако не чита, не може да ја заврши реченицата, ми било срам поради неговата бесрамност, необразованост, поради неговата некултура, уличен манир на однесување и речиси простачки говор на тело комбиниран со гримаси, искривени насмевки и лош, многу лош хумор.

Не сум видела понехаризматичен човек, не сум видела политичар кој користи ниски удари како во улична борба на ситно криминални банди, неговата распашаност и безобразлук се немерени, нешто што ниту еден политичар, а камоли премиер кој држи до себе нема да го прави. Срам ми е што шета по светот и претставува една држава која ја блиндираше многу слично како мерцедесот за кој му било важно да го однесе на целта и да не го остави на пат. Уште една лага меѓу сите други. Срам ми е што не се срами. Што не знае за фер плеј. Да не е толку погубен по еден народ би бил само смешен. Страшни се неговите гафови, неговото непознавање на основни поими, неговата манипулација и глупост, манипулации махинации и „шепртљања“, лошотилак и празнотија. Му дадоа сила годините на власт и еден народ кого го претвори во свој клиент, па се шепури како паун, а нема пердуви ни на петел.

Не верувам дека Македонија кога било ќе може да избере за водач нешто полошо, посмешно и попогубно од него. Не знам зошто не се најде некој да му ја каже вистина. Или можеби токму поради тоа што ја знае, е толку лош. Лош човек.

 

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Свирачиња