1022 hPa
81 %
6 °C
Скопје - Чет, 14.11.2024 05:59
Состојбата со аерозагадувањето во повеќе градови во Македонија е алармантна. Населението се советува што е можно повеќе да седи дома, а неопходно е и да се преземат итни мерки од страна на власта, предупредуваат од Институтот за јавно здравје.
Д-р Драган Ѓорѓиев, национален координатор во областа здравје и животна средина, потенцира дека според процените, секоја година во Македонија од последици на загадувањето умираат по околу 1.050 граѓани. Последиците од загадувањето носат и огромни финансиски трошоци, околу 250 милиони евра или 3,5 проценти од македонскиот бруто-домашен производ, што е далеку над просекот во ЕУ, каде што последиците од аерозагадувањето значат 1 процент од БДП.
- Болниците се преполни и уште повеќе ќе се полнат. Но, веќе и не се важни толку дневните промени на бројот на пациентите. Бројките обично покажуваат дека во зимскиот период е зголемен бројот на пациенти со белодробни и кардиоваскуларни заболувања за 30 до 40 проценти. Но, она што покажуваат истражувањата во последниве години е дека од аерозагадувањето речиси нема орган во човечкото тело што не страда - вели Ѓорѓиев.
Тој посочува дека податоците покажуваат дека загадувањето во Македонија се зголемува, па ако просечното годишно загадување со ПМ 10 честици во 2013 година било 80 микрограми на кубен метар, ланската бројка е 150.
- Ова се бројки што Американската агенција за животна средина ги прогласува за нездрави нивоа на загадување, како во поглед на честичките со 2,5, така и со 10 микрони - потенцира Ѓорѓиев.
Тој вели дека во центрите за јавно здравје се врши обука на кадри, дека тие повеќе ќе соработуваат со општините, но и дека ќе се работи и на агитација меѓу населението.
- Населението не само што трпи од аерозагадувањето, туку и придонесува преку некритично користење на возилата, на горивата за загревање, непроверени инсталации во системите за греење. Според податоците со кои располагаме, во земјава има повеќе од 400.000 возила, а голем дел од нив се со стандард со кој не би поминале во европските земји - објаснува Ѓорѓиев.
Мерните станици, пак, покажуваат дека особено е загадено во ноќните часови. Така, ноќта меѓу вторникот и средата во Тетово се евидентирани 16 пати повеќе ПМ10 честички во однос на дозволеното ниво на среднодневни концентрации, во скопската населба Лисиче 11 пати повеќе, Центар и Карпош биле позагадени дури 7 пати, речиси такво енормно загадување е забележано и во Битола, Кичево и во Гази Баба.
Министерството за животна средина на својата страница објави и дека 5 последователни денови е надминат дозволениот праг на среднодневни концентрации од 50 микрограми на кубен метар на мерните места Кичево, Лисиче, Гази Баба, Центар, Карпош, Битола 1, Битола 2, Тетово и Ректорат.
Според Ѓорѓиев, за да се алармира населението, треба да се промени оваа методологија на известување, односно состојбата да биде алармантна ако аерозагадувањето е поголемо и во два последователни дена.
- Во вакви услови, она што е најбанално, населението треба да излегува што е можно помалку надвор. Треба да се преземат мерки и за оние што мора да бидат изложени на надворешен воздух, како на пример градежниците. Доколку се утврди потреба, една од мерките е затворање на градежните објекти. Сега во светот многу се зборува и за заштитни маски, но оние што не пропуштаат честички од 2,5 микрони, кои, пак, сочинуваат околу 70 проценти од загадените честички. Треба да се информираме дали вакви маски има воопшто на нашиот пазар - вели Ѓорѓиев.
Тој нагласи дека интерсекторската група во која учествуваат Министерството за животна средина, Министерството за здравство, Јавниот институт за здравство, Град Скопје и повеќе инспекторати, има закажано средба за загадувањето наредната недела.
Пушачите со поголем ризик, аортата пука како од шега!
Во услови на големо ареозагадување треба да се заштити и внатрешниот воздух, предупредуваат од Институтот за јавно здравје. Главни ризици за внатрешниот воздух се пушењето и издувните гасови од системите за греење.
- Ризикот од аерозагадувањето е три до четирипати поголем кај пушачите отколку кај оние што не пушат. Овој ризик се однесува и за пасивните пушачи. Односно ако ризикот е единица кај непушачите, кај пушачите три до четирипати е поголем ризикот да дојде до пукање на аортата и до мозочни и срцеви проблеми - вели Драган Ѓорѓиев, национален координатор од областа на здравјето и животната средина.
Извор: Слободен печат
Слики: Xiao Zhu