Нова мерка против загадувањето: Се воведува систем пар-непар за дишење!

11.12.2015 02:18
Нова мерка против загадувањето: Се воведува систем пар-непар за дишење!

Скопје, 11 декември 2015

Откако прскањето со калциум магнезиум ацетат не ги даде посакуваните ефекти во справувањето со загадувањето, од Град Скопје најавија нова заштитна мерка. Според изјавата на градоначалникот Коце Трајановски, од понеделник ќе стартува новата мерка со која ќе се воведе дишење по системот пар-непар.

„Станува збор за една мерка која ќе ја подобри борбата против загадувањето. За што се работи? Од понеделник ќе воведеме мерка на пар-непар дишење. Односно, доколку во затворен објект или отворен простор престојуваат повеќе од три лица, тогаш тие ќе мораат да вдишуваат и издишуваат по пар-непар принципот, односно тие што се родени на парни датуми ќе вдишуваат, додека тие што се непарни ќе издишуваат воздух. Можеби на некого ова ќе му се чини комплицирано, но ве уверувам дека сите брзо ќе се снајдат кога оваа мерка ќе почне да се применува. Значи, мерката ќе започне во понеделник напладне и резултатите од неа ќе ги видиме многу скоро“, изјави Трајановски.

Од Град Скопје потсетуваат дека и натаму важи препораката малите деца, трудниците, хронично болните и оние кои немаат потреба од движење, да не излегуваат надвор и да не ги отвораат прозорците.

Извор: kozanostra.net