А бе настинат Никола, ние немаме семејства?

11.12.2015 13:34
А бе настинат Никола, ние немаме семејства?

Никогаш полицемерен исказ не сум слушнал од Никола Груевски! Никогаш ништо поблесаво не сум прочитал од неговата „емотивна“ изјава во интервјуто за порталот Прес 24, во која тој, божем изненаден од лигавото прашање како се чувствува лично, прво „спонтано“ одговара дека го фатиле „неспремен“, потоа вели дека се чувствува добро, за на крајот да поентира: „Поминавме и јас лично и моите најблиски низ еден сериозен, доста бурен и навистина тежок период, во кој бевме под напад на една темпирана и однапред осмислена кампања за лична дискредитација, кампања која имаше цел да го урне Никола Груевски од позицијата премиер, да ги дестабилизира институциите на државата, да внесе немир, силна поделба, омраза, набој во македонското општество, особено во делот меѓу етничките Македонци. Сето тоа се прекршуваше и се прекршува на мој грб, но не само на мој, и на грбот на моите соработници и на моето семејство, кои се предмет на гнасна кампања“.

А бе Никола, настинат Никола! На ова требаше да мислиш уште во 2008 година, кога ти лично ја инспирираше и ја почна кампањата на затворање, оцрнување и прогон на твоите политички неистомисленици. Во неколку наврати јавно ти се обратив, порачувајќи ти да ги врзеш твоите пропагандистички песови, тие непрокопсаници кои те огласуваат за личен пријател, да престанете заедно со кукавичките атаци и ако ништо друго, барем да ги поштедите нашите семејства.

Не ти се слушаше, настинат Никола. Да не ти беа ушите затнати поради синусите? Или не ти беше гајле за нас. Оти само ти имаш семејство. Само ти имаш татко и мајка. Нашите родители смеат да се пцујат и да се навредуваат. Само ти имаш деца. Нашите деца смеат да се напаѓаат. Само твоето семејство има право на мир и на спокојство. Нашите мора да патат заедно со нас. Нас твојата партија нè прогласува за луѓе кои не заслужуваат да бидат дел од иднината на оваа земја, а твоите кучиња ни се закануваат дека ќе нè иселат и дека ќе нè убијат.

Ете затоа, настинат Никола, прво објасни им ти на своите најблиски какви гревови им стори на стотици невини луѓе и на нивните семејства, а после барај да те жалиме. Срам да ти е, лицемеру еден!

 

Извор: Плусинфо
Слика: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото