Од историјата на градот Глупов

11.12.2015 17:25
Од историјата на градот Глупов

Глупов е изграден на седум брега, како Рим. Градот го основале Удирачите со Глава победувајќи ги Косите стомаци и обединувајќи се со нив.

Еден од првите владетели бил Сечикесе, кој на власт дошол со предизвикување бунт меѓу народот. На почетокот бил успешен, но откако претерал со кражбите бил осуден на смрт. После него биле именувани уште двајца гувернери, со слични резултати, пред самиот крал да го преземе управувањето со градот. Неговите зборови „Ќе ве камшикувам до смрт!“ го одбележале крајот на раната историја на Глупов.

Градот доживеал своевиден процут за време на потполковникот Гихт, кој веднаш по своето доаѓање објавил дека дошол во Глупов на одмор. И покрај процутот, луѓето се сомневале дека Гихт се занимава со црна магија. Кога главата му ја отсекол дворскиот маршал во еден заговор, утврдено е дека таа е исполнета со паштета. После тоа со Глупов владееле полициски инспектори, чиишто таен план да ги потрујат сите градски кучиња ‒ со цел да ги опљачкаат сите месарници ‒ бил спречен.

Следниот гувернер, по име Иванов, бил толку мал што не можел да апсорбира ништо со поголем обем. Се раскажува дека починал во затвор бидејќи буквално не можел да ги запомни сите закони од неговото време. Други историчари напишале дека неговиот мозок атрофирал поради неупотреба, и дека тој се повлекол на село каде што ја зачнал расата на микро‒мозоците.

Иванов бил сменет од виконтот Де Шарио, кој на Глуповијанците се обидел да им ги објасни човековите права, поттикнувајќи ги да веруваат во божеството Разум. Луѓето тогаш започнале да градат кула, која не успеале да ја довршат поради недостиг од архитекти. Тогаш почнале да им се клањаат на словенските богови, а се прошириле корупцијата и неморалот. На крајот откриле дека Де Шарио всушност е женско и го избркале од Глупов.

Фрагмент од расказ напишан 1869 година
Слика: Свирачиња