Ректоре, ништо не ве пере, виновни сте за уништувањето на универзитетскиот комплекс!

13.12.2015 22:22
Ректоре, ништо не ве пере, виновни сте за уништувањето на универзитетскиот комплекс!

Ректорот Велимир Стојковски до Плусинфо достави документи од кои недвосмислено се гледа дека целата постапка за изградбата на новите објекти на ФИНКИ и на Факултетот за физичка култура е водена според законот.

Стојковски ни достави писма од деканите на двата факултета кои бараат да им се решат проблемите со просторот и потсетува дека инвеститор на зградите е Министерството за образование и наука, додека деканите учествувале во целата постапка, од проект до избор на идејно решение.

Плусинфо нема обичај да коментира информации во еден ист текст, но овој пат нема да оддолееме и на ректорот Стојковски ќе му се обратиме директно.

Ректоре, овој пат ништо не ве пере!

Никој не се сомнева дека постапката за изградбата на две згради во просторот на универзитетскиот комплекс во Скопје инвеститорот ја спровел законито. Оваа власт своите криминали ги спроведува согласно со Уставот и законот!

Од тој аспект, Вие не откривате ништо ново, ниту презентирате факти кои ја отфрлаат Вашата лична одговорност за ова злодело врз целината на просторот на универзитетскиот комплекс.

На секој просечно образован човек му е јасно дека уфрлањето на двете згради е злосторство спрема просторот, спрема архитектонскиот изглед на универзитетскиот комплекс и спрема Скопје. Како ректор, како човек што треба да ужива највисок авторитет меѓу Вашите професори и студенти, Вие сте биле должен прв да се спротивставите на ова урбано злосторство!

Не е спорно дека двата факултета треба да добијат нови објекти. Но, во Скопје има доволно празен простор тие да се изградат на друго место, а не да бидат барокни чиреви во универзитетскиот комплекс. Очигледна е намерата на инвеститорот да ја искомпромитира архитектонската слика на овој комплекс, а со тоа уште еднаш да се помоча врз автономијата на универзитетот.

Уништувањето на зеленилото е колатерална, иако не и небитна штета, која исто така оди на Ваша душа.

Овој пат навистина ништо не Ве пере, ректоре Стојковски! Очекуваме тоа овој пат јасно и гласно да Ви го кажат и студентите и професорите.

Извор: Плусинфо, 13.12.2015.
Фотографии: Константин Битраков

Слични содржини

Јавни Простори / Став / Екологија

ОкоБоли главаВицФото