Вистинскиот непријател

14.12.2015 00:17
Вистинскиот непријател

Има нешто лажно во свечените изјави дека сите сме во војна против Исламската држава - сите светски суперсили против една клеро-милитантна банда која контролира дел од некоја пустина. Не велам дека ИСИС не треба да се уништи, и тоа безусловно, без какво било „но“. Тука единственото „но“ се однесува на нужноста НАВИСТИНА да се посветиме на уништувањето на ИСИС, а не од патетични изјави и повици на солидарност на сите „цивилизирани“ сили против демонскиот фундаменталистички непријател.

Треба да се прескокне вообичаената литанија на левите либерали: „Против тероризмот не можете да се борите со терор, насилството раѓа поголемо насилство“. Време е за непријатни прашања: како е можно Исламската држава да опстојува? Како што знаеме сите, и покрај официјалните осуди и отфрлања од сите страни, постојат сили и држави кои премолчено ја толерираат и ѝ пружаат помош. На пример, додека во Сирија раскината од војна се водат жестоки судири помеѓу руската војска и терористите на Исламската држава, многу повредени борци на ИСИС преминуваат на турска територија и завршуваат во турските воени болници.

Како што неодамна рече Дејвид Грабер, ако Турција воведеше целосна блокада на териториите на ИСИС, како онаа во деловите на Сирија кои ги држат Курдите, а особено ако ја покажеше истата „добродушна немарност“ кон Курдската работничка партија (PKK) и курдските воени сили (YPG) како кон Исламската држава, оваа одамна би се срушила и можеби не би се случиле париските напади. Наместо тоа, Турција не само што дискретно го помагаше ИСИС згрижувајќи ги неговите ранети војници и овозможувајќи извоз на нафта од неговите територии, туку и жестоко ги нападна курдските сили, ЕДИНСТВЕНАТА локална сила која сериозно се бореше против ИСИС. Слични работи се случуваат и во Саудиска Арабија, клучниот сојузник на САД во регионот (на кој му одговара војната на ИСИС против шиитите), а дури и Израел е сомнително резервиран во осудата на ИСИС губејќи се во опортунистичките калкулации за ИСИС кој се бори против про-иранските сили, кои Израел ги смета за свој главен непријател.

Договорот помеѓу ЕУ и Турција објавен кон крајот на ноември, дека Турција ќе го ограничи приливот на бегалци во Европа во замена за голема финансиска помош (за почеток, три милијарди евра) е бесрамно одвратен чин, вистинска етичко-политичка катастрофа. Дали „војната против тероризмот“ треба да се води со прифаќање на турските уцени и наградување на еден од главните виновници за подемот на ИСИС во Сирија? Опортунистичко-прагматичното оправдување на тој договор е јасно (подмитување на Турција како најбрз начин да се запре приливот на Бегалци во Европа), но неговите долгорочни последици ќе бидат погубни.

Од позадината на оваа игра на интереси, до нас допира пораката дека „тоталната војна“ против ИСИС не е сериозна - актерите кои божем ја водат не се посветени на тоа. Сè поизвесно е дека овде не станува збор за судир на цивилизации (христијанскиот запад против радикализираниот ислам) туку за судир внатре во секоја од овие две страни: на христијанска страна, тоа е судир помеѓу Америка и Русија, а на муслиманска страна помеѓу сунитите и шиитите. Двете страни се преправаат дека војуваат против ИСИС, но чудовишноста на Исламската држава е само параван зад кој фрчат удари наменети за вистинскиот непријател.

Извор: New Statesman, 09.12.2015.
Слики: Tammam Azzam