Никола Гелевски: Груевизмот е масовен пад во варварство

14.12.2015 13:06
Никола Гелевски: Груевизмот е масовен пад во варварство

„Десетте години на груевизмот се најлошата деценија во Македонија во последниве стотина години (ако ги исклучиме двете светски војни, се разбира). Застрашувачки е степенот до кој се уништени институциите, опљачкани граѓаните, натерани на емиграција стотици илјади луѓе и исто толку сотрени или разболени. Долговите земени за криминалните потреби на режимот ќе мораат да ги враќаат неколку генерации“, пишува Никола Гелевски во предговорот на книгата Што е груевизам, која неодамна излезе од печат во издавачката куќа „Темплум“.

Со човекот што смета дека за да се бориме со груевизмот, потребни ни се волја, сила и знаење (како што би рекол, ем отпор спрема криминалците ем визии за нешто подобро), разговараме за самиот зборник и за актуелните политички и општествени прашања.

Терминот „груевизам“ го користите веќе долго време за да ги опишете состојбите во Македонија. Што претставува според вас груевизмот?

- Груевизмот во прв ред е деградација на македонската идеја за држава и цивилизациски пад. Самиот Никола Груевски тука е само гротескен симбол. Да, тој и неговата партија ВМРО-‒ДПМНЕ се изворот на злото наречено груевизам, но груевизмот не е Груевски. Дури не е ни исклучиво ДПМНЕ. Своевиден масивен (масовен) пад во варварство, и тоа е груевизмот.

Во еден од моите омилени романи последниве години, „Затворениот остров“ на Денис Лихејн, еден лик ја опишува хидрогенската бомба: „Кога ќе испуштиш бомба, дури и атомска, таа експлодира. Но, хидрогенската бомба имплодира. Се урушува самата во себе, т.е. минува низ цела низа внатрешни колапси. Не престанува да се руши. А целото тоа рушење предизвикува маса и густина. Се раѓа, значи, едно сосема ново чудовиште. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето. Во своето исчезнување, чудовиштето се шири. Од својата имплозија тоа создава експлозија, која е стотина пати, илјадници пати посилна од која било бомба во историјата“.

За македонското општество груевизмот е хидрогенска бомба. Општеството имплодира, се руши самото во себе, минува низ цела низа внатрешни колапси и не престанува да се руши. Колку е поголем крахот, толку е поголемо саморазурнувањето.

Колку длабоко е навлезен груевизмот во македонското ткиво? Како да се искорени тој феномен?

- Груевски наликува на оној тип автократи (Милошевиќ и Туѓман беа такви, да се задржиме на трагични примери од регионалниот контекст), кои психоаналитичарите ги споредуваат со пермисивни мајки кои на „своите“ палави деца им ги допуштаа сите свињарии, т.е. воопшто не им ги попречуваат на „своите“ народи често многу опасните нагони. Тоа е тој пад во варварство, непречено уживање во најлошите нагони: да се краде, да се лаже, да се манипулира, не само непречено, туку и да се биде награден за нискоста! „Не срамете се од просташтвото и насилството!“, им вели груевизмот на граѓаните. Попросто речено: груевизмот владее со масовна корупција и мимикрија ‒ и затоа е жилав и баеги капиларно раширен. Како да се искорени? Со принесување огледало - стратегијата на борба против Медузата со стотици змиски глави.

Велите дека целта на зборникот е да документира едно време на уништени институции, опљачкани и сотрени граѓани, како и да им оддаде почест за храброста на авторите. Што беше конкретен поттик да се зафатите со оваа работа?

- Книгата почнува и завршува со двајца луѓе што веќе не се меѓу нас, Никола Младенов и Роберто Беличанец. Починаа млади, но стигнаа да направат многу и да остават важно наследство. Тие двајца беа мошне важна инспирација за книгата. Освен тоа, смртта на Роберто, пред две и пол години, како нешто да измести во мене, и тоа баш во таа сфера, борбата против груевизмот, која ни беше заедничка, низ ГЕМ. Смртта на Роберто некако ме оддалечи од „првите линии на фронтот“, каде што најнепосредно се доживуваат идеите, чувствата, телата... Станав подистанциран.

Колку ваквите издавачки потфати можат да бидат противтежа на владините пропаганди, вклучувајќи го тука и „Скопје 2014“?

- Не знам дали во олку брутализирана култура и во олку варваризирано општество книгата како медиум има какво било значење, а не, пак, сила да му се спротистави на еден монструозен културно-политички феномен што нè дроби десет години. Мене ми се чини дека десетте години на груевизмот се најлошата деценија во Македонија во последниве стотина години (ако ги исклучиме двете светски војни, се разбира). Застрашувачки е степенот до кој се уништени институциите, опљачкани граѓаните, натерани на емиграција стотици илјади луѓе и исто толку сотрени или разболени. Долговите земени за криминалните потреби на режимот, ќе мораат да ги враќаат неколку генерации. Една книга, се разбира, не може да направи речиси ништо против тоа. Но, тоа е мојата работа: сакав да оставиме историски документ за ова невреме.

Кој е, според вас, најефективниот метод (или најефективните методи) за интелектуална артикулација на незадоволството и лекување на еродираните вредности?

- Една од најважните причини за книгата е желбата да ги издвојам храбрите луѓе што свесно (а можеби и инстинктивно?! можеби тој слободарски рефлекс и не е рационален, туку е баш антиразумски?!) избраа десет години да бидат мета на малтретирање и прогон. Мојот метод на борба е да го работам она што најдобро го знам: да произведувам текстови, книги, поинакви погледи, културни стратегии... Што се однесува до конкретнава книга, „Што е груевизам“, важно ми беше таа да не биде премрачна (иако суштината на груевизмот се мракот и лагата); впечаток е дека се изморивме и се заситивме од непрегледното црнило во овие бескрајни десет години. Преземајќи го ризикот дека го „озабавувам“ монструозниот политички и културен феномен, решив голем дел од тој зборник да биде во знакот на хуморот, сатирата, бурлеската... Тоа го постигнавме и со стотината „креирани и монтирани“ фотографии вметнати меѓу текстовите. Тие ја прават книгата помалку траорна и позабавна за читање и прелистување.

Во книгата „Носорози“ на Ежен Јонеско опишана е една апсурдна ситуација во која луѓето зафатени од епидемија, масовно се претвораат во носорози. Не можејќи ја да избегнат неминовната судбина, ликовите постепено почнуваат да ја гледаат „убавината и супериорноста“ на овие животни и нивната грубост и насилност стануваат пожелни за преживување. Колку во нашата држава е алармантна фетишизацијата на криминалот?

- Има една чудесна приказна за Александар Велики, една од моите омилени. Кога Александар почнал да ја гради Александрија, едно крдо морски чудовишта секоја ноќ почнувало да се појавува од морето и да ги руши штотуку поставените темели. Кралот тогаш наредил да се направи стаклен кафез, во него да се стави еден уметник и целата направа да се спушти во длабочината на морето каде што уметникот би можел да ги нацрта непоимливите чудовишта. Кралот потоа наредил на брегот да се издигнат џиновски статуи, засновани врз цртежите на уметникот, и да бидат свртени кон морето. Кога страшните морски суштества повторно излегле на плажата и ги виделе своите двојници, тие замавтале со пераите и засекогаш исчезнале.
За разлика од александриските чудовишта, македонските повеќе наликуваат на зомбии (или „носорози“, ако сакате) и масовно се раширени меѓу населението. Овде сеништата владеат, а фасадите и халуцинациите на овдешното џепно деспотче се „реалност“. Како што реков погоре, еден од начините за справување со чудовиштата е стратегијата на Персеј: медузата ја гледаш само во одразот на сопствениот штит и така ја победуваш.

Се разбира, во „стварноста“ борбата е прилично крвава и приземна, а не поетична и метафорична. Свесен сум за тоа. Груевизмот е немилосрдно чудовиште, а заслепувањата со огледалца е една од тактиките да се совлада.

Ќе си дозволам прашањево да го формулирам малку песимистички. Можеме ли воопшто наскоро да очекуваме „подобри времиња“, кои нема да проголтаат нови генерации во црните дупки на општествената патологија?

- Ќе дојдат подобри времиња, се разбира. Тоа се некакви историски циклуси. Можеби не направивме доволно овој да не трае толку долго... Својата мисија, својот живот, го гледам во тоа да им одам во пресрет на работите, а не да ги чекам. Сега е важно да го создаваме она што ќе дојде по груевизмот. Разбирам дека главниот дел од енергијата мора да се посвети во ударот да се сруши монструмот, но мене ми е важна и енергијата после, што ќе мора да создава. Таа енергија ќе мора да се буди, на сите можни начини. Кршов треба да го расчистиме и да почнеме со изградба одново.

„СКОПЈЕ 2014“ ТРЕБА ДА СЕ КОНЗЕРВИРА,
КАКО НАЈСЛИКОВИТ ДОКУМЕНТ НА ЗЛОДЕЛАТА

Во една ваша колумна пишувате:„ Желбата за чудо овде се претвори во чудовиште“. Дали македонскиот народ ја изгуби демаркацијата помеѓу „чудото и чудовиштето“, по толку чинови од претставата што му се одигрува пред очи?

- За време на Втората светска војна еден висок германски офицер го посетил ателјето на Пикасо во Париз. Кога офицерот на ѕидот ја видел „Герника“ и, шокиран од модернистичкиот „хаос“ на сликата, го запрашал Пикасо: „Ова вие го направивте?“, Пикасо студено му одговорил: „Не, тоа вие го направивте!“

Можеби заради тој одговор на Пикасо и заради сличната тактика на Александар со чудовиштата, стратегијата на справувачите со архитектонските, урбанистичките и културните морбидности на груевизмот, треба да биде на таа трага? Можеби СК014 токму треба да се заштити и конзервира, како најсликовит документ за злоделата?! (Се разбира, не обврзно на истиот простор, кој сепак ќе треба да служи за живот, а не како музеј...) Можеби кај СК014 треба да го формализираме токму суштинското: тој проект е тематски (етно?!) парк изграден од еден психопат и клептократ со бескрајно лош вкус... Можеби, значи, СК014 ќе треба да го прогласиме за заштитен тематски парк на злосторствата на груевизмот?! Можеби и на тој начин ќе ја воспоставиме загубената граница меѓу „чудото и чудовиштето“...

Фотографии: Борче Поповски
Извор: Слободен печат
 

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото