Правна држава или диктатура?

14.12.2015 16:07
Правна држава или диктатура?

Читајќи ја студијата „Правна држава или диктатура?“ од Херман Хелер, влијателен теоретичар на државното право во Вајмарската Република, налетав на ислучително јасна и луцидна анализа на македонската современа „политичка криза“, односно на системските својства на нашата државно-правна и политичка реалност. Се разбира, нашата современост Хелер ја „скенирал“ во далечната 1930, во време на најголемата светска економска криза, кога европските либерално-капиталистички демократии една по една пропаѓаа во диктатура, а авторитарниот државен капитализам се сметаше за успешно решение за земјите што не можеа да се „кренат“ по Големата војна. Во студијата Хелер на ингениозно едноставен начин ги издвојува суштинските својства на капиталистичката диктатура, и токму затоа неговите констатации се совршено применливи во анализата на современите регресивни трансформации на либерално капиталистичките државни форми во авторитарни општества какво што е и македонското под власта на Груевски. Како централен пример за изведување на тезата дека диктатурата всушност претставува нешто сосемa спротивно од правната држава, (иако диктаторите се хронично опседнати со донесување на закони и хистерично повикување на нивната изопачена верзија на „правна држава“), на Хелер му служи тогаш ширум светот многу популарната капиталистичка диктатура на Бенито Мусолини - фашизмот, единствената нова политичка идеја во дваесеттиот век.

Социолошкото, политичкото и правното значење на модерната правна држава, според Хелер, може да се разбере само како „владеење на законот“, како краен резултат на процесот на општествената рационализација во смисла на пропишување на правила за сите општествени активности што подеднакво ќе важат за сите припадници на заедницата. Организациската основа на вака разбраната правна држава мора да биде Монтескјеовото учење за поделбата и рамнотежата на власта, а оваа пак мора да се темели на политичката слобода што на граѓанинот му ја гарантира „спокојната душа што настанува од довербата што секој ја има кон сопствената сигурност“. Се разбира, таа слобода е незамислива доколку еден ист човек или група на луѓе би ја вршеле истовремено и законодавната и судската и извршната власт. Но, правната држава политички организирана во либерална демократија со стриктна поделба на власта, сепак не е структурално заштитена од автодеструкцијата, од сопственото изопачување, што најлесно се изведува со празнење на значењето на самата идеја на владеењето на правото. А пак, празнењето на идејата за правото во процесот на изопачувањето на правната држава во диктатура, се изведува со злоупотреба и заборавање, па и бришење на значењата на правните поими и нивното одвојување од моралните, социјалните и хуманите вредности. Конечно, празнењето на идејата за владеење на правото неминовно води кон претворање на инструментариумот на некогашната правна држава во државна машинерија испразнета од човештина, во бездушна номократија, што потоа станува најефикасното оружје за владеење на диктатурата. Како предметот на анализата на Хелер да не била фашистичка Италија, туку библиската Македоња, Земјата на Испразнетите Значења!

Елем, фашизмот е, според Хелер, капиталистичка диктатура што се појавува во време на општествени кризи во кои мнозинството од населението страда од криза на идентитетот, чувство на пониженост и страв од егзистенцијално сиромаштво. Оваа запалива формула ја наметнува психологијата на стадо кај популацијата чијашто дезориентираност може да се „зацврсне“ одвнатре единствено со митско јадро што треба да ја исполни вознемирувачката идејна празнина. Бидејќи национализмот е единствениот медиум во кој вирее митологијата на фашизмот, тоа го прави сам по себе најпогодна религија за овладување со стадото. На тој начин диктатурата ја инструментализира редуцираната национална свест во техника на владеење со непрекинати делби и дробења на општеството, со вечна цел од единственото библиско стадо на бели овци да ги издвои црните овнови за клање. Неизбежната апсолутна корумпираност на капиталистичката диктатура Хелер ја докажува со примери од италијанската фашистичка диктатура, каде што за првите осум години владеење било изведено неподносливо богатење на високите државни службеници – елитата на Партијата на фашистите. Тоа алчно самотовење на фашистичките властодршци било предмет на најпроширената шега во тогашна Италија, со која иницијалите на Националната фашистичка партија P.N.F. се читале како: per necessita famigliare, демек, за фамилијарни потреби. Неподносливо слично со нашето: За потребите на Фамилијата.

Сепак, најстрашната форма на корупција во современата диктатура е онаа што долгорочно претставува далеку поголема опасност по националното здравје од економското богатење на политичката елита. Тоа е корупцијата на политичкиот дух и волја, самооткажувањето од граѓанската слобода и достоинство, што настанува поради фактот што современата капиталистичка диктатура мора неизбежно да почива на лагата за мнозинското совпаѓање на волјата на народот со волјата на диктаторот. Суштината на оваа најстрашна корупција и распаѓање на духот е што таа го принудува населението на најодвратно политичко лицемерство и лага, притискајќи ги - како што пишува Хелер - луѓето „во стомак“. Во процесот на „притискање на стомакот“ на населението учествува целиот државен апарат, во злосторничко здружување со корпоративниот капиталистички „реален сектор“, што ги вработува сите оние што не се вработени директно во државните органи и јавните служби. Оваа корпоративистичка спрега помеѓу економската и политичката моќ била пресудна за тоталитарната контрола на населението во фашистичка Италија, па била дури и нормирана со уредбата од 6 декември 1928 во која работодавачите при вработувањето имале обврска да им дадат апсолутно предимство на членовите на фашистичката партија. Ајајај, колку безнадежно исто како во груевистичка Македонија!

Хелер не доживеал да види каков бил историскиот одговор на неговото прашање – правна држава или диктатура, ниту пак како завршија нациите што ја избраа диктатурата наместо правната држава. Но, европската колективна меморија би морала да го памети крајот на Втората светска војна, а и ние Македонците би требало да го знаеме правилниот одговор на Хелеровото прашање. Но, не е така: иако е повеќе од очигледно дека капиталистичката диктатура - особено ако е од фашистичка провениенција - е најспротивното нешто од правната држава, како е тогаш можно фашизоидната диктатура на Груевски сè уште да се третира како правна држава? За Македонците не се чудам, тие се од умор затапени жртви што чекаат миг од светските висови или чудо од небесата, но, што му е на Светот, оглупавел, што ли? Не ќе да е, белки, да не му е гајле? Што им е на лидерите на Слободниот свет, на чуварите на идејата за либералната демократија и владеењето на правото: не можат да препознаат фашизам во клептократската партиска држава на Груевски? Или, не сакаат да признаат дека овозможиле една земја кандидатка за членство во Европската Унија, во нивните пазуви да се развие во криминална мафијашка држава во која се загрозени сите човечки права и слободи и во која секојдневно се исмејува и самата идеја за правна држава? Инаку, како да се објасни што политичките криминалци што ја ограбија државата за милијарди евра и ја силуваа демократијата во повеќегодишна „реденка“, јавно го повторуваат делото без да бидат уапсени и притворени?

Извор: Слободен печат
Слики: Butcher Billy