Опасноста од нихилизам

15.12.2015 10:58
Опасноста од нихилизам

„И, така последниот човек на Земјата долго време ќе скита, ќе скита, и ќе ја најде последната жена (на Земјата)“ - девет годишната внука ми го раскажува последниот филм што го гледала. „Одвратен филм“, коментирам. „А филмската индустрија заработува огромни пари со вакви нихилистички филмови. Немој да ги гледаш!“


Сеопштото преовладување на материјализмот и изедначувањето на уметноста со сè (друго само не духовно), односно, или со идеологија или со фетишизам - потрошувачка, на ниво на ready-made и/или животна филозофија (која може да биде сè и сешто) + плурализам (сè е дозволено, нема ограничувања), е за жал отворање на можноста за крајна дискриминација и истиснување на духовното од ликовната уметност.

Линија на помал отпор, меинстрим, втопување во колективната (не)свест, без многу да се размислува за смислата на животот, без многу оптоварување со „духовни“ нешта, хедонизам, заведени и замаени од фантазмите на виртуелната реалност на мас-медиумите, или, накратко, „материјалистички кошмар“, е општата тенденција во нивелирањето. Бегство од соочување со себеси и тонење во колективна неодговорност. Во заднината на тие појави во игра се многу подлабоки и опасни инстинки!

Добро, комуникацијата овозможена од технологијата и социјалните мрежи се шири, но отуѓувањето и понатаму е длабока бездна што зјае (фрагментација)!

Денес, веќе исчезна секоја пристојност! Сè со сешто се меша и можам да заклучам дека златната духовна нитка е скоро изгубена! Уметноста како да ја изгуби силата на нешто духовно, нешто убаво - возвишено кон кое треба да се стремиме (не дека нема таква уметност, туку брутално е потисната во втор план како небитна).

Значи, тоа многу опасно движење на деградација на ликовната уметност се случуваше до пред некое време. „Сè поминува“, уште повеќе ако има поголема доза на патологија или перверзија да ни ги дразни сетилата или да нè шокира!

„Познато е дека во Хегеловиот енциклопедиски филозофски систем, во рамките на апсолутниот дух, уметноста се јавува како прв облик на самосфаќањето на духот во неговата сетилна (созерцателна) форма, потем, преку претставата се преминува кон религијата, за на крајот да пристигне кон третиот, највисок облик - филозофијата - местото каде што апсолутниот дух се сфаќа себеси во чистиот поим. Во вака замислениот и поставен систем, јасно е дека уметноста се превозмогнува бидејќи е сетилно познание и најниска форма на реализација на апсолутниот дух. Таа е една завршена етапа, та затоа и може Хегел да го прогласи 'крајот на уметноста' и да укаже во Воведот кон неговите 'Предавања за естетиката' (, Естетика‛) дека уметноста со оглед на својата највисока намена е нешто што му припаѓа на минатото‛ ”.*

„...затоа што уметноста во самата себеси има определена граница и поради тоа преминува во повисоки форми на свест.“

„...нејзината форма не претставува веќе највисока потреба на духот“.

„... Умирањето напредува толку полека што се потребни неколку столетија. (...) Решението во однос на Хегеловиот став сè уште не е паднато.“**, се надоврзува Мартин Хајдегер.

Значи, уметноста ќе изумре бидејќи интелектот на човекот, замаскиран како дух, ќе биде (само)(за)доволен и неговата креација - идеите ќе ги заменат уметничките дела! Ова дури и многу успешно се распространи, и за малку сите ќе бевме убедени дека е така! Разни теоретичари го презедоа тоа, се задаваше краен удар на духовното, уметноста е мртва, таа се изедначува со кој било и каков било предмет, сè е уметност, едно потполно осквернување и дотолчување...

Што всушност се случува во целава оваа приказна за умирање на уметноста? Дали она што за некои е деградација, за други е израз на апсолутна слобода? Што е тогаш слобода? Ако повеќе не може да се одговори на прашањето што е уметност, тогаш можеби е подобро да истражуваме што не е уметност? Да се истражува кој е тој најмал заеднички именител во уметничките дела што ги прави да бидат уметнички... Според мене проблемот не е толку сложен, како што изгледа!

Се случува едно големо превртување, едно големо upside-down. Се случува големо превртување, заблуда, бидејќи она што вистински умира, според законот на Еволуцијата, е токму егоцентризмот, а со умирањето на егоцентризмот умираат и лажните идеи за нас самите... Сето тоа, вистинско умирање, се случува за да се отвори пат, да се пробие духовното во полн сјај, во следната етапа.

Ако Хегел се сложи со изумирањето на егоцентризмот и со крајот на логоцентризмот, дали и понатаму ќе тврди дека уметноста постепено изумира? Тогаш, верувам дека уметноста ќе добие друго значење за него и тој ќе го промени своето мислење!

Она што умира е „идејата“ за нас самите, а она што ќе остане да живее е вистината за нас самите. Вистината за нас самите е она што Е, и со „нас", и без „нас"!

Сите нихилистички тенденции во ликовната уметност и во теоријата, ја деградираат уметноста, и го деградираат човекот. Тие се како слепа улица, нигде не водат и завршуваат во мрак, незнаење, заблуда...

Со другите уметности, на пример музиката и поезијата, за среќа, ова не е случај. Овие уметности не се воопшто (или не во толкава мера) навлечени на нихилизам како ликовната уметност. Ликовната уметност има уште еден друга карактеристика која во голема мера придонесува за нејзината општа состојба. Таа појава е моќта која е поврзана со ликовната уметност.

Арт бизнисот е еден од најголемите, најпрофитабилни бизниси. Во арт бизнисот лежи голем извор на заработувачка, па затоа постои голем интерес (не мислам од страна на уметниците, пред сè) од страна на одредени структури кои се занимаваат со овој бизнис, за уметничкото дело (кое сега се сведува на и се фиксира во „цврст" предмет) да врзат огромна сума пари, капитал кој постојано расте...

И токму како отпор на овој бизнис, меѓу другото, настана концептуалната уметност, во нејзината почетна, чиста форма. Според концептуалните уметници кога не постои „материјално" дело туку само чиста идеја се укинува бизнисот со ликовната уметност! Но дали тоа остана така или и од концептуалната уметност се направи бизнис? (А зарем може тоа да се избегне со оглед на улогата на капиталот во западната, а сега глобална култура?)

Дали rеady–made e фетиш? Ако не, дали е алхемија? Нема трето. Бидејќи конкретноста на едно „дело“ е најконкретна тука. Еден од двата услови едно дело да биде уметничко според Доналд Каспит е алхемијата. Алхемија има во делото, прво, ако се случила во уметникот. Но, алхемија подразбира преобразба на битието, не разбирање на интелектуално, сензуалистичко или некакво окултно ниво! (Во тој случај нема алхемија, туку магија и окултизам!) Ако постои алхемија, значи преобразба, тоа води кон слобода, а кога нема таков внатрешен процес се заскитува во некакви пара-мистични сфери и се завршува со обожавање на фетишот!

Уште еден отпор кон „моќта" во уметноста се манифестира како смрт на авторот, според Ролан Барт.

Кај Ролан Барт, смртта на авторот се случува и поради влегување во една општа културолошка структура на претопување на искуствата (минати, сегашни, идни).

Моето скромно разбирање на „смрта на авторот“ значи ослободување од товарот кој авторот (треба да) го носи, како „место“ во кое се случуваат сите тие „моќни“ акции на уметноста. Уметничките дела, носачите на „моќта“, еднаш завршени, не се повеќе во аурата на уметникот. Тие живеат сопствен живот. Можеби на некое повисоко ниво кое сè уште не го разбираме има некаква врска меѓу авторот и делото, но товарот на авторството, на уметникот како проклето суштество со голема мисија што ја има во овој свет, тој психолошки набој е надминат. Според мене, позитивното значењето на смрта на авторот е во тоа што уметникот станува празнина, белина, „никој и ништо“ (Кристева). Чувството на моќ и проклетство, што одат заедно, се надминува со едноставноста и радоста кои доаѓаат од Срцето (себството, психички-духовното битие)!

Нихилистичките тенденции во ликовната уметност и теорија, се неминовна појава во кибернетичката ера, како резултат и на експанзијата и постојаната пристапност до безброј информации, кога квантитетот на информациите го задушува квалитетот на искуството. Бидејќи денес сè е „лесно“ достапно преку електронските медиуми, човекот е алчен интелектуално да зграби што повеќе. Тоа е тотално свртување кон надвор. Нихилизмот јакне кога при ова тотално свртување кон надвор, умот, со центар во егото, гради приватна империја од мисли, идеи и емоции во цврст-крут систем-свет и таа империја владее со животот. Тогаш духовната нитка се прекинува, а животот, како витална енрегија и инструмент на Духот со центар во Срцето, е задушен. Се разбира, јас не сум против технологијата и сите удобности кои таа ги овозможува. Благодарение на неа, целата планета Земја со безброј животни облици и културите на разни народи, како и целокупното знаење ни е сега на дофат и тоа е фантастично! Но, едно е сигурно, човекот има внатрешна природа од која треба да произлезe неговиот свет. Тој свет треба да се искреира, екстрахира низ духовни искуства. На тој начин човекот ќе се воздигне над сè подлабоката криза во која запаѓа. Тоа е најтешкиот пат, но токму него треба да го избере!

______________________________________________________

*Иван Џепароски, Естетика на Возвишеното,(2. За возвишениот завршеток на уметноста : Георг Вилхелм Фридрих Хегел), стр.70-71
** Мартин Хајдегер, Праизбликот на уметничкото дело

Слики:
1. Марсел Дишан, Fountain, 1917, реплика 1964
2. Марсел Дишан, L.H.O.O.Q., 1919

Слични содржини

Култура / Уметност
Култура / Уметност
Уметност

ОкоБоли главаВицФото