Создавање урбано општо добро (1)

15.12.2015 13:55
Создавање урбано општо добро (1)

Градот е место каде се мешаат луѓе од сите видови и класи, неволно или во страшно брзање, што резултира со создавање општо добро со постојан променлив и варијабилен живот. Општиот карактер на тој живот долго беше предмет на толкување од страна на урбанистите од сите видови, и неизбежна тема на широкиот спектар евокативни дела и претстави (во романите, филмовите, сликите, видео засписите и слично) кои настојуваат да го втемелат карактерот на тој живот (или конкретниот карактер на животот во конкретен град на одредено место и во одредено време) и неговите подлабоки значења. Покрај тоа, во долгата историја на урбаниот утопизам се забележани сите можни видови човечки настојувања да се создаде град во поинакво светло, повеќе „според нашата најдлабока желба“, како што се изразува Парк. Неодамнешното оживување на потенцирањето на претпоставеното губење урбани општи добра одржува навидум длабоки влијанија врз неодамнешниот бран приватизации, оградувања, контрола на просторот, следења и надзор на квалитетот на урбаниот живот воопшто, а особено во однос на можноста за градење или спречување нови форми на општествени односи (нови општи добра) во рамки на урбаниот процес кој е под влијание или пак доминација на интересите на капиталистичката класа. Кога Харт и Негри, да речеме, тврдат дека мораме да ја набљудуваме „метрополата како фабрика за производство на општи добра“, тие го предложуваат тоа како влезна точка за антикапиталистичката критика и политичкиот активизам. Како и правото на град, оваа идеја звучи допадливо и интригантно, но што би можела таа да значи? И како се однесува тоа на долгата историја на дискутирање и расправање за создавањето и користењето на ресурсот општо добро?

Заборавив колку пати ја видов класичната статија на Герет Хардин за „Трагедијата на општото добро“, наведена како несоборлив аргумент во прилог на супериорната ефикасност на правото на приватна сопственост во поглед на користењето на земјата и ресурсите, и заради тоа несоборливо оправдување на приватизацијата.1 Ова погрешно сфатено читање делумно потекнува од повикувањето на Хардин на метафората на стоката, каде во рамки на приватната сопственост неколку поединци заинтересирани за максимизирање на својата лична корист ја пуштаат стоката на пасење на земјиште кое е општо добро. Со додавањето нова стока сопствениците стекнуваат лична корист, а секој пад на плодноста на земјата, до кој доаѓа како резултат на тоа, го сносат сите корисници. Заради тоа, сите пастири продолжуваат да набавуваат нова стока сè додека заедничката земја не ја изгуби сета своја продуктивност. Доколку и стоката била чувана како општо добро, се разбира, метафората не би функционирала. Овој пример покажува дека приватната сопственост над стоката и однесувањата кои водат кон максимизирање на личната корист се наоѓаат во срцето на проблемот, а не општиот карактер на ресурсите. Но ништо од тоа не било темелна грижа на Хардинг. Негова преокупација бил растот на населението. Личната одлука да се раѓаат деца, се плашел тој, на крајот би довела до уништување на глобалните добра и исцрпување на сите ресурси (како што тврдел Малтус). Според неговото мислење, единственото решение можело да се најде во авторитарната регулативна контрола на популацијата.2

Го наведов овој пример за да разјаснам дека начинот на кој се размислувало за општите добра премногу често и самиот станувал затворен во далеку потесна група претпоставки, многупати воден според примерот за оградување на земјата која се појавувала во Велика Британија од доцниот среден век наваму. Како резултат на тие практики, често доаѓало до поларизација на мислењата помеѓу, од една страна, заложбите за решавање на приватната сопственост и, од друга страна, заложбите за авторитарна државна интервенција. Од политичка перспектива, целиот овој проблем бил замаглен од инстинктивната реакција (зачинета со поголеми дози носталгија за некогашната одамна постоечка морална економија за општи акции) или за или (што било повообичаено на страната на левицата) против оградувањето.

Елинор Остром во својата книга Управување со општите добра изгледа дека разбива некои од овие претпоставки.3 Таа во своето дело систематизира антрополошки, социолошки и историски податоци за долгите временски интервали, кои ја потврдувале тезата дека, ако пастирите би разговарале меѓусебно (или ако би се придржувале до културните правила за разменување) тогаш би биле во состојба да ги решат сите прашања од општ интерес. Елинор Остром покажува врз основа на бројни примери дека поединците можат да измислат, а тоа и го прават често, генијални и во најголема мера практични колективни начини за управување со ресурсите од општ интерес заради лична и колективна корист. Нејзината цел била да утврди зошто во некои случаи тие успевале во тоа, а во кои услови не успевале. Нејзините студии на случај „ги рушат убедувањата на многу политички аналитичари дека единствениот начин за да се решат проблемите во врска со корпоративната општествена одговорност (КОО) е надворешните власти да наметнат целосно право на приватна сопственост или централизирана регулатива“. Наместо тоа, тие демонстрираат „разновидни мешавини јавни и приватни посредувања“. Вооружена со тој заклучок, таа била во состојба да влезе во битка со таа економска ортодоксија која ја согледува политиката поедноставено, само преку оптиката на дихотомниот избор помеѓу државата и пазарот.

Но, повеќето нејзини примери вклучувале само околу стотина присвојувачи. Сè што наоѓала, а ја надминувало таа бројка (нејзиниот најголем пример опфаќал 15.000 луѓе), барало структура на одлучување според образецот „гнездо“, бидејќи непосредното преговарање помеѓу сите поединци било невозможно. Тоа подразбира дека организациите во форма на гнездо, и на тој начин во одредена смисла „хиерархиските“ форми на организации, се неопходни за решавање масовни проблеми, каков што е глобалното затоплување. За жал, поимот „хиерархија“ е анатема во конвенционалното размислување (Елинор Остром го избегнува) и денес вирулентно е непопуларен, како и повеќето левичарски поими. Единствената политички коректна форма на организација во многу радикални кругови е онаа која е недржавна, нехиерархиска и хоризонтална. За да се избегне импликацијата дека некои видови уредувања во форма на гнездо веројатно се нужни, потешко е да се избегне прашањето како да се управува со општите добра на највисоко ниво, наспроти управувањето на пониско и локално ниво (на пример, проблемот на глобалното население кој беше предмет на проучување на Хардинг).

Јасно е дека овде се соочуваме со аналитички тежок „проблем на нивото“, кој бара (но не добива) внимателна евалуација. Можностите за разумно управување со ресурсите од општ интерес, кои постојат во еден план (како што се заедничките права за користење на водата која заемно ја делат стотина фармери во мал речен басен), не се пренесуваат и не можат да се пренесат на проблеми како што е глобалното затоплување или дури на регионалното ширење кисел талог, кое е поврзано со електричните централи. Кога „скокаме од ниво на ниво“ (како што сакаат да кажат географите), целата природа на проблемот со општите добра и можностите за наоѓање решенија се менува драстично.4 Она што изгледа како добар начин да се решат проблемите на едно ниво не важи на некое друго ниво. И, уште полошо, не е нужно очигледно добрите решенија на едно ниво („локални“, така да се изразиме) да се натрупуваат (или пак да опаѓаат во бранови) за да бидат дел од добрите решенија на другото ниво (на пример, глобално). Ете зошто метафората на Хардинг толку измамува: тој го користи пониското ниво, наведувајќи го примерот на приватниот капитал кој оперира на општата платформа, за да го објасни глобалниот проблем, како да нема никаков проблем во промената на нивоата.

Патем, тоа е и причината зошто драгоцените лекции добиени од колективните организации на солидарните економии на пониско ниво не можат да се претворат во глобални решенија без прибегнување кон формата „гнездо“, значи хиерархиските организациски форми. За жал, како што е веќе споменато, идејата на хиерархијата денес е анатема за многу сегменти од опозициската левица. Фетишизмот на организациските преференции (на пример, чистата хоризонталност) премногу често му стои на патот на истражувањето соодветни и делотворни решенија.5 Да бидам јасен, јас не велам дека хоризонталноста е лоша (впрочем, сметам дека таа е одлична цел) туку дека мораме да ги прифатиме нејзините ограничувања како владејачки организациски принцип и да бидеме подготвени да одиме далеку над тоа кога е неопходно.

Исто така, има голема конфузија околу односите помеѓу општите добра и претпоставените лоши страни на оградувањето. Во големата шема на нештата (особено на глобален план) некаков вид оградување често е најдобриот начин за да се зачуваат одредени видови вредни општи добра. Тоа звучи како контрадикторен став, а тоа и е, но тој ја рефлектира вистинската контрадикторна ситуација. Ќе биде неопходно да се донесе драконски акт за оградувањето во Амазонија, на пример, за да се заштитат биодиверзитетот и културите на домородното население како дел од нашите глобални природни и културни општи добра. Тоа речиси сигурно ќе бара државната власт да ги заштити таквите општи добра од малограѓанската демократија која ја карактеризираат краткорочните интереси за парична добивка, што резултира со пустошење на земјиштето, на кое никнуваат плантажи соја и сточарски фарми. Според тоа, не можат да се отфрлат сите форми оградување како лоши сами по себе. Производството и оградувањето некомодификувани простори во немилосрдно комодификуваниот свет, секако е нешто одлично. Но, во овој случај може да се појави и друг проблем: протерувањето на староседелското население од неговите шумски живеалишта (како што често се залага Светскиот фонд за зачувување на природата) може да се смета за неприродна мерка за зачувување на биодиверзитетите. Едно добро може да биде заштитено за сметка на друго. Кога ќе се огради некоја природна залиха, се забранува јавен пристап. Меѓутоа, опасно е да се верува дека најдобар начин за заштита на еден вид општо добро се постигнува со забрана за располагање со некое друго општо добро. Постојат изобилство докази, кои, да речеме, ги пружаат плановите за заедничко управување со шумските стопанства, дека двојната цел за унапредување на живеалиштата и растот на шумските фондови, споредено со овозможувањето пристап на традиционалните корисници на шумски ресурси, често завршува со унапредување на двете цели. Сепак, не е секогаш лесно да се започне дискусија за идејата за заштита на општите добра по пат на оградување ако таа идеја треба активно да се истражи како антикапиталистичка стратегија. Всушност, општото барање на левицата за „локална автономија“ е фактичко барање за некаков вид оградување.

Принудени сме да заклучиме дека прашањата за општото добро се контрадикторни, и оттука секогаш спорни. Зад овие препирања стојат противречните општествени и политички интереси. Навистина, „политиката“, како што забележа Жак Рансиер, „претставува сфера активности од општ интерес која секогаш може да биде само предмет на спорење“.6 Најпосле, аналитичарот често е соочен со проста одлука: На чија страна си ти, чии општи интереси сакаш да ги заштитиш и со кои средства?

На пример, денес богатите се навикнати да се заградат во изолирани заедници во чии рамки се дефинираат општите добра кои се однесуваат исклучиво на нив. Во принцип нема разлика помеѓу тоа и педесет корисници кои меѓу себе ги делат општите водени ресурси, не обрнувајќи внимание никому. Богатите се дури толку дрски што тргуваат со своите ексклузивни урбани простори, третирајќи ги како традиционални селски имоти, како во случајот со Кирландското јавно добро во Феникс (Аризона), кое се опишува како „урбано село со простор за малопродажни дуќани, ресторани, канцеларии“ итн.7 Радикалните групи, исто така, можат да ги обезбедуваат просторите (понекогаш преку промовирање на правото на приватна сопственост, како во случајот кога заеднички купуваат некоја зграда која би била користена за некакви прогресивни цели) од каде можат да ја унапредуваат политиката за општа акција. Или, пак, можат да основаат комуна или совет во рамки на некој заштитен простор. Политички активните „народни куќи“ кои Маргарет Кон ги одредува како централни за политичката акција во Италија во раниот дваесетти век, биле токму од таков вид.8

Сите форми на општи добра не бараат слободен пристап. Некои од тие добра (како воздухот што го дишеме) го подразбираат тоа, додека други (како што се улиците во нашите градови) во принцип се слободни, иако се регулирани, обезбедени со полициска контрола, па дури и приватно водена во форма од областа за унапредување на работењето. За разлика од нив, некои други општи добра (каков што е ресурсот јавен водовод што го контролираат педесетте фармери) уште од самиот почеток се ексклузивни за одредена општествена група. Повеќето примери кои ги дава Елинор Остром во својата прва книга се од тој вид. Покрај тоа, таа во своите почетни истражувања го ограничила своето анкетирање на таканаречените „природни“ ресурси какви што се земјата, шумите, воденото богатство, рибниците и слично. (Велам „таканаречени“ затоа што сите ресурси се само проценки, во технолошка, економска и културна смисла, и оттука се општествено дефинирани.)

Подоцна, Елинор Остром заедно со многумина колеги и соработници, продолжила да истражува други форми општи добра, како што се генетските материјали, знаењето, културните добра и слично. Исто така, овие општи добра денес се загрозени преку практиката на комодификацијата и оградувањето. Културните добра стануваат стока (и често се цензурирани) под влијание на индустријата на наследството која ѝ се покорува на дизнификацијата, на пример. Правата на интелектуална сопственост и патентирањето генетски материјали и научно знаење, воопшто, се творци на една од најактуелните теми на денешницата. Кога издавачките куќи наплаќаат за пристап до статиите во научните и техничките списанија кои и самите ги издаваат, лесно е да се воочи проблемот на пристапот до она што треба да биде знаење за општото добро, слободно за сите. Во изминатите приближно дваесет години дојде до експлозија на проучувањата и практичните предлози, како и до жестоки правни спорови во врска со создавањето општо добро во вид на знаење со слободен пристап.9

Културните и интелектуалните добра од последниот вид често не подлежат на логиката за оскудност или ексклузивност во користењето како што се применуваат на повеќето природни ресурси. Сите можеме да ја слушаме истата радио емисија или да гледаме ТВ шоу, а тоа да не мора да влијае на намалувањето на нивното значење. Културните добра, како што пишуваат Харт и Негри, „се динамични, и ги вклучуваат, како производот на трудот така и средството за идното производство. Овие општи добра не се само земјата што ја делиме туку и јазиците што ги создаваме, општествените практики што ги воспоставуваме, начините на социјализација кои ги дефинираат нашите односи, итн“. Овие добра се градат со текот на времето и, по правило, се пристапни за сите.10

(продолжува)

____________________________________________

[1] Garrett Hardin, :The Tragedy of the Commons”, Science 162 (1968): 1.243-8; B. McCay and J. Acheson, eds., The question of the Commons: The Culture and Ecology of Communal Resources, Tucson, AZ: University of Arisona Press, 1987.

[2] Вчудоневидувачки е колку многу левичарски аналитичари сосема погрешно го разбираат Хардин во овој поглед. Така, Масимо де Ангелис, The Beginning of History: Value Struggles and Global Capital, London: Pluto Press, 2007: 134, пишува дека „Хардин конструирал оправдување за приватизација на просторно заснованите општи добра во наводно природна нужност.“

[3] Elinor Ostrom, Governing the Commons: The Evolution of Institutions for Collective Action, Cambridge: CUP, 1990.

[4] Eric Sheppard and Robert McMaster, eds., Scale and Geographic Inquiry, Oxford: Blackwell, 2004

[5] Анархистичкиот теоретичар кој сериозно го третира овој проблем е Мареј Букчин, кој во: Remaking Society: Patchways toa a Green Future, Boston, M.A: South End Press, 1990: и: Urbanization without Cities: The Rise and Decline of Citizenship, Montreal: Black Rose Books, 1992. Marina Sitrin, Horizontalism: Voices of Popular Power in Argentina, Oakland, CA: AK Press, 2006, пружа возбудлива одбрана на антихиерархиското мислење. Исто така, види: Sara Motta and Alf Gunvald Nilson, Social Movements in the Global South: Dispossession, Development and Resistance, Basingstoke, Hants: Palgrave Macmillan, 2011. Водечки теоретичар на овој владејачки антихиерархиски поглед на страна на левицата е Џон Холовеј (John Holloway, Change the World without Taking Power, London: Pluto Press, 2002.

[6] Jacques Ranciere, цитиран во: Michael Hardt and Antonio Negri, Commonwealth, Cambridge, MA: Harvard University Press, 2009: 350.

[7] Elizabeth Blackmar, “Appropriating ‘the Common’: The Tragedy of Property Rights Discourse”, во: Setha Low and Neil Smith, eds, The Politics of Public Space, New York: Routledge, 2006.

[8] Margaret Kohn, Radical Space: Building the House of the People, Ithaca, NY: Cornell University Press. 2003.

[9] Charlotte Hess and Elinor Ostrom, Understanding Knowledge as a Commons: From Theory to Practice, Cambridge, MA: MIT Press, 2006.

[10] Hardt and Negri, Commonwealth: 137-9.



Извор: David Harvey, Rebel Cities: From the Right to the City to the Urban Revolution, Verso, London, 2012

Слики: Алден Глин, интервенции во урбаниот простор

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија

ОкоБоли главаВицФото