Нека биде средено и топло

15.12.2015 18:02
Нека биде средено и топло

КАКО СТАНАВ ЦВЕТ

се превртив наопаку
се извртев низ себе
како излезен од одрана
кожа: соголен и болен
од допирите на ветрот.
се најдов сам и смирен
пред нишанот на светот:
ме болеше воздухот
галежен врз месото,
нервите ми беа раширени
како латици среде лето,
капки нектар и крв и слуз
привлекуваа роеви пипала,

навалица од рилки и крилја
врз моето месо, врз моето
свежо месо. се превртив,
застанав сам и смирен
пред нишанот на светот.
02.09.2013, 02:10


НОЌНИ ЛЕТАЧИ (ЖЕД)

ноќва, собава стана сврталиште
за ноќни пеперуги и јадри зелени
скакулци: влегуваат низ сите
ширум отворени врати, како
слободни мисли во дневник.
ослободени од темнината,
навалија ноќните летачи
во собава, жедни за светлина,
жедни по нишката помеѓу
животот и смртта: егзалтирано
радување околу топла светлина,
до последното затреперување на
крилјата (или додека не успеам
да ги спасам од прегорување,
пеперугите), збудалено скокање
врз предмети, залудно барање зелено
за да се стопат со околината (скакулците),
во собава полна светли бои, во големава соба
во која само јас и чудовиштната машина
сме црни.
и тивки сме, како ноќта која
ги сокрива сите свои градници
и свилени гаќички: како пред наезда
на разулавени дивјаци кои со сè свое
би се нурнале во тие толку женски
мириси – жедни по нишката помеѓу
смислата и потполното согорување.
03.08.2013, 00:27


ШИРОЧИНА, МИЛОЗЛИВА И МИЛА

широк е просторот, широк како ветар
незаузден. нареди сè, нанижи сè. и себе.
широко е наоколу: одѕвонуваат отфрлени
ламарини, тропоти здивот на светот низ
набиени издишки. летаат покриви, низ вител
тонат неупотребливи оџаци: силно дува
низ просторот, низ широчината. дрвја
искоренети и дрвени куќи во шуми направени:
сè одлетува. небаре трошки од изгорени писма.
никаде нема да ги најдеме тие пеплосани букви.

гласови се нижат низ шилото на ветрот: прпелкаво
како низ усни залиени од силна болка. мириса.
на сол, на тишина, на нагмечено месо мириса.
небаре полен, се разнесува здробената срцевина
кон океаните. и, како јато планктони, завршува
низ забите на китот. се гали со тие огромни заби,
влегува во нова широчина. од густа вода и мириси
на утроба создадена, тоа е широчината во која сопира сè.
13.06.2012, 00:58


СВЕТЛИНИ ОКОЛУ ПАТЕКИТЕ

ги чистам дамките од масата,
бришам отпечатоци од течности,
пепел и барут – некаде треба
да се тргне. бришам посветено
и прецизно, чистам траги.

ќе загазам низ снегот, ќе направам нови
патеки – широки и весели, ко светлини
распрснати преку планетата, разиграни
ко моите немирни чекори: треба да се тргне.

средувам и местам, како порано кога чекав
гости – знам дека сум сам, знам дека никој
нема да дојде: нека биде средено и топло.

ќе тргнам со носот напред, ко загар, во потрага по уште
барут. ако дошло до тоа, ќе застанам пред нишанот.

средувам и чистам, како да се збогувам со светот.


СМРТТА ИМА КОСА ОД МОРСКА ТРЕВА

во последно време
често помислувам дека ќе умрам
набргу. тивко. затоа на сите им велам
дека ќе живеам барем уште педесет години.
слатки измами кои никого нема да повредат.

во последно време
често помислувам дали да си ја исечам
косата. одеднаш. често се гледам во сандак
со мека постава со боја на течно старо злато.
па помислувам дали на милите ќе им бидам убав мртовец.

затоа, ножиците ги чувам
што подалеку од дофат, уште подалеку
од мислите. кога веќе ќе умирам, нека ме таков:
со коса, со брада, како симнат од икона. или како
тукушто тргнат од шанк.
навистина, нема голема разлика.

во последно време
не помислувам на ништо посебно. доволно ми е
што понекогаш преспивам. не сонувам. ме будат птици.
нема луѓе во моите соништа: само површини и простори:
ме чекаат со нетрпение, да заиграме весел танц со смртта.

во последно време
навистина помислувам дека ова е последно
време. смртта е убава жена со продорни очи и
дланки претенки за мој вкус. има коса од морска трева,
има допири од алги. мириса на жена која отсекогаш сум ја познавал.
08.11.2010 02:10

Овие пет песни се земени од Фејсбук профилот на Игор Исаковски, а објавени се во збирките „Смртта има коса од морска трева“ (2013) и „Песни од големата соба“ (2014)

Слики: Christer Karlstad
Исаковски на Окно

ОкоБоли главаВицФото