Драга Савета, имам проблеми со синусите, дали сум измачуван!

16.12.2015 11:24
Драга Савета, имам проблеми со синусите, дали сум измачуван!

Висат кај мене на ѕидот како куртони со кои нивните обожавани војводи ја растураа Македонија десет години. Се цедат во коментарите на фејсбук-профилот. Сотирани се и пандирани, ристијанирани и мирчирани, глупантропни, да, секако, но некаде низ времето останале без агресивноста, без голата агресивност што им беше така својствена, а која никогаш, во ниту еден случај, не успеаја да ја врзат во мотивите за својот предмет. Лигави се во паничните обиди да се спуштат од своите викендички во облаците на нивото на чувствата, резоните и страстите на луѓето што така убедливо ги унесреќија.

На што се должат тие, драматични би рекол, промени во културниот код, ако може така да се каже, на преторијанската гарда на вмровската примитивност?!

Мислам дека сè извира од ослабнатите батерии во нивните чипови. Мора да ги тријат како што ние ги триеме во дланките истрошените батерии на далечинскиот управувач за да дојдеме до омилениот Шител и прекрасниот лик на главниот идиот. Второ, поради тие ослабнати батерии, во страничните погледи, сè уште низ некаква измаглица, тие добиваат сигнали дека орото што го водеа десет години е завршено и дека тоа што се слуша во далечината е вообичаениот туш на барабанот и на тарабуката за енде. Трето, како кај грепките на Лотарија на Македонија, полека им се открива општата слика за тоа дека мисијата во која со толкава страст и енергија учествуваа, не била мисија за ослободување од комуњарите и Југословените, од соросоидите и сличните „антимакедонисти“ што ја создадоа Македонија во жестока битка со нивните дедовци, туку злосторничка, злосторничка на начин што не е забележан во историјата на светската цивилизација. Четврто, дека таа несреќа не е само општа, не се однесува само на уништените перспективи на една држава и на два милиона народ, на една нација, на сто години историја, туку дека тие со своите активности или неактивности имаат директни врски и одговорности со несреќите на конкретни луѓе, меѓу кои има и многу кои не се живи затоа што имале несреќа да се најдат на патот на вмровскиот катарпилар со шоферот со болни синуси. Петто, тие чувствуваат дека тоа што го стекнале како имот во овие десет години, не е имот на комуњарите како што им кажуваа во походите за да им ја елиминираат грижата на совеста и да ги напумпаат со агресивност, туку имот на најголата беда во Македонија, дека на по илјада души им ги слекувале гаќите за да се прчат со шишенце „сан пелегрино“ во кафеаните! Шесто, злотворите полека разбираат дека степенот на разорувањето на државата е толку голем што државните институции не се во состојба да им пружат минимум ексклузивна заштита. Лидија и Марко и Трајко или четворицата говњари од таканаречените медиуми или онаа будала од Водно, можат да претаат, да одолговлекуваат, да се циркузираат колку сакаат, но не се повеќе во состојба да ѝ испорачаат на врхушката ништо! Натинг, пиши пропало!

Сега се во фаза во која инстинктот им вели дека треба да паднат во мекоќата под општото ниво и дека од шминката на патриоти и големи Македонци, која им се цеди низ лицето, треба да направат маска на жртва, на нешто што ги дразни чувствата на обичниот човек, вообичаените сентименти. Со отворени и бесмислени, но упорни обвинувања дека агресивни се, всушност, жртвите на нивните недела што си дозволуваат да кажат што сè овие монструми им имаат направено. И затоа се уфрла приказната за тоа како се чувствува вршителот на должноста премиер, информацијата за неговите синуси и за грбот врз кој се сè уште свежите траги од камшиците на темпираната и дискредитирачка критика, и други медиумски чирибучириба трикови, кои гневот на народот треба да го претворат во сочувство кое ќе придонесе, ако не да се обезвинат злотворите, тогаш да се одоброволат тие што треба да ги казнат.

Тој пресврт има уште една функција, многу важна функција, тој треба да спречи паѓањето на злосторничката енергија да се претвори во кревање на општонародната еуфорија. Ова е многу важен аспект. Со напомена дека освен ВМРО, за контролата на општото емотивно ниво се задолжени и СДСМ и меѓународниот фактор.  

Мене ми се чини дека целата идеја за решавање на таканаречената политичка криза е сместена во надежта дека еден дел од општеството нема да забележи што, всушност, се случува, дека друг дел ќе забележи, но ќе разбере дека му е подобро да се прави дека ништо не забележал. Тука е убиствениот микс меѓу оние што веќе се поблесавени и оние што ќе поблесават кога ќе откријат дека блесавоста е состојба на духот која обезбедува опстанок. Опстанок на скот, но опстанок! Со други зборови, интенцијата е да се аклиматизира преостанатиот дел од општеството на ненормалната ситуација, а не ненормалните да се средат, излечат, позатворат, обезимотизираат и ресоцијализираат во едно колку-толку нормално општество. Таков е впечатокот.

Жижек пишува дека надворешната политика на САД користи детални стратегии за контрола на штетата така што народните побуни ги пренасочува во прифатливи парламентарно-капиталистички рамки!

Не би се согласил до крај со славниот словенечки филозоф. Сите знаеме многубројни примери во кои САД стимулирале сосема обратен правец на движење на процесите, од узурпираните парламенти кон отворени вонинституционални побуни, вистина, многу често со трагични резултати. Но, Македонија е очигледно во режимот за кој говори Жижек!

Тоа што личеше на сериозна побуна во мај годинава успешно е пацифизирано преку таканаречениот пржински процес затоа што беше оценето дека ниту побунетиот народ што го предводеа граѓанскиот сектор и Социјалдемократскиот сојуз, ниту режимот на Никола Груевски, не се во состојба да победат и да обезбедат контрола во услови на фронтален и општ судир. 

Дотука се јасни и слабостите и придобивките на овој процес. Можно е, дури, преку бадјуовското ретроактивно создавање на Настанот од последиците што ги остава и врз кои се работи, еден ден Пржино, Ванхауте и Бејли да бидат големи случки и личности, но како мислат тој процес да го заокружат на „фер и демократски избори“, тоа навистина не ми е јасно. Можеби, ако изборите реши да ги набљудива Шестата флота од Драч. Јас знам дека Злото ќе се обиде на тие избори да го овери вонсудскиот договор со самото себе и дека за таа оверка ќе биде спремно да плати сè, ако треба и во туѓа крв. Некој за таа евентуалност треба да ја преземе одговорноста. Ја разбирам благородноста на идејата за елегантно и институционално заминување на Злото, но прашање на моралот и на политичката култура е валкањето на изборните материјали со името на Злото и шансата што ќе ја добие на тие избори да победи со огромноста на отуѓените ресурси или со нивна помош да направи хаос!

Можеби е попаметно да го оставиме мочуриштето да се подзасуши уште малку па да ги испофаќаме тие змивчиња и црви или да им ги ставиме на штрковите, ене го април, кај и да е ќе долетаат!

***

Си умислував дека расправите за декриминилизацијата на клеветата што многу интензивно се водеа пред некоја година, се журки што се организираат како невини, малограѓански, би рекол, платформи на страсната врска меѓу претседателот Насер и министерката Гоца, нешто како политичкоеснафска камуфлажа, коска за олајавачките кучиња на метрополата, но откако ми јавија дека и Оливер бил поканет во здружението да дивани со Селманита за слободата и безбедноста на новинарите, ми стана јасно дека фасцинацијата на нашиот драг лидер со министрите за внатрешни работи, не може да се сведе само на сомнежите за љубовните аспекти, туку дека тука се кријат и сериозни идејни моменти кои ја прават врската меѓу МВР и ЗНМ гранитно цврста.

Мене, пак, ме фасцинира редукцијата на темата за слободата и безбедноста на полициските аспекти. Јас знам дека прашањето на слободата и безбедноста е културно прашање, односно прашање на културата, на општиот амбиент, на културното милје во кое живееме! Не може да се бара безбедност и слобода без да се смени општата ситуација, тоа прашање, значи, не е за министерот за внатрешни работи, тоа е прашање што сите треба да си го поставиме самите на себе. Така ли е Селмани или не е така? Башка, за да расправаш за безбедноста на новинарите треба да имаш новинари и медиуми, а јас не сум сигурен дека во македонската флора растат такви растенија!

Извор: Слободен печат
Слики: Свирачиња