Премиерот со кој Канада веќе нема да биде досадна земја на снобови

16.12.2015 11:46
Премиерот со кој Канада веќе нема да биде досадна земја на снобови

Во Канада првпат за премиер е избран син на поранешен премиер, со што, нема сомнеж, е родена новата политичка династија, како оние во САД, од кои добро познати се семејствата Кенеди или Буш. Џастин Тридо е роден токму на Божиќ и се појавува како еден вид спасител по пустошот кој зад себе го остави Стивен Харпер и неговиот конзервативен режим. Стивен Харпер во голема мера го поддржуваше Џорџ Буш, настојуваше да го имитира и го правеше тоа, многу лошо, така што успеа да сузбие многу граѓански слободи по кои Канада беше позната. Луѓето бегаа од САД во Канда, за да ја избегнат регрутацијата и да се извлечат од другите последици на конзервативната политика и лошиот здравствен систем. Меѓутоа, нештата се променија за време на владеењето на Харпер. Познатиот американски Patriot Act, закон според кој шпионирањето стана нормално и вообичаено, преку интернет, преку мобилните телефони и на секаков друг начин во практиката во Канада доби свој партнер. За да заштеди пари и за да ги намали даноците, Харпер затвори неколку конзулати во САД, а времето потребно за добивање доселенички статус од помалку од една година го зголеми на повеќе од две години. Толку ми требаше и мене докрај да ја решам работата со документите по доаѓањето во Канада.

Истовремено, анимозитетот на Харпер, особено кон исламот, ја надрасна секоја мисла за верската толеранција. Така, да речеме, забрани носење хиџаби за време на граѓанските настани. На тој начин Канада отворено ги поддржуваше акциите за бомбардирање, секогаш кога авионите на САД или Велика Британија ќе се упатеа некаде, до таа мера што и во Канада како и околу канадските амбасади во странство ќе почнеа да се случуваат терористички напади на исламските терористи. Харпер ги намали или укина грантовите за уметнички проекти, високото образование и многу други програми. Секако, тврдеше дека под негово водство Канада просперирала, иако е тешко да се каже дека токму тој беше заслужен за тоа. Подобро е да се каже дека за тоа случајно придонесоа цените на енергијата и стоките. Сега, откако паднаа цените на нафтата, и Канада најпосле се најде во економска рецесија, Харпер го изгуби главниот аргумент во својата изборна трка. Во меѓувреме успеа да се заврти против студентите, муслиманите (околу милион граѓани), староседелците (Индијанците), неодамна пристигнатите емигранти итн., така што на овие избори имаше шанси секој што е нов, можеби интересен, секој освен Харпер. Сепак, се појави опасност од две можни алтернативи, две подеднакво атрактивни алтернативи, либералите со Тридо и Националната демократска партија, да го поделат избирачкото тело, така што, со уште некои прогресивни гласачи кои би гласале за зелените, Харпер повторно би можел да го освои мнозинството. Затоа луѓето одлучија да гласаат тактички мирно.

Кампањата

Да бидам искрен, некое време не следев што сè се случуваше во текот на 78 денови изборна кампања – како и повеќето Канаѓани. Поинтересни ми беа изборите на југот од САД, па повеќе ги слушав говорите на Клинтон и Доналд Трамп. Трамп е барем забавен, постојано зборува за некакви ридикулозни работи. Но, кога американските телевизиски забавувачи како што е Џон Оливер почнаа да прават шеги за канадските избори, мислам дека многумина Канаѓани рекоа – еј, па чекајте малку, па и ние овде знаеме да се забавуваме. Во Сад изборната кампања трае подолго од една година, така што Џон Оливер беше воодушевен од фактот дека ова беа најдолгите избори во историјата на Канада. Ако одлучите преку Гугл да го побарате Џон Оливер како приказна за изборната кампања во Канада, ќе наидете на многу забавно видео на ЈуТјуб. Јас не го погледнав докрај само затоа што сè уште немам граѓански права, па не можам ни да гласам. Доселеничкиот статус што го имам уште не ми дава право да се занимавам и со овие прашања. Додуша, доколку можев, ќе гласав за Тридо. Но, излезе дека, освен што не можам да гласам, бидејќи сè уште немам граѓански права, не смеам на никаков начин да влијаам на оние што гласаат. За тоа се предвидени и казни кои се искачуваат до 5 000 долари. Џон Оливер изјави дека не може да смисли подобар начин како да ја потроши таа сума. Значи, доколу станев полноправен канадски граѓанин, јас на своите студенти ќе смеев да им зборувам како да гласаат, а вака не смеев да го правам тоа. Канада знае да изненади со своите закони, како што еднаш ми рече едн мој турски студент. „Што очекувавте?“, рече. „Дека ова е демократија како онаа во Соединетите Држави? Не, ова и понатаму е монархија, драг мој. Можеби ја заборавивме, но изгледа како кралицата и понатаму да е над сите нас!“

Генерално, луѓето смеаат дека Џастин Тридо не е интелигентен како својот татко, но е многу убав и млад, така што на некој начин потсетува на Џон Фицџералд Кенеди. Кој вели дека премиерот мора да биде умен? Ни Реган, ни Џорџ Буш помладиот сосема сигурно не беа многу умни луѓе. Најважно од сè е да се има добар кабинет, да се биде опкружен со умни луѓе. Добро, Џорџ Буш не го имаше ниту тоа. Тридо ќе има добар кабинет. Веќе најави прекин на канадското воено учество во акциите во Сирија и Ирак. И покрај тоа, има волја да прифати 25 000 сириски бегалци. Гледајќи од хрватска перспектива, тоа, секако, е премалку. Канада е трипати послабо населена од Русија, по квадратен километар, три спрема девет. Значи, очигледно има доволно место за многу повеќе бегалци. Но, од друга страна, во Канада живеат голем процент луѓе родени надвор од неа (повеќе од 20 проценти), дури двапати повеќе отколку во САД (11 проценти).

Тридо ќе издвои повеќе пари за образование, што ми се допаѓа бидејќи работам во тој сектор. Но, од каде ќе ги извлече парите? Bank of Canada само што најави дека се предвидува понатамошна економска стагнација сè додека паѓаат цените на нафтата. За толку високообразована земја како што е Канада, тажно е таа да биде толку зависна од цената на нафтата, токму како и Саудиска Арабија. Зошто земјата не е попродуктивна и економски понезависна? Можеби тоа има врска со големата бирократија, документацијата и некаквиот облик социјализам, но тоа не може да биде пресудно бидејќи, еве, и Кина е на раскрсницата помеѓу капитализмот и социјализмот, капиталистичката компетиција и социјалистичката организација на масовната работна сила, но притоа е многу ефикасна и не е зависна од туѓите извори. Значи, сето ова што е најавено можеби нема да се случи многу брзо, освен ако не се прибегне кон добрите, стари социјалистички модели кои се практикуваа во некогашна Југославија – така што се позајмуваат пари од Меѓународниот монетарен фонд и другите слични агенции.

А, што прави Вашингтон?

Без оглед на сето тоа, во Канада во моментов владее славеничка атмосфера. Имаме предводник на нацијата кој изгледа добро, наследник е на најуспешниот и најпопуларниот канадски премиер на сите времиња, стариот Тридо. Можеби тоа можеше да се случи во САД, ако по Клинтон (под чие водство, како што тврдат некои, се случи најпросперитетниот американски период) претседателка станеше неговата жена Хилари. За Клинтонови дури и сега може да се зборува како за политичка династија, со оглед дека Хилари беше поставена на неколку многу важни политички функции. За среќа, Џеб Буш, кој е уште поглупав од својот брат, навистина нема никакви шанси некогаш да биде избран. Изгледа многу лесно да се зборува за американската политика и изборите, а толку тешко да се остане фокусиран на канадските прилики. Можеби затоа што Канада постојано е насочена кон југот и постојано гледа што прави Големиот брат.

Во Квебек луѓето се среќни бидејќи Тридо е од тој дел од земјата, се школувал на Бербеуф, престжно француско приватно средно училиште, и на Универзитетот Мекгил. Меѓутоа, тој студирал книжевност. Во Америка повеќето политичари според образованието се правници. Што да се каже за тоа? Студент по книжевност кој стана премиер?! А, одредено време дури и предавал! Пјер Тридо, неговиот татко, беше канадски премиер подолго од 15 години. Такво нешто не е можно во САД, каде претседателот на државата може да освои само два мандати. Харпер, пак, беше премиер цели единаесет години. Има нешто политички нездраво во толку долгите мандати, како што убаво може да се види во некои други земји во светот. Освен, се разбира, ако владејачот навистина не е просветлен, како што несомнено беше случај со Пјер Тридо. Тој дипломирал право во Монтреал. Потоа, завршил студии по политички науки на Харвард (со дисертација за Маркс и христијанството), а потоа докторирал во Лондон на престижната Економска школа. Успеа да го задржи Квебек во Канада така што воспостави двојазчност во целата држава, англискиот и францускиот станаа службени јазици. Ја декриминализираше хомосексуалноста. На канадските Индијанци им ги даде сите граѓански права и слободи, и тоа како нација од прв ред. Покрај сето тоа, ја создаде и повелбата за правата и генерално ги прошири граѓанските слободи во Канада, така што многу теоретичари и историчари токму него го сметаат за татко на денешната модерна Канада.

Се разбира дека нешто такво не се очекува од неговиот син, но би било доволно да ја поправи целата штета што ја направи Харпер, како и да ја запре ерозијата на граѓанските слободи и економските услови. Значи, тука се работеше не толку за гласање за некаква одредена промена во иднината, колку што се гласаше против она што се случуваше во неодамнешното минато, иако таа негативна дијалектика веројатно ќе доведе до многу позитивни нешта. Можеби сега повеќе странски студенти ќе почнат да доаѓаат во Монтреал! Вреди да се почека.

Гламурот

А, новата влада би можела да има и повеќе стил. Пјер Тридо сакаше да се дружи со глумци и беше пријател со Џон Ленон. Дури организираше прием за Ролинг Стоунс. Неговата прва жена беше многу дружељубива, беше 30 години помлада од него и навистина гламурозна. Неговиот син, исто така е познат по тоа што знае да живее со стил и дека е мошне дружељубив. Во секој случај, малку повеќе стил не може да ѝ наштети на Канада, а не постојано да ја гледа својата старомодна американска соседка и американските телевизиски водители кои се подбиваат со Канада, онака како што Холанѓаните милуваат да прават со Белгијците. Можеби канадската политика ќе престане да биде толку досадна. И, да се надеваме на период со многу поголеми слободи!

Извор: Globus, 06.11.2015