Карпуз деликти

16.12.2015 13:44
Карпуз деликти

Јас сум стар. Јас сум дрт. Во една реченица би изгледал вака: старо дртало. Во домот за старци сум два месеци. Тука има фини бабички, но бидејќи сум најмлад маж, за време на викендите оваа финост се изобличува во стрвност насочена кон мене. Шеќерче, голтни го ова, ми шепнува една бивша пекарка, и кога ќе ти се здрви, дојди право кај мене. Сакам да ја прашам што треба да ми се здрви, но не си дозволувам гледајќи во нејзините собрани зеници и тело кое во минатото веројатно служело како магацин за квасец и адитиви.

Вакви инциденти имаше барем еднаш неделно. Голтањето „здрвувачи“ заврши кога по двата малечки инфаркти болничарот ми ги забрани „ерективните поттикнувачи“. Де Гул, не ти треба тоа. Си играш со притисокот и со срцето кое, ако продолжиш вака, ќе ти се распарчи. Додека се горештиниве, јади лубеници колку што можеш повеќе. Ќе ти го освежат телото, ќе ти ги опуштат крвните садови и, ако зачиниш со потребната фантазија, ќе завршиш работа без проблем. Не ти требаат оние вештачки ерективни поттикнувачи. Океј, му враќам, јас шибам од овде.

Целата приказна со болничарот им ја пренесов на моите цимерки од домот, а тие, со скептично лице (колку што старечката збрчканост може да долови таков израз) се согласија дека ништо не би изгубиле ако пробаме. Скептичноста, како што подоцна разбрав, беше оправдана со фактот што нашиот болничар имал сопствена нива со лубеници, близу зад нашиот павилјон. Ете, така се заработува на туѓата старост; или со вијагра, или со лубеници.

Мојот единствен пријател е Тарсај Хипи. Многу личи на нашиот болничар, што на почетокот ми правеше потешкотии со искреноста која сега ја имаме со ова човече. Порано дури и мислев дека Тарсај Хипи е нашиот ќелав болничар кој ставил црвена перика. Се гледаме два пати неделно, секогаш во исто време. Ме легнува на кауч и ме испрашува за работи од минатото. Моето детство е неговата омилена тема; на два-три пати сум го забележал како со шамиче поминува над очите.

После секоја средба му оставам пари. Цената ми беше кажана од него уште на почетокот и тука воопшто нема простор за чудење, ниту за скептичност која би се однесувала на неговиот морал. Кога сме заедно, а телефонот почнува да ѕвони, Тарсај Хипи ја крева слушалката и веднаш ја спушта назад. Сепак, од друга страна, сите разговори ни ги прекинува часовникот на неговото биро. Се случува јас да раскажувам со силна растревоженост, часовникот да ѕвони, а Тарсај Хипи со сериозно лице да ми се приближи и да ме испрати до вратата. Не му замерувам; во ходникот од неговиот дом чекаат неговите пријатели. Толку е внимателен што, на секого од нив, поединечно, посветува значаен дел од неговото драгоцено време.

Од мене бара да му ги раскажувам соништата.

-Последниве денови ги сонувам моите очи - велам.
-Што се случува со нив? - прашува Тарсај Хипи.

-Незадоволни се од мене. Одбиваат да се покорат на моите желби, му пркосат на мојот поглед, на точката на која сакам да се фокусирам. Гледаат настрана и често ме ставаат во мошне неповолни ситуации; можеш да ги замислиш излигавените - од глад - бабички, како го чекаат својот дел. Сето ова е заради моите соништа. Во нив гледам излупени варени јајца кои стојат наредени во казан. Казанот е полн и набрзо до него пристигнуваат работници од кои секој зема по едно јајце, дел од неговото следување за ручек. Сè е во ред додека не забележам дека некои од тие варен јајца се, всушност, моите очи. Кога некој од работниците - кој зел око наместо јајце - загризува, јас се будам и ми треба цело утро да ги смирам моите очи.

-Си пробал да им објасниш дека тоа не се твои желби? Ти, сепак, зависиш од нив.
-Да, секако! Но, да речеме дека ќе се смират на неколку дена. Тогаш, одненадеж се појавува некој сон каде играм голф со непознати лица. Играме цело попладне и моето движење низ дупките е прилично брзо. Но, во едно од замавнувањата, во топчето кое се оддалечува го гледам искривениот лик на моето око: израз на изневерен пријател.
-Уф! Лошо, лошо - потврдува Тарсај Хипи. Зошто не јадеш карпузи?
-Карпузи?!
-Да. Бостани, лубеници... Ќе ти го освежат телото, ќе ти ги опуштат крвните садови и, ако немаш проблем со фантазијата, ќе ти завршат и една друга работа без проблем, ако знаеш на што мислам? Хахахаха!
-Да. И болничарот од домот ми спомна нешто слично.
-Паметен е тој ваш болничар. Слушајте го што ви зборува.

Часовникот ѕвонеше и јас морав да платам и да заминам.

Здравјето, а со тоа и расположението ми се подобруваа во деновите што следеа. Бабичките непрестајно ме снабдуваа со лубеници кои, според тоа каде ги криеја, или беа недозволени или украдени. На следниот преглед кај болничарот ја забележав неговата згрченост и сомничавост кон сè што кажував. Пред мене се појави слика во која бабичките целосно голи трчаат низ нивата на болничарот со три пара лубеници под секоја од своите екстремитетни мишки.

Неколку дена по средбата со болничарот се појави Тарсај Хипи. Знаев дека е нешто лошо бидејќи изгледаше навистина лут, и никогаш не ме посетил во домот.

Прв пропелтечив јас.

-Добредојде, пријателе. Сакаше да дознаеш каде живеам? Повели, седни. Ама, малку ми е незгодно да ти признаам, но нешто сум плиток со пари, па...
-Де Гул, не треба да ми плаќаш за денес. Кажи ми, го послуша ли мојот совет?
-Кој совет?
-Како кој совет? За карпузите!
-За што?!
-За лубениците! За бостанот! Дали јадеш доволно?
-Па... како што реков... не сум баш добар со пари деновиве...
-Де Гул! - ме прекина. -Зошто не се опуштиш и не ми раскажеш за некој од твоите соништа? Или и тие секнале заедно со твоите пари?

(Претчувствував дека нешто лошо се подготвува и се обидов да поентирам во моја корист. Се разбира - со лажење!)

-Не, Тарсај Хипи. Вчера го сонував ова: додека излегував од градскиот автобус двете очи се нацртаа пред мене и зборуваа, а сè околу нас исчезна: „окце, што би сакал 'нашиов' да понесе на пуст остров?“, а другото враќа „кошаркарска топка, клавир и Дилан Дог“. Истото прашање ми беше поставено и мене, а јас без многу размислување велам: „нож, кремен камен и пиштол со сигнална ракета“. Тоа беше капката што ја прелеа чашата. Двете очи беа крајно разочарани; липаа: не би нè понел нас... ти сакаш да избегаш од пустиот остров... воопшто не знаеш да уживаш... Оттогаш не се со мене. Затоа денес сум слеп.
-Како тоа слеп?! - негодуваше Тарсај Хипи.
-Така, слеп. Со големи маки одбрав бел стап, и со прашување стигнав назад до домов.
-Но, тебе само капаците ти се затворени. До пред малку ме гледаше рамно в очи!
-Не, не, никако! Јас сум слеп. Јас немам очи.
-Отвори ги капаците! Еве, можам да ја забележам закривеноста на двата капаци. Кога би немал очи, капаците би биле рамни, па можеби дури и вдлабнати.

Часовникот ѕвонеше... Звукот доаѓаше од џебот на Тарсај Хипи.

-Тарсај, Тарсај, нели немаше да ми наплатиш за денес? - почнав да цмиздрам.
-Де Гул! Соземи се! Тоа што го реков ќе го исполнам, а сега, ајде, те молам, раскажи ми го сонот, но онаков каков што навистина беше.

Тарсај Хипи познаваше кога лажам. Треба да се потрудам многу повеќе. Ги отворив очите и го почнав раскажувањето на сонот: Едно приквечерие, додека јас ги свиркав химните на земјите од Европа, а моите заводнички подготвуваа нешто во останатите соби - на телевизија одеше репортажа за горештините и една мошне чудна изјава на двајца анкетирани која изгледаше вака: „кои три нешта би ги понеле на пуст остров?“

-Првиот: кошаркарска топка, клавир и Библијата.
-Вториот: нож, кремен камен и пиштол со сигнална ракета, по што се степаа, а телевизиската екипа немаше сила да ги раздели, ниту пак да ја придвижи камерата настрана - чув тап удар во рамката од прозорецот кој звучеше - ама баш - вака: туп! Решив да станам и да погледнам што се случило, и на мое големо изненадување...

-Де Гул! Де Гул! Престани да лажеш!
-Во ред, Тарсај. Сонот горе-долу беше тој, само што ликовите кои се степаа ми беа добро познати. Едниот беше ти, а другиот беше болничарот кој е вработен кај нас.

Тарсај Хипи полуде! Се вџаши и од ушите почна да му излегува пареа. Се фати за главата кубејќи се со стегнатата тупаница, а во неговата рака остана црвената коса. Пред мене светна ќелавицата на болничарот. Во истиот момент во просторијата каде бевме ние влегоа напалените бабички, голи и измачкани со згмечени парчиња лубеница. Танцуваа остро и со безобразни движења, а Тарсај Хипи почна да рика колку што го држеше гласот:

-Бегајте курвичиња! Да не ве гледам! - и замавна со периката кон нив. Периката удри во исправните метални касети кои се отворија, а од нив испаднаа петнаесетина лубеници. Јас пребледев, а Тарсај Хипи мислам дека тотално скрена!

-Де Гул! Де Гул! Ете кој ми ја празнел нивата. Ете кој крадел! Сите ќе ми одговарате мене лично! Ќе ви го скинам животецот, старчиња бедни! Fiat justitia ruat caelum! Fiat justitia ruat caelum! - ми се чини дека цела земја ечеше од овие зборови. Човеков очигледно беше заминат на друг свет.
-Што?! Тарсај, ништо не те разбирам
-Старо лицемерно магаре! Како не ме разбираш?! Ете го доказот!
-Кој доказ? - се правев удрен.
-Карпузот!
-Што?!
-Карпуз деликти! Карпуз деликти! Карпуз деликти!

Бабичките беа во длабок транс и мораа да ја канализираат својата монструмска еротичност. Го легнаа болничарот на масата пред мене, го врзаа со гимени црева за ногарките и донесоа четири кесички со базична инфузија, во која со игли шприцаа сок изваден од паднатите лубеници. Тарсај Хипи почна панично да бара помош, со глас кој полека се губеше во напалените тела на моите голи цимерки...

Таа ноќ Тарсај Хипи исчезна, а јас се вратив во мојот стар стан со поглед кон тезга на која блескаат сјајни карпузи.

 

Извор: Тритонус, Темплум, 2008, Скопје.
Слики: João Ruas

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото