Што е груевизам (2)

16.12.2015 14:43
Што е груевизам (2)

Со кратки фрагменти од книгата „Што е груевизам“ денес ги претставуваме авторите Никола Младенов, Бранко Тричковски, Гордана Попсимонова, Владимир Милчин и Никола Гелевски.


Никола Младенов
На оваа влада не би ѝ дал ни три кучиња на мочање да одведе

На оваа влада не би ѝ дал ни три кучиња на мочање да одведе, а не, пак, три милијарди евра за уште еден мандат. Да простат кучињата, разбира се, на друштвото во кое ги ставив!

***

Многу државни службеници ќе добијат и свој покрив над главата со „Скопје 2014“. Само по основ на заштедата за кириите, кои до сега ги плаќале, градежниов зафат ќе се исплати за неполни 214 години.

***

„Смрт за предавниците! Семката да им се сотре на грчките платеници! Грујо да живее...“ Останатите да умрат, разбира се, доколку не мислат како него!

Бранко Тричковски
Ти си му дал цела шума, а тој ти враќа едно вретено

Ти си му дал држава, добро, не којзнае каква држава, но пристојна држава, држава во претсобјето на Европската унија, функционална држава, одржлива ‒ а тој ја разглобува и прави митинг! Ти си му дал влада, собрание, министерства, судови, буџети, телевизии и весници, меѓународни инстанци, ти си му дал да води политика и инструменти и ресурси на таа политика и за таа политика ‒ а тој полни возови и автобуси и прави митинг! Ти си му дал граѓани кои го трпат девет години, дури и грандиозниот митинг што го направија во неделата, меѓу другото, беше израз на тоа трпење, а тој им враќа со митинг против граѓаните, независно од тоа дали тие што тој ги мобилизирал ќе ги сметаме за граѓани, зашто се ограничени во волјата на најбрутален начин, што значи дека, сепак, не се! Ти си му дал една голема играчка, собен воз, на пример, а тој ти враќа едно тркалце.

Тој е како шумарот на кого си му дал цела шума, Пелистер, да речеме, со сите молики, дабови и јасени, со сета трева, со сите волци, мечки и овци, а тој ти враќа едно вретено.

Како Александар Трети Македонски да го разбудиш и да му ги дадеш денеска сите авиони, бродови, тенкови и сателити, сите хеликоптери, а тој да тргне на Персија со сто коња!

Како да го однесеш Павел Шатев на шопинг на „Симитски“, а тој да фати да потопува бродови во Солунскиот залив!
Како на Кирил да му дадеш Ајфон шест плус, а тој да земе да ти црта букви со лозова прачка во правливиот пат!
Какво раздржавување на Македонија!

Тоа е, драги пријатели! Нашата мисија е да го спречиме! Да му ја земеме шумата! И играчката да му ја земеме! Да му земеме сè што е наше! А наше е сè!

Дури и неговата ќелија во „Идризово“ е наша!

18.05.15.

Гордана Попсимонова
Мојата пресметка со нив

Не знам да пишувам колумни. Не сум новинарка, или како што обично се вели за пишувачите, не сум човек од перото. Тоа не ми е професија и нема да ми биде. Моето влегување во светот на ангажираниот збор, се случи сосема случајно и спонтано. На 17 ноември 2014 година. Тогаш се одржа првиот студентски протест против владините мерки и интервенции во високото образование. За да биде иронијата поголема, јас воопшто не присуствував на него, а веројатно бев и заборавила дека треба да се одржи. Претпоставував, како во безброј ситуации пред тоа, дека владејачката партија со своите петтоколонашки инсталации ќе го опструира протестот. Од друга страна, како универзитетски професор, кој со години наназад во себе таложи резигнација и незадоволство од владините „реформи“ во високото образование кои се сведуваат на негово покорување до формалистичко понижување, бев воодушевена од тоа што го видов на телевизиите тој 17 ноември. Илјадници студенти излезени низ улиците и дојдени пред Владата, да реагираат на нејзините мерки. Да бараат оставка од министерот за образование. Да му покажат среден прст на премиерот. Храброста и решителноста на Студентскиот пленум, за мене беа фасцинација. Некоја нова мелодија во монотонијата на лажните победи и фингираните успеси на власта.

Гневот од предавничкиот однос на власта кон сопствените деца, го преточив во нешто налик на крик насловен „Мојата пресметка со нив“ на 13 декември истата година. И така, сосема ненамерно и непланирано, влегов во светот на ангажираната реч.

Не знам дали моите текстови придонесоа во освојувањето некои нови слободи во Македонија, како што не знам дали секогаш сум го погодила вистинскиот збор за да го искажам она што го мислам. Ама едно знам: дека имам морално право и обврска секогаш и секаде да бидам на страната на вистината, правдата и слободата.

Владимир Милчин
Паљурцизам

Паљурцизмот е триумф на ненормалната нормалност, плод на нарцизмот на инфериорните. Паљурцизмот е најдолниот испрдок на груевизмот, толку смрдлив што (1) или ќе ги дозатруе последните остатоци на здравиот разум кај нас или (2) ќе предизвика масовно трезнење од „преродбеничкото“ пијанство.

Доколку се случи првото, многу е веројатно дека ќе завршиме во земја која ќе се вика Хунзија, со престолнина Паљурци.

Доколку, сепак, се случи второто, трезнењето ќе биде мачно и ни малку пријатно. Се прашувам колку крв, пот и солзи ќе бидат потребни за да се отплатат долговите што ќе ни ги остават на вратот Груевски и груевистите.

Паљурцистичкиот провинцијализам и грандоманија ги доцедуваат последните резерви на македонскиот имунитет пред заводливите гласови на сирените кои ги мамат граѓаните на безусловна капитулација. А потоа, сè ќе биде можно. Наместо ЕУ и НАТО, Сирија. Наместо демократија, Мугабе. Наместо Македонци, Хунзи. Навистина, сè е можно во земјата паљурцистичка, која можам да ја споредам само со Ибиевата Полска, во која се владее со помош на семоќната псевдонаука − патафизиката. Можни се учебници што затапуваат, покриви што летаат, гардисти што засмејуваат, болници што убиваат, властодршци со образ потврд од ѓон.

Претседателот Иванов не е единствениот претендент на титулата идеолог на паљурцизмот. Дузина филозофи, политиколози, историчари, новинари, претендираат да бидат тоа. Конвертити и камелеони, божемни либерали и камуфлирани комунисти, жонглери со партиски книшки, цецољупци, среброљупци, еврофоби и западомрсци го одржуваат мочуриштето што се заканува да нè замелуши и потопи.

09.12.10.

Никола Гелевски
Деспотот-дерле

Во нашиот случај не станува збор за деспот-татко или деспот-син на нацијата туку за – деспот-дерле. Или дериште. Размазен нарцисоиден цмиздравец кој мора да добие сè што ќе замисли и што ќе посака.

***

Груевизмот низ фигурата на „преродбеникот“ ни покажа дека со симбиозата на стариот и младиот болшевик, од една страна, како и со спојот меѓу тајкунот и политичкиот моќник, од друга страна, како во мермер да се отелотворува средишната фигура на нашата вечна транзиција – „преродбеникот“, суштество со особини на монструм и свест на спасител.

***
Соголен рефлекс за владеење –тоа е груевизмот. Речиси еволуциски политички инстинкт за контрола врз луѓето.

 

(продолжува)

 

Кон првиот дел

 

Слики: Свирачиња

За книгата „Што е груевизам“

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото