Во Британија затворени повеќе од 100 библиотеки во 2014-2015

16.12.2015 15:18
Во Британија затворени повеќе од 100 библиотеки во 2014-2015

Според новото истражување, бројот на библиотеки во Велика Британија минатата година опаднал за 2,6%, од 4023, на 3917.

Бројките биле објавени од страна на Институтот за јавни финансии и сметководство (CIPFA), според пресметките направени на годишниот извештај на библиотеките во Велика Британија.
Велс ја доживеал најголемата загуба во последната година, со опаѓање од 308, на 274. Во Англија, бројот на библиотеки опаднал од 3142 на 3076, додека Шкотска доживеала намалување од 573, на 567.

Затворањата на библиотеките во Велика Британија се совпаѓаат со скратеното финансирање за библиотечни услуги од 50 милиони фунти, одлука донесена во текот на минатата година, со намалување од 0,99 билиони фунти во 2013-14, до 0,94 билиони фунти во 2014-15.

Роб Вајтман, главен извршен директор на CIPFA, смета дека ова истражување носи една „мрачна вест за библиотеките и читањето воопшто“. „Намалувањето на потрошувачката продолжува да ги погодува незаштитените сервисни услуги, и сè помал број луѓе ги користат јавните библиотеки“ – изјавил тој. Извештаите на CIPFA исто така покажуваат дека посетите на библиотеките се намалиле за 3,9%, од 276 милиони во 2013-14 година, на 265 милиони следната година.

Сепак, од CIPFA не биле во можност да кажат дали опаѓањето е директен резултат на загуба на сервисните услугите или резултат на некои други фактори, како што некогаш причина за тоа беше зголемувањето на популарноста на е-книгите.
Портпаролот на Одделот за култура, медиуми и спорт изјавил дека, и покрај затворањето, се покажало дека минатата година имало 225 милиони посети на библиотеки во Англија.


Централната библиотека во Манчестер е најпосетената библиотека во земјата, со 1,3 милиони посетители

Регионални варијации

Од Одделот за култура, медиуми и спорт додаваат и дека во текот на годината имало голем број на новоотворени библиотеки. Тука спаѓаат неодамна отворените библиотеки во Стафорд, западен Мидландс, и во Камбервел, јужен Лондон. Во меѓувреме библиотеката Арнолд во Нотингем и библиотеката Лејтон во источен Лондон се реновирани.

„Ние знаеме дека библиотеките не престануваат да бидат популарни, но исто така сме свесни дека луѓето очекуваат поразлични и поиновативни начини на нивно функционирање. Токму затоа владата формираше Работна група на библиотеките, за да им помогне да ги подобрат условите, со нови и иновативни услуги, како што е дигиталниот пристап и е-кредитирањето“ – изјавил портпаролот.

„Покрај тоа, ние овозможивме бесплатен WiFi во библиотеките низ Англија, а оваа година се отворија и некои нови уметнички центри, кои на локалното население му нудат услуги обезбедени со нова технологија.“
Според проценките на CIPFA се покажало дека потрошувачката на книги, весници и списанија во последните 12 месеци се намалила за 10,6%, од 72 милиони фунти во 2013-14, до 64 милиони фунти во 2014-15, но и дека онлајн и електронската потрошувачка се зголемила за 1,7%, од 11,6 милиони фунти во 2013-14, до 12,2 милиони фунти во 2014-15.

Извор:www.bbc.com