Се тресеше гората, се роди – проект!

17.12.2015 08:19
Се тресеше гората, се роди – проект!

Министерот за животна средина Нурхан Изаири вчера го означи стартот на двеиполгодишниот проект со кој допрва, по низа години алармантно загадување, треба да се бара начинот како двојно да се намалат отровните гасови што ги испуштаат возилата. Проектот, со 200.000 долари, е финансиран од Глобалниот финансиски фонд, придонесот на Министерството за животна средина е 50.000 евра, а вклучена е и приватната компанија ОКТА, со 26.000 долари.

Ако минатата година прстот на надлежните главно беше вперен во начинот на кој се затоплуваат домаќинствата како главен извор на загадување, годинава сè погласно се зборува за старите возила, но она што недостасува е практичната страна, односно како да се поднови возниот парк, во услови кога и според статистичките анкети, речиси нема домаќинство на кое од домашните приходи им остануваат екстра приходи за некои инвестиции во домаќинството.

Министерот Незаири напомена неколку мерки со кои би можело да се влијае на купувањето еколошки и енергетски ефикасни возила - намалувањето на даноците за нов енергетски автомобил и зголемување на даноците за другите возила, воведување банкарски кредити со пониски каматни стапки за ново еколошко возило, како и пониски давачки за регистрација на ваквите возила.

Ана Петровска, раководителка на проектот „Стабилизирање на емисиите на стакленички гасови од патниот сообраќај преку двојно намалување на потрошувачката на гориво“, потенцираше дека проектот предизвикува и фискални импликации и во еден момент ќе треба да се занимаваме со тоа, сè со цел да не се нарушат социјалните аспекти, а да се грижиме за животната средина.

И од Сојузот на стопанските комори на Македонија (ССКМ) минатата недела прстот го вперија во издувните гасови на возилата, како еден од главните виновници за загадувањето. Според извршниот директор на ССКМ, Митко Алексов, индустриските капацитети и домаќинствата што се греат на дрва прават помало зло од возилата кои имаат понизок стандард од „евро 4“.

- Тие возила немаат заштитни филтри и катализатори и емитуваат огромна количина штетни честички во воздухот. Во ЕУ, според легислативите, просечната дневна емисија на штетни честички изнесува 50 микрограми на кубен метар, а кај нас, според мерењата, штетните честички во воздухот изнесуваат меѓу 10 и 20 пати повеќе од дозволените граници - потенцираше Алексов.

Интерсекторската група во која учествуваат Министерството за животна средина, Министерството за здравство, Јавниот институт за здравство, Град Скопје и повеќе инспекторати, имаат закажано средба за загадувањето наредната недела. Националниот координатор за областа здравство и животна средина, д-р Драган Ѓорѓиев, на завчерашниот прес нагласи дека состојбата со загадувањето е алармантна по здравјето на луѓето и дека во Интерсекторската група е неопходно да се вклучи и Министерството за економија, бидејќи без пари не може да се спроведуваат мерки.

А СЕ ФАЛЕА СО УВОЗОТ НА КРНТИИ

Од ССКМ побараа итно воведување на стандардот „евро 4“ при увоз на поволни возила. Но, оваа изјава на Алексов наиде и на остри критики во јавноста, со потсетување дека кога се отворија вратите за масовен увоз на половни возила, ССКМ ја поздрави оваа мерка како можност да се заменат старите „фиќовци“ и „застави 101“ со понови стари возила.

Според податоците од Царинската управа, во периодот од 2010 до 2015 година се увезени речиси 200.000 стари возила. Според продавачите на стари возила, пак, за купувачите најинтересни се оние меѓу 2.000 евра и 3.000 евра, а тие се стари и по 15 години, односно се со стандард „евро 3“.

ТРОШИМЕ ГОРИВО КО ЛУДИ

За да се намали двојно емисијата на издувните гасови на возилата, потребно е да се намали потрошувачката на горивата, беше потенцирано при презентацијата на проектот. Податоците говорат дека глобалната потрошувачка во просек е 8 литри на 100 километри, а целта е во 2050 година да се постигне потрошувачка од 4 литри на 100 километри. Според податоците за Македонија, пак, нашата просечна потрошувачка е поголема од глобалната.

- Податоците покажуваат дека секторот транспорт учествува со 25 проценти во вкупната побарувачка на енергија. Според развојните сценарија до 2050 година, најголемо зголемување на потрошувачка на финална енергија се очекува во секторот транспорт, околу 172 проценти, односно се очекува емисијата на јаглероддиоксид во транспортот да се зголеми за над 140 проценти - рече Изаири.

Извор: Слободен печат