Сега не ни е смешно

17.12.2015 10:44
Сега не ни е смешно

1.

Кога би почнал сега да ги набројувам сите разлики во (не)нормалноста кај нас и во цивилизираните, сериозните демократии, би ми требал цел ден. Но, еве, на пример, последната забелешка на Хилари Клинтон за Трамп дека „не е веќе смешен, опасен е!“, е еден од начините како нормалноста во старт се справува со одделни (не)нормалности односно потенцијално опасни за државата појави. Тоест, првиот чекор, најважниот, е: нештата веќе во старт да се именуваат со вистинското име, за да нема никакви натамошни недоразбирања. А понатаму, се работи на отстранувањето на можните закани односно елиминирањето на посочените опасности.

Знам дека ваквите формулации може да наликуваат на трилер или крими романче, но суштината е таа. Впрочем, една од улогите на интелектуалците (но и на сериозните политичари) во општеството е и таа – да посочат на можните „слаби“ места, на евентуалните лоши појави и (вакви) закани и понатамошни реперкусии од истите. И не само да посочат, туку и да дејствуваат!

Во случајов апсолутно немам намера со ова да фаворизирам еден претседателски кандидат наспроти друг, иако си имам свои преференци, а и разликите се евидентни. Но примерот е доволно сугестивен, репрезентативен и специфичен, секако, за да се извлечат и некои можни компарации, па и поуки. Односно, едноставно, коментарот на Хилари Клинтон ми се виде како одличен пример и за некои наши актуелни (не)нормалности.

2.

Од друга страна, кога сме веќе кај претседателските кандидати, не може а да не се спомне дека и ние, пред седум-осум години, бевме предупредени за тоа што нè чека со актуелниот „претседател“. И тоа, идентично како и во американскиот случај, директно од противкандидатот. Но, луѓето не сакаа да слушаат, па сега - оф леле мајко! Но, да речеме дека тоа беше/е еден бениген пример на нашата (не)нормалност, иако со прилично далекусежни и самопонижувачки, ама сепак не и катастрофални последици.

Меѓутоа, не се сеќавам, на пример, дека, на времето бевме на сличен, соодветно експлицитен или поинаков начин предупредувани во однос на „капацитетите“ и очекувањата од актуелниве власти. Кога велам предупредени, мислам на една не (сепак) мала групација сериозни политичари, аналитичари, коментатори, од кои, очекувано, требаше да добиеме квалитетни информации/предвидувања за тоа што нè чека. И во тоа време, говорам за времето пред десетина години, имаше барем грст трезвени, умни и политички и во секој поглед потковани поединци наспроти денешнава ѓурултија од малоумни „коментатори“ и „аналитичари“.

Да, некој може да рече дека лудилото не е така лесно (пред)видливо. Ама, некои симптоми веројатно веќе тогаш биле (пред)видливи? Зарем немаше ама баш никакви назнаки за оваа тотална неспособност, за оваа веќе болна неукост и нестручност, за овие хаотични умови што ја дотераа земјава до ова дно? Очигледно немало, како што, впрочем, немаше соодветни предупредувања ниту за оние претходните, оние од 1998 – 2002 година, со сето нивно (кај многумина очигледно веќе заборавено) лудило, со сите Тајвани, демолирања на канцеларии, милијарди евра, виенски балови...! Иако тие, спрема овие, изгледаат како мали деца!!! Или, некој може да забележи, овие денес биле само добри ученици на оние претходните?

Многумина ќе се сетат дека слатко се смеевме на почетните будалаштини на нашиве во 2006 и 2007 година, на вкупниот провинцијален менталитет (видлив уште тогаш), на оркестрираната (уште тогаш евидентна) ненормалност и првите чекори кон создавањето на типична партиска држава. Многумина мислеа дека тоа се мали сипаници и дека кратко ќе трае. Ама дојдоа големите сипаници, па тргна и „Скопје 2014“, па задолжувањата, па кражбите на изборите... На оние малкумина кои успеаја да останат со здрав ум и да предупредат, им велеа дека млатат празна слама. Ама кога стана опасно – е тогаш веќе беше доцна. И веќе не беше смешно!

3.

Како и да е, кај нас е очигледен недостатокот на свест и совест, на лични и општествени механизми што навреме ќе детектираат одделни опасни појави за државата и демократијата. И ќе преземат соодветни мерки, се разбира. Некому ова може да му прозвучи и прилично ригидно, или дискриминаторски, или не-знам-како, ама дали навистина некаде во нормалниот свет е дозволено ова што беше/е дозволено кај нас изминативе години? Ваков феудален менталитет, ваква распојасаност, ваков општествен грабеж, ваков дилетантизам подигнат на државно рамниште? Зашто кај нас излезе дека навистина секој може сè, секому е сè дозволено – ако е на вистинската страна на барикадите, се разбира, дека не се санкционира не само говорот туку ни постапките. Ни оние најкриминалните! Затоа нам одамна веќе не ни е смешно, ама некој тоа требаше да го предвиди на време. Посочувањето на потенцијално опасните појави, но и поединци, не е и не може да биде кршење на човековите права зашто последиците се вакви какви што ги живееме. Односно, изборот е следен: потенцијално прекршување на правата на една ограничена багра или евидентно прекршување на правата на цела држава?

И не само што никој не стана да сигнализира дека државата/општеството со ваквите „капацитети“ набргу ќе биде во опасност, туку никој, или само малкумина реагираа(т) и после толку години разнебитување на сите општествени вредности.

4.

Затоа забелешката на Хилари Клинтон, претпоставувам, никој не ја доживува како напад врз личноста на нејзиниот противкандидат, уште помалку како негирање на неговите капацитети за одредени нешта. Човек што направил такво богатство, барем во САД, не може да биде неспособен. Ама тоа се однесува на бизнисот, не и на политиката или чувството за државност, морал, етика итн. И затоа луѓето треба да се држат до тоа што најдобро умеат да го работат. Некои, на пример, најдобро умеат да прават пари, како што кај нас некои најдобро умеат да – крадат пари! Ама тоа едновремено не ги прави и државници, нели, и добри политичари? Да, знам дека ние сме, покрај другите нешта, и најталентираната нација за сè и сешто, ама и тоа мора да има некакви граници. Барем кога станува збор за сериозни државни работи! И впрочем, со кој образ, да не речам ум, токму оваа држава го кандидираше оној за местото генсек на ОН? И никој не се најде да стане, да срочи едно писание токму до ОН и да ги предупреди со кого си имаат работа? Иако и тие таму тоа добро го знаат, ама сепак?! Или, немаше ли некој да ги предупреди граѓаните на Скопје што сè ги чека со Коцета, колку дрвја ќе бидат уништени, колку фасади, колку други будалаштини ќе никнат во централното градско подрачје? Или некој да спомнеше за оној Тодоровиќ и неговите „капацитети“?! А дека предупредувањата се полезни и имаат ефект покажа токму ефективната промена во Општина Центар, иако сега и тие, со идејата за некаков си споменик (?) на Анѓелковски тргнуваат по нивните стапки. Но, ако така продолжат, и за нив треба да се издаде соодветно предупредувачко соопштение. За после да не ни биде криво!

 

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Странски служби

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото