Жак Рансиер: Бела Тар, времето потоа

18.12.2015 11:38
Жак Рансиер: Бела Тар, времето потоа

Во своето книвче за Бела Тар, угледниот француски филозоф Жак Рансиер без колебање вели дека ликот околу кој е изграден филмот „Торинскиот коњ“ не е коњ – туку стебло. Се разбира, ваквите реченици привлекуваат внимание; а, на лицето на читателот предизвикуваат треперење со насмевка, како знак на разбуден читателски интерес.

Знаеме, коњот од насловната од последниот филм на Бела Тар е истиот оној коњ кој на улиците во Торино го прегрна трогнатиот германски филозоф Фридрих Ниче. Кочијашот го злоставувал коњот, Ниче го заштитил со своето тело – и го направил славен онака како што во историјата и коњите стануваат славни. Ниче, со својот италијански коњ за влечење не тргнал кон Индија како Александар со својот Букефал, ниту се воздигнал на небото како пророкот Мухамед со Бурак. Впрочем, откако се раздвоиле германскиот филозоф и италијанскиот коњ веќе никогаш не се виделе. Ниче набрзо доживеал слом, и остатокот од животот го поминал потполно луд: до изнемоштеност се капе во топла када, весело ја покажува својата ерекција на своите куќни помошнички кои се грижат за него, понекогаш мокри во чевел кој пред тоа го соблекува и слично. Австрискиот новинар Гунтер Ненинг подоцна тажно ќе запише – „светот со слики од Апокалипса сега е збогатен со мустаклив филозоф во када.“

Но, Бела Тар во „Торинскиот коњ“ не го интересира судбината на Ниче, туку на коњот. Неговиот филм не ја следи судбината на Мустаќите, туку судбината на коњот, судбината на кочијашот и судбината на неговата ќерка. Односно, барем досега мислевме така. Се додека книвчето на Жак Рансиер „Бела Тар, времето потоа“ не ја оттргна насмевката од лицето. Рансиер го насочува вниманието кон важноста на локацијата во филмовите на Тар. Местото на снимањето го претставува првиот лик во филмот. Вистинските тела се ставаат во сооднос со „моќта на одредени места“.

Подготвувајќи се за „Човекот од Лондон“, Тар посетил бројни европски пристаништа, најпосле одлучувајќи се за француската Бастија; од каде ги отстранил сите бродови за да смести еден траект. Барајќи локации за „Проклетството“, со иста таква истрајност ги посетувал напуштените унгарски индустриски зони; поврзувајќи неколку различни места во една локација. Тоа го доведува Рансиер до заклучокот дека ликот околу кој е поставен „Торинскиот коњ“ е осаменото стебло на врвот од ридот: наспроти него Тар „изградил куќа која можела да ги прими останатите ликови“.

Ни животните не се неважни. Во “Проклетството“ главниот јунак лае со кучињата додека тие пијат дождовна вода од друмските вирови, во „Сатанското танго“ коњите бегаат од кланицата, а Естике измачува мачка, во „Веркмејстеровите хармонии“ во местото доаѓа циркус со чудовишен кит, итн. Животните претставуваат „фигури на кои човекот ги искушува своите граници“. Коњот на Ниче во „Торинскиот коњ“ е фигура која според Рансиер во себе испреплетува повеќе улоги: тој е оружје за работа и средство за преживување на стариот селанец и неговата ќерка, тој е злоставувано животно, тој е прегрнато животно – накратко, „суштество создадено на себе да ги преземе сите можни видови бреме“.

Испишувајќи ја така својата поетска интерпретација на филмот, од Ниче до коњот и неговото бреме, Рансиер како наеднаш да заборавил на дрвото од врвот на ридот. Стеблото кое претставува столб на филмот, околу кој се создава сиот видлив филмски свет. Стеблото, тоа е важно, а не коњот. Но, воведувајќи го во текстот елементот време – во интерпретацијата ја фраќа и фигурата на стеблото. Во неговиот „танц на мртвите лисја на ветерот“, неговата „соголеност во далечината“, се согледува токму ова последното време, времето на повторувањето, репетитивното време: секогаш најважно во филмовите на Тар.

Во раните филмови на Тар постои линеарно време, службено време на пропагандата од она време по кое после капитализмот доаѓа комунизмот кому токму сега социјализмот му го попречува патот, смртно борејќи се со антагонистичкиот капитализам. На тоа идеолошки диктирано време, според Рансиер, Тар го спротивставува времето каде сè е веќе проживеано, време кое се приближува со чисто повторување, каде не постои прогресија, и „каде човечките зборови и дела се искажуваат преку зборовите и гестовите на животните“. Во вториот дел од филмографијата тие слики од времето самиот Тар ќе ги нарекува кристали на времето во кои се концентрира „космичкиот“ притисок.

Времето на пропаѓањето од „Торинскиот коњ“ го следиме преку пропаѓањето на коњот, а потоа и на таткото и ќерката. Времето на промената е обид таткото и ќерката да побегнат, од куќата, од стеблото. Времето на повторувањето е времето на стеблото кое ги отфрла своите лисја. Сега, доаѓаме и до насловот на есејот на Рансиер. Времето потоа не е само време кое се спротивставува на службеното, диригирано време. Тоа е „космичко“, каде проживеаното време се приближува до чистото повторување, а човечката егзистенција се сведува на примарното биолошко постоење. Рансиер не сака да каже дека по падот на комунизмот исчезнала идеолошката перспектива. Времето потоа не е крај на времето: само време на „чисти материјални настани“.

Тар го прогласи „Торинскиот коњ“ за свој „последен филм“. За Рансиер последниот филм не значи нужно и време во кое веќе не е можно Тар да снима. „Времето потоа е повеќе време во кое знаеме дека секој нов филм ќе го дочека истото прашање: зошто да се сними уште еден филм за приказна која, генерално, секогаш е иста?“ Но и „последниот филм е само уште еден филм“, а „затворениот круг секогаш е отворен“; да завршиме со уште неколку цитати.

Тар целиот живот имал среќа со писателите. Со Краснахоркаи работел на адаптација на неговите романи, а сега Рансиер ги испишува интерпретациските страници на нивната соработка. Значи, од првата идеја за филмот, па до идејата на монтираниот филм, Тар има кралска придружба од книжевници и филозофи. Влијанието на Краснахоркаи не може да не се пренагласи; филозофското читање на Рансиер не може да се намали.

„Времето потоа“ не е само фановски и пријателски текст. Есејот на Рансиер е сериозен сопатник на филмовите на Тар. По него, стеблото од „Торинскиот коњ“ веќе нема да биде исто стебло. Времето што се повторува веќе нема да биде само време кое се повторува... А, и последниот филм ќе стане само потенцијално последен филм.

Извор: http://www.mvinfo.hr