ЈСП: Со новите цени го стимулираме пешачењето

18.12.2015 16:11
ЈСП: Со новите цени го стимулираме пешачењето

Скопје, 18 декември 2015

Новите цени на билетите во автобусите на ЈСП наидоа на одушевување кај граѓаните кои се возат бесплатно.

Студентите и пензионерите го поздравија покачувањето на цената на билетите, развеселени што возењето во градските автобуси сега ќе биде покомотно.

Од ЈСП велат дека на овој начин се растоварува гужвата во нивните автобуси, но исто така новите цени се еден вид поттик за граѓаните да пешачат и спортуваат.

„Пешачењето и брзото одење се добри за здравјето, па со новите цени сакаме да придонесеме повеќе граѓани да ги практикуваат овие здрави активности“, вели директорот на ЈСП Игор Јанушев.

Иако новите цени ќе се воведат од 1 јануари 2016 година, мерките на ЈСП веќе имаат ефект.