Национализмот е тема до 300 евра плата

18.12.2015 22:40
Национализмот е тема до 300 евра плата

Посебниот црногорски музичар со белградска адреса, номенклатор, хроничар и сатиричар на турбо-фолкот, Антоније Пушиќ или Рамбо Амадеус, наскоро ќе го издаде својот единаесетти албум. Самопрогласениот Светски Мега Кило Цар за хрватски Експрес отворено зборува за турбо-фолкот и сите негови абоминации.

 

Наскоро излегува вашиот нов албум „Врв на дното“ („Врх дна“), од кој неодамна е земен истоимениот сингл. За какви материјали станува збор?

Немам некој впечаток дека албумот е тематски. Можам да се споредам со селанец кој има своја земја па на неа одгледува компир, пиперки, патлиџани и чува две кози. Тоа е отприлика содржината на новиот албум. Ми се натрупа необјавен материјал, триесетина нови песни. Во процесот на завршување останаа тие десет. Не можам да кажам дека сè заедно има некој заеднички именител освен фактот дека сето тоа го направив јас.

Татко сте на терминот турбо-фолк. Што му се случи на турбо-фолкот во нашата поблиска историја? Дали еволуираше последниве 20 години?

Како не. Еволуираше, па денес освен турбо-фолк имаме и турбо-поп, исто и порно-поп, порно-фолк и многу други варијации. Зависи од кој агол гледаш, а денешниот агол на гледање стана толку тап што веќе ништо не делува тапо.

Дали реалните шоуа се совршен доказ за востоличувањето на турбо-фолкот во доминантна состојба на свеста?

Не би рекол. Реалити е доказ дека телевизијата умира како медиум. Исто како и другите технолошки производи во историјата на човештвото, кога изумираат се препуштени на сè понекритички пазар. На пример, сетете се на хаубата за сушење коса. Тоа беше модерно едно време, но се покажа излишно. Меѓутоа, и денес постојат жени кои ставаат виклери и седат под хауба. Но, да не анализираме зошто го прават тоа, секако е губење време. Исто е и со телевизорот. Тој е медиум кој умира и реалните шоуа се неговите смртни маки. Телевизиите повеќе немаат пари за производство на програма и најевтино им е да доведат некои луѓе кои се доволно деградирани да немаат повеќе што да прават, освен да ја споделат својата интима со публиката и во тоа технолошко издивнување гледаме вакви програми. Набрзо ќе имаме рално шоу од старечки домови и болници. Ќе гледаме како умираат или се раѓаат луѓе. Секако, ако сè уште сме расположени за гледање во телевизор.

Да ја споредиме домашната ситуација со онаа надвор. Телевизиските куќи како HBO сфатија дека иднината на телевизијата лежи во квалитетната драмска програма, па така настанаа сериите како „Вистински детектив“, „Игра на тронови“...

Специјализираните канали кои се на кабел не чинат толку како телевизиските куќи. Каналите како оние кои го следат животот на љубичиците ќе опстанат. „Игра на тронови“ е исклучок кој го потврдува правилото.

Влеговте во историјата на хрватско-српско-црногорските односи како прв изведувач кој дошол да свири во Хрватска во средина на деведесеттите, кога тоа, официјално, „не беше дозволено“. Како гледате на тоа од денешна перспектива?

Свирев јас и пред тоа. Свирев во ’89. И во деведесеттите... Не би барал тука некаква симболика... Желбата да свирам, да излезам пред публиката, беше посилна од ограничувањата. Победив некој вид анксиозност која владееше во тој момент. Можеби би додал дека не бев обземен од национални чувства, мене сето тоа ми е туѓо.

Мислите ли дека денес приликите на Балканот по малку се како оние во деведесеттите?

Повторно се пумпа национализмот, се инсистира на поделби... Национализмот е тема до 300 евра приходи месечно. Ним им се сервира таа приказна. Кога платата ќе надмине 500 евра, тогаш почнува разговор за гардероба и кафулиња. Кога ќе надмине 1.000, тогаш топ тема е здрава храна, летувања и зимувања, а кога ќе се искачи на повеќе од 3.000, тогаш престанува секое паламудење. Луѓето тогаш зборуваат за временската прогноза и љубовта.

Меѓутоа, повеќето луѓе на овие простори имаат плата од 300 до 500 евра (ако воопшто и примаат плата)...

Па затоа национализмот е доминантна тема. Како поинаку да се оправда толку бруталниот факт дека стандардот во времето на социјализмот беше пет пати поголем отколку во капиталистички амбиент, освен дека на сите им е крива онаа другата нација. Национализмот е само пуштање магла, една димна завеса, како кога сипата пушта црно за да побегне или за да фати риба. Така и едно младо капиталистичко општество го фрла тоа црнило на национализмот за да може капитализмот да зграби уште малку. Национализмот е параван за капитализмот, од почетокот.

Апропо национализмот, многу актуелно прашање во Хрватска последнава година е: Каде беше во 1991? Се сеќавате ли каде бевте таа кобна година?

Каде бев во 1991? Ух, чекај малку, само да се сетам. Бев во Белград. Што правевме? Па пушевме марихуана секој ден од утро до вечер. Имаше добра трева колку сакаш. Неверојатно е тоа што во капитализмот хероинот и кокаинот се подостапни од тревата. Веројатно тоа е така бидејќи човекот на кокаин и хероин е попослушен отколку на трева.

Како се снаоѓате денес во Белград со новиот премиер Александар Вучиќ и затворањето на културните простори клучни за белградската сцена, како Академија, СКЦ, БИГЗ...

Белград е двомилионски град со многу интензивен културен и ноќен живот. Ако се затвори еден простор, ќе никнат три нови. Во таа смисла владее законот на големите броеви. Тешко е да се контролира ритамот на таков град. Не чувствувам особен вид ограничувања ниту цензура, ниту каква било репресија која би била поинаква од онаа кај вас. Ако постојат ограничувања, тогаш тоа пред сè се пазарни ограничувања. Пазарот е тој кој затвора и отвора простори. Парите или отсуството на пари. Но најпосле, тоа е последица на демократизацијата. Народот беше сит од социјализмот, сакаше капитализам и најпосле го доби. Во таков амбиент, мене, на 52 години, искрено речено најмногу ме интересира како со што помалку напор да направам што подобри приходи. Капитализам, демократија...

Звучите како да сте пред пензија...

Не. Звучам како музиката повторно да ми станала хоби. Сакам да свирам. Но паралелно држам и школа по едрење. Не можеш да очекуваш егзистенцијата да ти зависи од рокенрол. Додека си млад, тоа е супер, не можеш ни да ги потрошиш парите од рокенрол. Меѓутоа, кога ќе ти дојдат клинците до студио, малку е гротескно да скокаш по бината и да броиш колку влезници си продал за да ги платиш сметките. Тогаш треба да се работат други работи за да се сочува интегритетот, и како човек и како музичар. Освен ако не свириш во Стоунси. Мене сега ми е важно опкружувањето да е сигурно, а еве, како што гледаме, денес е посигурно на Балканот отколку во Париз, што, секако, воопшто не ме развеселува. Ме радува тоа што сме сигурни, но би сакал и тие да бидат. Државата е комплексен организам и воопшто не е лесно да се има држава.

Црна Гора од 2006 исто така има држава. Каква е ситуацијата во Црна Гора?

Неодамна имаше протести против НАТО, се скандираше името на Путин.

Како гледате на тоа?

Демократија, сè се тоа придобивки од демократијата. Уставот ја гарантира слободата на изразување став и мислење. Кога се скандира за Америка и Обама, тоа е несомнено демократија. А кога му се скандира на Путин, веројатно и тоа би требало да биде демократија? Или не? Научете ме вие.

А што ќе биде со Русите кога ќе стигне НАТО?

Изградија одморалишта долж црногорското крајбрежје.

Дали ќе има сценарио НАТО доаѓа, Русите си заминуваат?

А зошто некој би си одел? Русите имаат свој капитал во Америка и Англија, ширум светот... Многу посериозен капитал од неколку хотели и стотици викендички. Мислам дека инвестираниот капитал во туризмот е нешто што е добро од сите аспекти. Ќе има работа, како келнери ќе работат наши луѓе, оние кои не завршиле школа ќе работат во пералници за алишта, оние кои имаат некаква школа ќе бидат менаџери. По околните села ќе пораснат цените на квадратот и цените на сирењето и компирот. Не гледам ништо лошо во тоа. Тоа е демократија. Ние тука нешто се жалиме, но сето ова што се случува е последица на она како одлучи мнозинството. Откако на Балканот има демократија, престанав да се палам на политика. Само ми е важно правилата на игра да не се менуваат среде игра. Јас сум човек кој брзо учи и брзо ги сфаќам правилата на игра, само немојте да ми ги менувате среде играње.

Времињата се менуваат, а со нив и правилата. Што мислите, нè чека ли тотална војна?

Кога одев во гимназија, бев одличен ученик. Тогаш имаше предмет Одбрана и заштита. Предаваше професорот Матија Дабовиќ. Во склоп на предметот имавме геостратешка анализа, се зборуваше за неврзаните и можноста од трета светска војна. И тој тогаш рече дека, со оглед на тоа дека големите сили се и атомски сили, нема да дојде до трета светска војна. Но војните ќе бидат ограничени, на ограничени територии, а ќе се војува главно за ресурси и тоа, со тек на време, ќе го зголеми и поттикнува меѓународниот тероризам. Тоа го учев на 16 години, значи ’78/’79. Денес е 2015 и погледнете што имаме. Разни локални војни и меѓународен тероризам. Значи, нема да има трета светска војна. Иако за нас Балканците тоа не е некоја утеха, со оглед на навиките.

Извор: www.express.hr

ОкоБоли главаВицФото