Создавање урбано општо добро (2)

19.12.2015 00:40
Создавање урбано општо добро (2)

Човечките квалитети на градот се покажуваат преку нашите активности во различни подрачја на градот, дури и ако тие подрачја се предвидени за разграничување, општествена контрола и распределба, како на приватниот така и на јавниот/државен сектор и интересите. Овде постои важна дистинкција помеѓу јавните простори и јавните добра, од една страна, и општите добра, од друга. Јавните простори и јавните добра во градот секогаш биле во фокусот на државната власт и јавната администрација, а таквите простори и добра не создаваат задолжително општи добра. Преку историјата на урбанизацијата, обезбедувањето на јавните простори и јавните добра (како што се јавните комунални служби, јавното здравство, образованието и сличните на нив), подеднакво од страна на јавниот како и приватниот сектор, биле круцијални за капиталистичкиот развој.11 До она ниво на кое градовите претставувале центар на жестоки класни конфликти и борби, градските администрации често биле принудени да ги обезбедуваат јавните добра (како што се јавните станови по прифатливи цени, здравствената заштита, образованието, асфалтираните улици, јавниот водовод и канализација) на урбанизираната работничка класа. Иако овие јавни простори и јавни добра исклучително придонесуваат за квалитетот на општите добра, потребна е политичка акција на граѓаните и народот за да се оствари нивното присвојување или тие да се направат општо добро. Јавното образование станува општо добро кога општествените сили располагаат со него, го штитат и зголемуваат заради општата благосостојба (три пати ура за ПТА – Асоцијација на родители и наставници). Плоштадот Синтагма во Атина, Плоштадот Тахрир во Каиро и Плаза де Каталуња во Барселона, сите тие беа јавни простори кои станаа општи добра бидејќи таму луѓето се собираа за да ги изразуваат своите политички гледишта и да ги изнесуваат своите барања. Улицата е јавен простор кој во текот на историјата често бил трансформиран со помош на општествените акции и општото добро на револуционерното движење, но и место за крваво гушење на бунтовите.12 Секогаш се водела борба околу тоа како треба да се регулира производството и пристапот до јавниот простор и јавните добра, кој треба да го регулира тоа и во име на чии интереси. Борбата за присвојување на јавните простори и јавните добра во градот заради општиот интерес е постојана. Но, за да се заштитат општите добра, често од витално значење е да се заштитат тековите на јавните добра кои ги поткрепуваат квалитетите на општите добра. Со тоа што неолибералната политика го намалува финансирањето на јавните добра, таа ги намалува и расположливите општи добра, принудувајќи ги општествените групи да пронајдат други начини за да го поддржат тоа општо добро (како, на пример, образованието).

Оттука, општото добро не треба да биде протолкувано како некое одредено нешто, имот или пак општествен процес, туку како нестабилен и еластичен општествен однос помеѓу одредена самодефинирана општествена група и оние аспекти од нејзиното конкретно и постоечко или сè уште неоформено општествено и/или физичко окружување кои се сметаат клучни за животот и издржувањето на таа група. Во суштина, постои општествена практика за создавање општо добро. Таа практика создава или воспоставува општествен однос со општото добро чие користење е или од ексклузивен карактер за некоја општествена група или е делумно или сосема слободно за сите и за секого. Во срцето на практиката за создавање општи добра лежи принципот дека односот помеѓу општествените групи и аспектот на окружувањето кој се третира како општо добро, воедно ќе биде наменет за сите и дека нема да биде предмет на тргување – надвор од дофатот на логиката на пазарната размена и трговските вреднувања. Последната точка е одлучувачка бидејќи помага да се направи разлика помеѓу општите добра протолкувани како производствени државни трошоци и општото добро кое е утврдено или се користи на сосема поинаков начин и за сосема поинаква намена, дури и кога завршува на тој начин што индиректно ги зголемува богатството и приходот на општествената група која има право на него. Оттука, градината, која е во сопственост на заедницата, може да се види како нешто добро, самата по себе, без оглед каква храна може да произведе. Тоа не спречува дел од таа храна да оди во продажба.

Едноставно кажано, многу различни општествени групи можат да бидат ангажирани во практиката за создавање општи добра од повеќе различни причини. Тоа нè враќа назад на темелното прашање – кои општествени групи треба да се поддржат, а кои не, за време на борбата за создавање општо добро. Меѓу другото, ултра богатите покажуваат исто толку жестока потреба да ги заштитат општите добра во своето место на живеење како и сите други, и имаат далеку поголема борбена моќ и влијание, неопходни за нивно создавање и заштита.

Општото добро, дури (и тоа особено) кога не може да биде оградено, секогаш може да биде предмет на тргување, дури и кога самото по себе не е стока. На пример, околината и атрактивноста на градот, претставуваат заеднички производ на неговите граѓани, но туристичката дејност која ја пружа градот е она што донесува комерцијална добивка, во вид на монополски ренти. Преку своите секојдневни активности и борбата за живот, поединците и општествените групи го создаваат социјалниот свет на градот, и на тој начин создаваат нешто заедничко како рамка во која можат да живеат сите. Иако, ваквото културно креативно добро не може да биде уништено со самото користење, прекумерната злоупотреба може да го деградира и банализира. Улиците кои се загушени од сообраќајот го прават конкретниот јавен простор речиси неупотреблив дури и за возачите (а, да не зборуваме за пешаците и демонстрантите), сè додека не се воведе наплата на такси за загушувањето и преминувањето преку соодветната траса, во настојувањето да се ограничи нивното користење, заради нивно поефикасно користење. Таквите улици не претставуваат општо добро. Сепак, пред да се појават автомобилите, улиците често биле општо добро – место за собирање луѓе, игралиште за децата (имам доволно години, па се сеќавам дека таму си игравме постојано). Но, тој вид општо добро е уништено и претворено во јавен простор со кој владеат автомобилите (заради кои започнуваат иницијативите на градските власти за обновување на некои аспекти од „поцивилизираното“ заедничко минато, кои можат да се согледаат во организирањето пешачки зони, отворањето кафулиња на тротоарите, посебни патеки за велосипеди, оградени игралишта и слично). Но, на таквите настојувања да се создадат нови видови урбани општи добра премногу лесно може да се заработува. Всушност, тие можат да бидат уредени токму со таа цел. Градските паркови речиси секогаш доведуваат до зголемување на цените на блиските резиденцијални имоти, кои им припаѓаат на подрачјата што ги опкружуваат (се разбира, под услов јавниот простор на паркот да е регулиран и обезбеден со полициска заштита за да не доаѓа до собирање на џганот и дилерите на дрога). Новооснованиот парк Хај лајн во Њујорк Сити имаше огромно влијание на вредноста на блиските резиденцијални поседи, на тој начин оневозможувајќи го домувањето по поприфатливи цени во таа област за повеќето граѓани на Њујорк Сити, како резултат на рапидно растечките ренти. Создавањето ваков вид јавен простор радикално ја намалува, наместо да ја зголемува можноста за користење на општото добро за сите, со исклучок на изразито богатите.

Реалниот проблем кој се поставува тука, како во приказната на Хардин за моралноста, не се општите добра per se, туку неуспехот на индивидуализираните права на приватна сопственост да ги остварат заедничките интереси на начин на кој е претпоставено. Тогаш, зошто не се фокусираме на личниот имот над стоката и личното однесување кое ја максимизира користа, наместо на пасиштето, како основен проблем кој треба да се разгледа? Сè на сè, оправдувањето на правата на приватна сопственост во либералната теорија е во тоа што тие треба да служат за максимизирање на општото добро кога тоа е општествено интегрирано преку институциите за фер и слободна пазарна размена. Заедничкото богатство (како што рече Хобс) е создадено преку приватизирање на конкурентните интереси во рамки на силната државна моќ. Ова гледиште, кое го артикулираат либералните теоретичари како Џон Лок и Адам Смит, продолжува да се проповеда. Денес, се разбира, трикот е да се прикрие потребата за силна државна моќ, а всушност таа се употребува – понекогаш и на брутален начин. Решението за проблемите на глобалната сиромаштија, како што Светската банка продолжува да нè убедува (сериозно потпирајќи се на Де Сото), се правата на приватна сопственост за сите кои живеат во сиромашните четврти и слободниот пристап до микрофинансиите (кои, изгледа, на светските финансиери им носат големи стапки приходи, додека истовремено голем број лица, соочени со нужноста макотрпно да работат за да го отплатат својот долг, ги носи кон самоубиство).13 Сепак, митот опстојува и понатаму: кога еднаш ќе се ослободат вродените претприемачки инстинкти на сиромашните, како природните сили, како што се мисли, тогаш сите ќе имаат доволно и проблемот на хроничната сиромаштија ќе биде решен и вкупното богатство ќе биде зголемено. Навистина, вака изгледаше образложението дадено во прилог на изворното движење за оградување во Британија, од доцниот среден век наваму. И, не беше сосема неточно.

За Лок, личната сопственост е природно право кое се јавува кога поединците создаваат вредност со комбинирање на својата работа со земјата. Плодовите од нивната работа им припаѓаат на нив и исклучиво на нив. Тоа беше суштината на верзијата за работната теорија на вредноста на Лок.14 Пазарната размена го поопштествува тоа право тогаш кога секој поединец ќе ја врати вредноста која ја создал секој од нив разменувајќи ја за еквивалентната вредност што ја создал некој друг. Во суштина, поединците го одржуваат, прошируваат и поопштествуваат своето право на приватна сопственост преку создавање вредност и претпоставена слободна и фер пазарна размена. Тоа е начинот на кој, според Адам Смит, најлесно се создава богатството на народите и начинот како најдобро да му служи на општото добро. Неговото мислење не било сосема неточно.

Меѓутоа, претпоставката е дека пазарите можат да бидат фер и слободни, а во класичната политичка економија се претпоставувало дека државата требало да интервенира за да ги направи такви (барем така Адам Смит ги советувал државниците). Но, постои и една грда последица од теоријата на Лок. Поединците кои нема да успеат да создадат вредност, немаат право на сопственост. Протерувањето на староседелското население во Северна Америка од страна на „продуктивните колонисти било оправдувано со тоа што староседелското население не создавало вредност.15

Тогаш, како Маркс го решил сето тоа? Маркс ја прифаќа фикцијата на Лок во воведните поглавја на Капиталот (иако неговото образложение сигурно е исполнето со иронија, да речеме кога ја прифаќа необичната улога што ја има митот за Робинзон Крусо во политичко-економското мислење, според кое некој што е фрлен во природна состојба се однесува како роден претприемачки Британец).16 Но, кога Маркс ќе се позанимава со прашањето за начинот на кој работната сила станува индивидуализирана стока која се набавува и продава на фер и слободни пазари, ние ја гледаме демаскирана фикцијата на Лок, која ни се покажува каква што е навистина: системот втемелен на размена и еднакви вредности создава вишок вредност за капиталистичкиот сопственик на средствата за производство преку експлоатација на живата работна сила во непосредното производство (не на пазарот, каде граѓанските права и законитоста можат да имаат предност).

Формулацијата на Лок уште подраматично е разнишана кога Маркс ќе се позанимава со прашањето за колективната работа. Во свет во кој индивидуалните занаетчиски производители, кои ги контролираат своите сопствени средства за производство и истите можат да се ангажираат во слободната размена на релативно слободните пазари, на одреден начин, фикцијата на Лок може да помине. Но, подемот на фабричкиот систем, од доцниот осумнаесетти век до денес, како што тврдеше Маркс, ги направи излишни теоретските формулации на Лок (дури и ако на прв поглед не беа такви). Работата во фабрика е организирана колективно. Ако постои какво било право на сопственост кое треба да се изведе од оваа форма на ангажирање на работата, тоа секако мора да биде колективно или здружено, а не лично право на сопственост. Дефиницијата на работата која создава вредност, која ја претставува основата на теоријата за приватната сопственост на Лок, веќе не важи за поединечното, туку се поместува кон колективниот работник. Тогаш, комунизмот не треба да се појави, заснован на „заедница слободни луѓе кои работат со општествени средства за производство и своите многубројни индивидуални работни сили свесно ги трошат како една општествена работна сила“.17 Маркс не ја брани државната сопственост, туку одредената форма на сопственост која му е доделена на колективниот работник кој произведува за општо добро.

Можноста за појава на таква форма на сопственост можела да излезе на виделина врз основа на насочувањето на образложението на Лок за создавање вредност против самото себе. Да претпоставиме, вели Маркс, дека капиталистот го започнува производството со почетен капитал од 1.000 долари и во првата година успева да стекне вишок вредност во износ од 200 долари преку работници кои ја комбинираат својата работа со земјата, а потоа го користи тој вишок на производство за целите на личната потрошувачка. Тогаш, по пет години, тие 1.000 долари ќе им припаднат на колективните работници, бидејќи тие се оние кои ја комбинирале својата работа со земјата. Капиталистот го потрошил целиот свој почетен имот.18 Како и староседелските народи од Северна Америка, соодветно на оваа логика, и капиталистите заслужуваат да ги изгубат своите права, бидејќи самите не создале никаква вредност.

Иако, оваа идеја звучи сурово, таа е во основата на шведскиот Мејднер план, предложен во доцните шеесетти.19 Според тој план било предвидено приходите од даноците на корпоративниот профит, како надомест за ограничувањето на заработката од страна на синдикатите, да се пласираат во фонд под контрола на работникот кој би инвестирал во корпорацијата и најпосле би го купил контролниот пакет акции на корпорацијата, со што над неа би се воспоставила заедничка контрола на здружените работници. Капиталот се противел на таа идеја со сета сила, и таа никогаш не заживеала. Но, тој концепт треба да се разгледа повторно. Централниот заклучок е дека колективната работа која сега создава вредност мора да биде основа за колективните, а не индивидуалните права на сопственоста. Вредноста – општествено нужното работно време – претставува капиталистичко добро, и се претставува преку парите, кои се универзален еквивалент со кој се мери заедничкото богатство. Оттука, општото не е нешто што постоело некогаш одамна, а подоцна било изгубено, туку нешто што, како урбаното општо добро, се произведува во континуитет. Проблемот е што токму тоа континуирано се оградува и присвојува од страна на капиталот, изразено во форма на стока или пари, подеднакво како што и континуирано го создава колективната работа.

(продолжува)

Кон првиот дел

______________________________________________

[11] Martin Melosi, The Sanitary City: Urban Infrastructure in America, from Colonial Times to the Present, Baltimore, MD: Johns Hopkins, 1999.

[12] Anthony Vidler, “The Scenes of the Street: Transformations in Ideal and Reality, 1750-1871”, во: Stanford Anderson, On The Streets: Streets as Elements of Urban Structure, Cambridge, MA: MIT Press, 1978.

[13] World Development Report 2009: Reshaping Economic Geography, Washington DC: World Bank, 2009; Ananya Roy, Poverty Capital: Microfinance and the Making of Development, New York: Routledge, 2010.

[14] Ronald Meek, Studies in the Labour Theory of Value, New York: Monthly Review Press, 1989.

[15] Ellen Meiksins Wood, Empire of Capital, London: Verso, 2005.

[16] Karl Marx, Kapital, прв том, стр. 78-80.

[17] Ibid., стр. 79.

[18] Ibid, стр. 502.

[19] Robin Blackburn, “Rudolph Meidner, 1914-2005: A Visionary Pragmatist”, Counter-punch, 22 декември 2005.

Слики: City Prints (поп-културни мапи)

Слични содржини

Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Јавни простори / Теорија
Општество / Екологија / Теорија

ОкоБоли главаВицФото