Граѓани и активисти за човекови права со поддршка за мигрантите и бегалците

19.12.2015 12:58
Граѓани и активисти за човекови права со поддршка за мигрантите и бегалците

Група граѓански организации и активисти за човекови права вчера одржаа мирен протест пред Владата за поддршка на илјадниците мигранти кои поминуваат низ Македонија и на тој начин го одбележаа Меѓународниот ден за правата на работниците кои мигрираат. Со транспаренти и фотографии на починати бегалци, активистите потсетија дека за една година над 3.000 луѓе го изгубиле својот живот на миграциската рута.

Владата не го прифати подарокот на активистите со одговор дека е небезбеден да биде внесен преку оградата. Подарокот, на кој имаше мал шатор ограден со жица, симболизира забранет пристап до прибежиштето кое државата треба да им го понуди на мигрантите.

Активистите, сепак, доставија до Владата пораки и препораки за справување со бегалската хуманитарна криза. Тие бараат Македонија да ја преиспита одлуката за сегрегација на мигрантите и повеќе да не им забранува транзит на оние кои се нарекуваат „економски мигранти“. По примерот на земјите од ЕУ, Македонија од ноември на своите граници ги пропушта само бегалците кои доаѓаат од Сирија, Авганистан и Ирак.

Граѓанските организации бараат Македонија да престане со дискриминаторската политика и да му овозможи влез на секој бегалец, да применува похумани механизми за соочување со кризата, итно да ги ослободи жртвите и сведоците на кривични дела кои се наоѓаат во Прифатниот центар во Гази баба, како и да обезбеди греење во транзитните центри во Гевгелија и Табановце. Од Владата се бара да објави нулта толеранција за полициското насилство и финансиски да не ги оптоварува бегалците со екстремно високи цени за јавниот превоз.

Со писмо доставено во делегацијата на Европската комисија во Скопје, активистите ја посетуваат Европската унија дека борбата против тероризмот не смее да ги стави во сенка потребите на луѓето кои од различни причини се упатуваат кон европскиот континент.

 

Извор: А1он
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото