Мал новогодишен саем на книги во ГЕМ #6

20.12.2015 14:41
Мал новогодишен саем на книги во ГЕМ #6

21-26 декември 2015

ГЕМ Клуб, Стара чаршија (над Менада)

 

Учествуваат: Темплум, Бегемот, Готен, Блесок, Сигма Прес, Слово, Кликер, Везилка

 

ПРОГРАМА

 

 

Понеделник, 21.12.

-Темплум ретро - промотивна продажба на стари изданија на Темплум

Во текот на целиот ден, старите и ретки изданија на Темплум од 1990-тите години ќе се продаваат по промотивна цена од 100 денари.

Вторник, 22.12., 20 часот

„Пак ли поезија?“ - поетско читање

Учествуваат: Александар Маџаровски, Ана Голејшка, Исток Улчар, Ѓоко Здравески, Николина Андова Шопова, Снежана Стојчевска, Биљана Стојановска, Андреј Ал-Асади

Среда, 23.12.

-Катапултирање

Промотивна продажба на сите изданија од едицијата Катапулт на издавачката куќа Темплум! По повод 10-годишнината од конкурсот „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис, сите книги од едицијата Катапулт, во која се објавуваат победниците на „Новите!“, ќе се продаваат по цена од 50 денари!

 

Среда, 23.12., 18 часот

Во организација на ФООМ, ќе се одржи промоција на книгата „Сеќавања одживотот“ од Еќрем-Бег Вљора. За книгата ќе зборуваат Егин Цека (политиколог), Драги Ѓоргиев (историчар) и Роберт Несими (аналитичар), а дискусијата ќе ја модерира Рамадан Рамадани.

„Сеќавања од животот“ од Еќрем-Бег Вљора, освен приказ на бујниот и интересен живот на еден албански достоинственик од крајот на отоманскиот период, содржи и многу ретки согледувања за Албанците и Албанија, но и за Македонија и другите краишта во регионот. Книгата освен на германски, веќе е издадена на албански и турски јазик, веднаш станувајќи неизбежна референца во релевантната тематика и период на историографијата. 

 

Четврток, 24.12., 20 часот

-Промоција на романот „Бело и црвено“ од Михајло Свидерски, победник на „Новите!“ за 2014 година

За книгата ќе зборува Марта Маркоска, со авторот ќе разговара Иван Шопов, а извадоци од книгата ќе чита Елена Пренџова.

Кусиот роман на Свидерски ги следи најдраматичните епизоди од животот на белогардеецот Тихон Кирилович Василев, кој пред налетот на Октомвриската револуција бега од Петроград преку Киев, Крим, Истанбул, па стигнува до Битола, за на крајот да заврши на Голи Оток.

Иако сместена во специфични историски околности, приказната што авторот ја раскажува како првенствено да има цел да ни ја прикаже универзалната апсурдност и суровоста на историските епизоди и големите приказни среде кои е вклештен и изгубен еден обичен човек. Настрана од сите идеологии, борби и каузи, стојат страдањето, суровоста, разочарувањето поради скршените илузии, изместеноста и невдоменоста што ги носи егзилот... А среде големите промени на историската мапа, светот нема време да се занимава со поединечните судбини на огорчените несреќници врз чии глави се кршат копјата. 

 

Петок, 25.12., 12 часот

-Доделување на наградата „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2015 година.

Во најтесен избор влегоа Сања Михајловиќ Костадиновска, Д. Јанков, Иво Петровски, Јагода Василевска и Јордан Николов. Извадоци од нивните ракописи можете да прочитате овде.

 

Петок, 25.12., 20 часот

-Промоција на едицијата „Во пет кај вртелешките“ на издавачката куќа Темплум, во која се објавени сликовниците „Глувци и мачки наопачки“ од Луко Паљетак, „Цветот што носи среќа“ од Михо Атанасовски и „Плишаниот зајак“ од Марџори Вилијамс.

 

-Промотивна продажба на книгата „Митизација на реалноста“ од Бруно Шулц, во издание на Бегемот и изложба на негови цртежи. Продажбата и изложбата ќе траат и наредниот ден, 26.12.

 

Сабота, 26.12., 20 часот

-Промоција на книгата „Што е груевизам“

Перформанс на групата „Груевистички сведоци“

Од предговорот на Никола Гелевски: „Книгата не е толку портрет на еден забеган владетел, колку историски документ. Десетте години на груевизмот се најлошата деценија во Македонија во последниве стотина години (ако ги исклучиме двете светски војни, се разбира). Застрашувачки е степенот до кој се уништени иституциите, опљачкани граѓаните, натерани на емиграција стотици илјади луѓе исто толку сотрени или разболени. Долговите земени за криминалните потреби на режимот ќе ги враќаат неколку генерации. Цената одново ќе биде беда, сиромаштија, смрт. (...) Втора важна причина за книгава е желбата да ги издвојам храбрите луѓе што му се спротивставија на опустошувачкото јато скакулци. Можев да вклучам уште барем исто толку луѓе, но граница некаде морав да ставам. Книгава сака да потсети и на медиумите во кои изминативе години сепак беше можно (и покрај големите притисоци од страна на режимот) да се слушне и поинакво мислење од она на власта.“

* * *

Работно време: 11-21 часот. Во деновите кога има вечерен настан, саемот е отворен до 22 часот. На 24.12. (четврток) саемот нема да работи од 18 до 20 часот.

* * *

Секој ден на саемот, Темплум, Бегемот и Готен ќе им доделуваат награди на читателите кои точно ќе одговорат на наградните прашања, кои ќе бидат поставувани на фејсбук страницата на Темплум.

Слични содржини

Книжевност / Настан
Книжевност / Култура / Настан
Книжевност / Настан
Книжевност / Култура / Уметност / Настан
Книжевност / Настан

ОкоБоли главаВицФото