„Зарем немате никакво чувство за пристојност“

21.12.2015 01:06
„Зарем немате никакво чувство за пристојност“

Импресионирана од фактот дека, конечно, и таа е „фактор“ во македонската политика и загрижена од можен бојкот, бидејќи никој сосила не може да биде довлечкан да сведочи, опозицијата згреши: се согласи на затворена седница на Анкетната комисија. Така е изгубена смислата на овој демократски институт и направен е лош преседан на кој ќе се повикуваат идни сослушувани.

Сослушувањата во парламентите во светот предизвикуваат контроверзи затоа што личат на судења иако не се тоа. Сослушувањата се важен извор на информации за определен случај, но, повеќе од тоа, тие се моќен креатор на јавното мислење. Заедничко со судската постапка им е што, по правило, сослушувањата се отворени за јавноста. Како важен канал на комуникација на политичарите со народот, смислата на оваа институција во демократските политички системи, не е политичарите меѓу себе да се сослушуваат, туку тоа да го прават пред лицето на народот. Со тоа, сослушувањето добива и на сериозност и на значење, зашто ризикот тие да се претворат во комедија е многу поголем кога седниците се затворени за јавноста.

Сослушувањата на ЦИА и на ФБИ во 1976, на пример, се организирале со цел да се придобие Конгресот и народот за законски реформи со кои ќе се спречи злоупотребата на моќта на агенциите за разузнавање. Вотергејт комитетот на американскиот Сенат, кој организира телевизиски сослушувања за изборните практики и злоупотребата на пари во изборните кампањи, нема за цел да прибере информации за случаите, туку да добие јавна поддршка за изборни реформи.

Најчесто, смислата на сослушувањата е, пред очите на јавноста, да се тргнат бариерите што водат до вистината за коруптивно или друго неодговорно поведение на политичарите. Се разбира, секогаш постои опасноста сослушувањата да се претворат во лично непријателство, да ги повредат демократските принципи на управување, да навлезат во приватноста на граѓаните и, како платформа, да бидат искористени од демагозите. Но, и тогаш, вреди да се земе тој ризик и да се оди јавно. Еве еден пример од политичката историја.

Републиканскиот сенатор од Висконсин, Џозеф Макарти, на почетокот на педесеттите, со години ја тормози американската јавност со својот лов на комунисти кои, според неговите зборови, биле инфилтрирани во највисоките структури на федералната власт. Кога, во 1953, станува претседавач на Постојаниот поткомитет за истрага, немало крај на неговите напади врз интегритетот на луѓето, претворајќи се во судија и во обвинител. Атмосфера на страв завладеала ширум Америка: страдале невини луѓе, самоубиствата биле во пораст... „Беа тоа опасни времиња за сите нас“, ни вели, кон крајот на деведесеттите, во еден разговор во Принстон, сопругата на Банди, еден од најблиските соработници на идниот претседател Кенеди.
Но, како подемот, така и падот на Макарти се случи на јавно сослушување. Во 1954, пред очите на една запрепастена телевизиска публика, се одвива „Сослушување Војска - Макарти“. Имено, обвинет дека дозволува инфилтрација на комунисти во своите највисоки ешалони, армијата го најмува бостонскиот адвокат Џозеф Велч да ја застапува пред поткомитетот. Кога, во текот на сесијата на сослушувањето, Макарти обвинува еден млад соработник на Велч за врски со комунистичка организација, добива одговор што ја запечатува неговата политичка кариера.

„До овој момент, сенаторе, никогаш не ги знаев димензиите на вашата свирепост или на вашата деструктивност“ , му се обраќа Велч на Макарти.

Кога Макарти се обидува да продолжи со нападите, Велч го прекинува со зборовите: „Да престанеме да го убиваме ова момче, сенаторе. Доволно направивте. Зарем немате никакво чувство на пристојност?“

Токму во тој момент исчезнува огромната популарност на Макарти кај обичниот американски човек, прикован пред телевизиските екрани. Преку ноќ, се превртува целото јавно мислење. Колегите сенатори го бојкотираат, партијата се откажува од него, а печатот и телевизијата престануваат да му даваат простор. Умира три години подоцна, на возраст од 48 години, како скршен човек. Америка, здивнува. Упорноста, целиот процес на сослушување да остане јавен, со што се демонстрирала силата на демократскиот принцип, се исплатеше. Зашто, превратот го направија шест ЈАВНО изговорени зборови во право време и на право место: „Have you no sense of decency?“

Извор: Плусинфо
Слика: Александар Ковачевски