Перформанс: „Пак ли поезија?“

22.12.2015 10:40
Пак ли поезија?

Вечерва (вторник, 22.12.) со почеток во 20 часот во рамки на малиот новогодишен саем на книги во ГЕМ ќе се одржи поетското читање „Пак ли поезија?“, во кое учествуваат: Александар Маџаровски, Ана Голејшка, Исток Улчар, Ѓоко Здравески, Николина Андова Шопова, Снежана Стојчевска, Биљана Стојановска, Андреј Ал-Асади. Подолу претставуваме по една песна од секој автор.

 

A STAR IS TORN
(Ана Голејшка)

Денес некако, ко да имам крилја
закачени горе, на куќаркава
можеби е само остаток од сонот
во кој дождот и небото се прелеваа
се разбудив во мирис на бор
свежина од есенски премин
сонив како ме водиш на забава
се душкаме по влезови бесрамно.

Експлодирам, во грамови
како пуканка, фрлена набрзинка
додека филмската лента се истегнува
некој ме јаде/ме гледа
моето сценарио нема кадри, нема светло
нема епизода ниту правилник
има вртлог можни решенија
писта на која треба да одлетам.

Се разбудив, бела како табула рОза
можеш да напишеш на мене што сакаш,
немам трње, имам ѕвезди
и меѓу нив козји патеки за да акаш.
Кафето се лади како летово
на прозорецот, денот станува реалност.
Си замислувам како барам добри крилја на продажба и луто велам:

„Ќе ве молам, без импровизации, сепак за летање се работи“

 

НЕМА ЖИВОТ НА ДРУГИТЕ ПЛАНЕТИ
(Андреј Ал-Асади)

Некогаш сакав слободно да пловам
Покрај сребрените петици на ѕвездите
И сувите гради да ги полнам со сина прав
Истругана од загноеното грло на Нептун
Сакав со огледалата под моите јагленосани веѓи
Да му покажам на космосот, колку грдо си го скроил лицето
И да видам како заспиваат белите камења
Во пукнатите на празнината
Но, се сторив само уште еден сателит
Кој вечно ќе кружи околу твојата водена планета.

 

ДЕН ПОТОА
(Снежана Стојчевска)

Очекувањата беа преголеми
комунизмот сѐ уште трае во некои од нас.
Ја одминуваме староста
надевјаќи се дека еден ден и таа ќе не одмине нас
на смртта ѝ се смееме в лице.
Непријатни мириси не толерираме
излегуваме на воздух,
чист дим, слобода на улиците.
Спремни сме да го освоиме светот
барем на една ноќ
авангардно, забораваме на немоќта...
Штиклата е крива
калдрмата нерамна
чекорите сигурни
пивото ладно
и најдобро лизга во друштво на пријатели.
Смеата е гласна,
срцата полни
душата плови
на крајот на денот најважно е со кого се смееш
раскажуваш, планираш, дискутираш...
Ракијата појма немавме каква беше,
но светот беше наш
иднината ветува авантури...
Главата секогаш боли ден по тоа.

 

ГРАДОВИ БЕЗ ВЕТЕР
(Александар Маџаровски)

Во градовите без ветер
напразно ги оптегнуваме едрата
(не се придвижуваме ни милиметар).
Во нив знамињата не се веат
а фризурите ни се секогаш наместени.

Во градовите без ветер
празните кесички од Смоки лежат како
мртви гулаби на улиците.
Испраните алишта не се откачуваат од штипките,
а очите не ни солзат од правта во воздухот.

Во градовите без ветер,
никој не го краде мирисот на розите,
во нив постојано ги сонуваме истите соништа
и до нас не стигнуваат гласови
ниту од минатото, ниту од иднината.

Во градовите без ветер,
го молиме небото само за една работа:
никако да не се судрат топлите и студените
честички во воздухот.

 

ПРИЧИНА
(Биљана Стојановска)

9.

Да не се убиеја Ромео и Јулија,
нивната љубов ќе наликуваше на нашата.
Ромео ќе лажеше дека мора да оди на патување,
Јулија, пак, дека ја задржале на работа
за да кисне во кафана.
Следниот ден, како ништо да не било,
ќе си го пиеја ритуалното кафе,
ќе си ги допираа стапалата под маса
додека разговараат за приказните во дневните весници.

Да не се убиеја Ромео и Јулија,
сигурно ќе си најдеа љубовници.

21.

Кога ќе ми дадеш комплимент,
ми станува непријатно.
Во тие мигови, знам дека ми се менува
бојата на лицето,
па ми станува уште понепријатно.

Истото чувство ми се јавува
и кога некој ќе ме праша
дали ми се нови патиките.

 

СТАПКИ
(Николина Андова Шопова)

Некои од нас носеа падобрани место ранци на грбот
и само одвреме-навреме ја допираа земјата
Тајните патчиња кои никнуваа зад секој агол
секогаш завршуваа во линијата на дланката
на нашиот мал бог
Молчевме и го слушавме
снегот кој ни држеше предавања
на еден јазик кој одамна го заборавивме
и знаевме дека е тука и во лето
невидлив, како во снежната кугла во која
никогаш нема да заврне
ако не посакаш да ја земеш во дланката
како што ѕвездите паѓаа и дење
иако не се гледаа
Хоризонтот чекореше со нас
и сѐ што ќе допревме го губеше своето име
нарцисот не беше нарцис туку само цвет
тополата не беше топола туку обично дрво
кое се чинеше како секој миг
да чека да го соблече и тоа име
Сѐ повеќе сум сигурна
детството не е зад нас
туку пред нас
чека да ги остави своите стапки
на свежо асфалтираните патишта

 

ЕДНО ОБИЧНО МАКЕДОНСКОТО СЕМЕЈСТВО
(Исток Улчар)

Бабата разговара со кучето.
Таткото се кара со телевизорот,
кој емитува изјава на некој политичар.
Мајката ги жали несреќните
ликови од турските серии.
Синот ги пцуе ботовите што го убиваат.
Ќерката беснее гледајќи во мониторот,
кој прикажува слика на некоја нејзина
„непријателка“.

Благ облик на колективна шизофренија -
дијагноза на секое обично македонско семејство.

КОЈ СУМ
(Ѓоко Здравески)

јас сум тој што го чекаш. тој што го загина
еднаш во чекалницата помеѓу две раѓања. помеѓу
две отелотворувања. еден до друг бројче чекавме
седнати на клупата и нишавме со ноџињата,
ти текнува? јас сум тој со кого шаркаше
со суви гранчиња во пепелта. сонцето го баравме,
ти текнува? јас сум тој летачот што го црташе
во детството во тетратката со квадратчиња.

ист јазик зборуваме. ист свет измислуваме.
исти зборови во ист миг изговараме. и исто
јазикот си го подгризуваме.

што правам?

ти раскажувам приказни.
те потсетувам. невозможно е
само еден од нас да памети.
додека ти не се сетиш, дотогаш
и јас не постојам.

 

Слики: Џејсон Ретлиф

ОкоБоли главаВицФото