Македонскиот економски раст е тажна приказна

22.12.2015 15:16
Македонскиот економски раст е тажна приказна

Кире Наумов вели дека податоците за растот на БДП од 3.5% се фингирани.

Мислам дека греши. Не е проблемот дали растот од 3.5% е реален или не. Ако било што, делува реален, зашто е движен целосно од градежништвото, кое дава 2.6 процентни поени од овие 3.5% и кое има раст според сите индикатори. На пример, извршените градежни работи имаат раст од 90%, заради автопатите. И тоа се гледа и во реалноста. Каде и да тргнете низ Македонија, се гледа дека се градат патишта.

Проблемот е што раст од 3.5% не е никаков раст. Тоа е просечниот раст кој го имала оваа земја од 2002 година до сега. Раст од 3.5% значи одржување на статус квото, а не одење напред.

Проблем е и тоа што за овие автопати, кои го движат растот, зедовме кредити со релативно висока каматна стапка, во ситуација кога потрошивме исто толку пари на Скопје 2014.

Можеби најголем проблем е што овој раст целосно завршува во рацете на капиталистите, а на работниците им остануваат трошки. Така, растот на профитите за сопствениците на градежните фирми (кои се добро поврзани со власта) во третиот квартал е високи 40%, додека растот на средствата на градежните работници е само 3.5%.

Целата приказна за економскиот раст накратко би можела да се сумира како – земаме кредити од странство со високи камати, за да изградиме патишта со потта на работниците, од што сопствениците на градежните фирми си остваруваат високи профити. Тажна е тоа приказна.

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Свирачиња