„Законот за канабис сте го препишале и тоа сосе грешките!“

23.12.2015 02:28
„Законот за канабис сте го препишале и тоа сосе грешките!“

 

Жесток напад на невладините организации против најавеното решение

 

 

Граѓанските здруженија, кои со години се залагаат за легализација на канабисот, се незадоволни што не биле консултирани при процесот на подготовка на предлог-законот, кој ќе овозможи наскоро во Македонија да се легализираа употребата на канабисот за медицински цели, за што ќе се организира строго контролиран систем на производство, екстракција и дистрибуција на масло и други препарати од канабис.

- Правите копи-пејст закон, кој не е приспособен на условите во Македонија. Не нè контактиравте како здруженија, ниту „Зелена алтернатива“, ниту „Канабис клуб“, иако ние ги направивме првите два семинара и ја откривме сортата на див македонски канабис, кој најверојатно ќе го користите. Ниеднаш не го контактиравте граѓанскиот сектор, освен на овие дебати по кои одлуките си ги носите зад затворени врати - рече Филип Достовски од здружението „Зелена алтернатива“.

Пејачот Џон Илија Апелгрен, исто така застана во поддршка на граѓанските здруженија.

- Не значи дека треба да донесеме закон што треба да биде препишан од некоја друга држава и ако видиме дека не функционира, потоа да го менуваме. Затоа би било добро да контактирате со здруженијата што работат на овие теми и се добро информирани околу оптималниот сооднос на канабиноидите во препаратите, со цел да се добие ефикасен продукт – рече Апелгрен.

Од Министерството за здравство се бранеа дека се отворени за сугестии.

- Не е точно дека одлуките ги носиме зад затворени врати. Консултиравме странски експерти за ова прашање и овие дебати се токму во насока на слушање на вашите сугестии, а доколку се издржани, ќе бидат земени предвид - рече директорката на Агенцијата за лекови, Марија Дарковска-Серафимовска.

Од Агенцијата за лекови, исто така останаа децидни дека не се работи за драстична промена на ставот на стручната фела дека канабисот е замена за конвенционалната медицина.

- Стоиме на ставот дека канабисот не може да ја замени конвенционалната медицина и нема доволно студии што тоа го докажуваат, меѓутоа свесни сме дека голем број пациенти се трудат да го набават препаратот на црниот пазар и се обидуваме ним да им овозможиме да го користат по легален пат, со проверен квалитет – рече Дарковска-Серафимовска.

Д-р Дарко Крстевски од Центарот за зависници „8 Септември“, предложи индикациските подрачја на употреба на лековите од канабис во иднина да се зголемуваат.

- Дали перспективно маслото од канабис би можело да се употребува во програми за лекување од зависности како супститут кај корисници на опијати? - праша Крстевски.

Од Агенцијата за лекови одговорија дека засега стартуваат само со оние индикации кои што се признаени секаде во Европа и за кои што постојат клинички студии.

- Доколку во иднина маслото се покаже како делотворно за одредени други индикации, тоа подрачје ќе може да се прошири – рече Дарковска.

На прашањата на пациентите дали во иднина маслото од канабис би можело да се зема превентивно против повторна појава на канцер, наместо хемотерапија, д-р Милан Ристовски, директорот на Клиниката за онкологија, одговори дека хемотерапија сепак мора да се препишува.

- Студиите покажуваат дека адјувантната хемотерапија го пролонгира времето до повторна појава на болеста. Нема таква студија за кој било од екстрактите од канабис, а би сакал да има, бидејќи сите знаеме колку хемотерапијата е отровна и штетна - рече д-р Ристовски.

Извор: Слободен печат