Блатер сè уште не е поразен

23.12.2015 13:28
Блатер сè уште не е поразен

Јозеф С. Блатер беше суспендиран од Етичката комисија на ФИФА на осум години. Во светот на фудбалот, се чини, владее колективно олеснување. Но таа суспензија не е и крај на приказната, предупредува новинарот Јоша Вебер.

 

Тоа повторно беше оној стариот Јозеф С. Блатер: борбен, полн со енергија, потполно убеден - и бескрајно уверен во себе. Кога во понеделник (21.12.) претпладне во централата на ФИФА излезе пред новинарите, многумина го очекуваа скршениот поранешен претседател на Светската фудбалска федерација. Нестабилниот од и фластерот кој Блатер веќе со денови го носи под десното око, го сугерираа токму тоа: Блатер е начнат, можеби веќе нокаутиран. Но тоа е заблуда. За жал.

Јозеф С. Блатер, вечниот кормилар на ФИФА, сè уште не е готов. До душа, „неговата“ Етичка комисија го суспендираше на осум години поради злоупотреба на положбата и кршењето на етичките правила, исто како и претседателот на УЕФА Мишел Платини. Но Блатер не ја прифаќа таа пресуда и сака да ја оспори на сите инстанци. „Осум години? Поради што?“ - запраша Блатер и најави дека ќе се бори: „За ФИФА, за мене.“

Отсекогаш за Блатер самата ФИФА и тој, Блатер, беа едно исто. И токму во тоа е проблемот. Блатер „диктира“ и по суспензијата, се шета низ централата на ФИФА како зомби и го спречува толку потребниот нов почеток во светскиот фудбал.

Блатер жртва? Смешно...

Во својот емотивен настап преполн со сочни изрази („срамота“,„лага“, „неправда“), тој се претставува како жртва на Етичката комисија и бара човечност и почитување - секако, за себе, за кој друг? Сосема е очигледно дека тој човек страда од губење врска со стварноста, зашто сè уште не може да објасни каде исчезнала исплатата на сомнителните 1,8 милиони евра - во што истражителите гледаат мито за изборната победа на Блатер во 2011.

Кога работата не би била толку сериозна, би можеле и да се насмееме на неговиот смешен монолог пред новинарите. Но фудбалот е на раскрсница. Раководството на најомилениот спорт на светот беше на лош глас и тоа со право. Истрагите во САД и во Швајцарија ни покажаа и тоа како корумпиран систем, на кој мора да му се стави крај. Сега.

„Не можам да кажам дека ова е добар ден за ФИФА“, рече Блатер. Човек просто посакува да му дофрли: „Да, ова е навистина добар ден!“ Само, дали е навистина така? Точно е дека по осудата на Блатер, конечно се нуди прилика за големо расчистување во ФИФА. Системот на матни и илегални работи кои Блатер со години ги толерираше и во кои, според мислењето на Етичката комисија, активно учествувал, мора да се расветли и да заврши. Пакет влезници за Светското првенство како противуслуга за гласови, продажба на ТВ-права по плаќање мито, купување влијание со поделба на фотелји... Работите во ФИФА функционираат како на црн пазар: се чини дека сè може да се купи, па дури и Светското првенство. Блатер со години ја поттикнуваше таа култура - и профитираше од неа. Иронија на судбината е што сега, барем привремено го руши токму Етичката комисија, инструмент кој токму тој го инсталираше за да го поправи угледот. Истата таа која пред него ги „елиминираше“ прво неговите противници - Мохамед Бин Хамам и Џек Ворнер.

Системот на Блатер и понатаму живее...

Како ќе течат работите понатаму? Веројатно со долг правен спор. А вистината е оваа: Блатер сè уште не е поразен. Тоа важи и за системот кој тој го обележа. Речиси сите позиции во ФИФА ги зазедоа послушници на Блатер, многу функционери и самите после сево ова се „обележани“. Без оглед на пресудата на повисоките инстанци во случајот Блатер, Светската фудбалска федерација се наоѓа пред огромна задача - пред темелна реформа. Дури откако ќе успее во тоа, ќе видиме дали ова навистина беше добар ден за фудбалот.

Извор: Deutsche Welle