Млада мајка под надзор на социјалните служби затоа што не ставала слики од детето на Фејсбук

23.12.2015 13:56
Млада мајка под надзор на социјалните служби затоа што не ставала слики од детето на Фејсбук

Скопје, 23 декември 2015

Новопечената мајка Ивана С. (22) од Скопје е ставена под 6-месечен надзор на социјалните служби поради неконвенционален и загрижувачки однос кон штотуку родениот син Максим.

Ивана е ставена под надзор откако е установено дека три месеци по раѓањето на синот на Фејсбук нема албум што му е посветен на детето. Таа на својот профил поставила само една слика од детето која ја направил неговиот татко.

„Загрижувачки е тоа што Стефан, братот на Ивана, на својот профил има повеќе слики од внукот отколку што има мајката на детето. Тоа беше доволно за да покренеме истрага“, вели Марко Китаноски, директор на Канцеларијата за надзор на Фејсбук фотографии и семејни вредности.

Од социјалната служба признаваат дека ретко се соочуваат со ваков проблем, кој планираат да го решат со поставување албум од малиот Максим, кој ќе се вика „<3<3<3 my first, my last, my everything <3 <3“, а би требало да ги запознае пријателите на Ивана со тримесечното бебе.

Во целата ситуација се вклучи и сопругот на Ивана, кој вети дека наместо социјалните служби, лично тој секојдневно ќе пишува статуси кои се однесуваат на исхраната на детето, првиот збор или апсолутно неверојатните работи како одењето и лазењето, кои ниту едно друго дете на светот не ги прави така слатко.

Извор: Sprdex