Граѓанскиот суд Tribunus Civilis им судеше на режимлиите за прикривање на убиството на Мартин Нешкоски

24.12.2015 02:57
Граѓанскиот суд Tribunus Civilis им судеше на Груевски, Јанкуловска, Протуѓер и Мијалков за прикривање на убиството на Мартин Нешкоски

Гордана Јанкуловска (поранешен министер за внатрешни работи), Сашо Мијалков (поранешен директор на УБК), Иво Котевски (поранешен портпарол на МВР), Дејан Митровски-Урко, поранешен шеф на обезбедување на премиерот и премиерот Груевски, се одговорни за сторено дело обид за прикривање на убиство. Нивната одговорност е кривична, и ТРИБУНУС ЦИВИЛИС очекува надлежните институции, судовите, да преземат законски мерки во тој правец.

Нивната одговорност е политичка, бидејќи како функционери во демократска држава во која владее правото, не смее да се договараат и да прикриваат убиство, туку треба да инсистираат на примена на владеење на правото. Оваа одговорност морала да се манифестира со поднесување оставка од функциите, вклучувајќи и оставка на премиерот Груевски бидејќи и тој учествувал во договарањето на прикривањето на убиството.

Нивната одговорност е етичка, бидејќи како луѓе, актот на насилство и убиство го прават предмет на договор за политичка корист, со што се разорени пошироките општествени вредности за основните слободи и човекови права, посебно правото на живот, на фер судење и независна истрага, како и доделување на правда – пресуди главниот судија на Граѓанскиот суд, неговата екселенција, Бранко Тричковски, во рамки на првиот случај на „Трибунис Цивилис“, судењето за убиството на Мартин Нешковски.

Во улога на обвинителка се појави Уранија Пировска која истакна дека Груевски, Јанкуловска, Котевски, Мијалков, Протуѓер и Митровски- Урко се обиделе да прикријат кривично дело убиство, да влијаат на истрагата и да ги прикријат трагите и доказите за извршувањето на кривичното дело, што имплицира вмешаност во злосторничко здружување.

-Имајќи го предвид статусот на Игор Спасов, како и постоењето на паралелни структури во рамки на МВР (и припадноста на Спасов на истите), при што припадниците на тие паралелни структури немаат легални овластувања и врз нив нема технички прецизна контрола, потребно е Трибуналот да го контекстуализира случајот во поширокиот општествен контекст кој подразбира перманентно насилство и култура на неказнивост. Заради тоа, предлагам овој Трибунал да утврди дека овие лица се морално, политички и кривично одговорни за обид за прикривање на убиството, како и за прикривање на трагите и доказите за убиството. Дополнително предлагам да се утврди пошироката политичка штета од злоупотребата на институциите (МВР, ОЈО, судовите) од страна на конкретна криминална група – нагласи Пировска.

Одбраната тврдеше дека материјалите се сечени, лепени и монтирани, а доказ е признанието во случајот Пуч. Тврдеше дека МВР сè преземало навреме и во 48 часа убиството било расветлено.

Трибунус Цивилис е формиран затоа што, правото и правдата во нашето општество постојано се убиваат, особено изминативе години.

-Светските искуства покажуваат дека граѓаните ги основаат овие судови секогаш кога некое општество се наоѓа во голема вредносна, политичка, правна и морална криза, т.е. во исклучителни околности. Овој симболички суд има за цел на симболичен начин да го пополни правниот и моралниот вакуум во кој се наоѓа нашето општество и да процесуира макар еден случај во кој правдата, во име на граѓаните и за граѓаните, се остварува макар и на симболичен начин – изјави првата споредна судијка, Ана Чупеска.

Извор: Либертас
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото