Стапица на незнаењето: Медиумите и новиот универзитет

24.12.2015 03:50
Стапица на незнаењето: Медиумите и новиот универзитет

Објективноста во известувањето претставува камен-темелник на современото новинарство. Еден од клучните услови за објективно известување е разбирање на материјата за која се пишува, се информира. Новинарот мора да ја разбира материјата за која известува за да пружи соодветна информација, да може да постави соодветни прашања и за да ги контролира намерните или ненамерните пропусти на власта.

Веќе пишувавме за тоа дека „многу често, новинарите едноставно се задоволуваат со пренесување на активностите на државните службеници без анализа на содржината на овие активности и без проблематизирање на процедурите поврзани со нив, а на јавноста се остава понатаму да истражува, да става во контекст, да бара образложение“. Пишувавме и за тоа дека „новинарите во своите написи или прилози не инсистираат на одговор на прашања поврзани со законските одредби, кои претставуваат суштински елемент на конкретната информација“.

Во ваква ситуација, политичарите и високите државни функционери се чувствуваат многу комотно. Тие знаат дека никој нема да ги прашува за тоа што го зборуваат и оти можат да дадат каква било изјава која нема врска со реалноста и таа од никого да не биде предизвикана. Во исто време, јавноста добива сосема погрешна претстава за активностите на власта и за дејствувањето на политичарите и на високите државни функционери.

Политичарите мора да бидат предизвикани било во текот на давањето на изјавата, било подоцна, низ продлабочена анализа на кажаното. Ова е особено важно кога станува збор за изјави кои се однесуваат на такви комплексни одлуки што во себе содржат суштински елементи поврзани со остварувањето на демократијата и со владеењето на правото.

Најнова ситуација кога медиумите пропуштија да прашуваат и да ги идентификуваат пропустите на власта е изјавата на премиерот Никола Груевски за формирање нов универзитет.

„Денеска донесовме одлука да се отвори уште еден универзитет во Скопје кој ќе се вика „Мајка Тереза“. Истиот ќе биде на три јазици, македонски, албански и на англиски јазик и ќе има сериозна интернационална димензија бидејќи ќе има и професори и студенти и Македонци и Албанци, но и странци“, изјави Груевски.

Изјавата беше пренесена во голем број медиуми…

-Груевски најави изградба на нов државен универзитет и повисоки стипендии;
-Груевски најави нови студентски домови и универзитет во Скопје;
-Нови студентски домови, нов универзитет и други проекти за образованието најави премиерот;
-Груевски: Ќе се гради нов универзитет во Скопје, ќе се градат студентски домови;
-Владата најави формирање на тријазичен универзитет;
-Нови студентски домови и универзитет во Скопје;
-ТВ21: Владата одлучи – Во Скопје ќе се отвори нов државен универзитет на албански јазик;…

…без никакви понатамошни анализи, без нејзино проблематизирање или, пак, поставување прашања.

Основањето (не отворањето, како што вели Никола Груевски) државен универзитет е комплексен процес, кој подразбира инволвирање на голем број субјекти, подразбира следење на многу прецизно дадена процедура и со оглед на потребата од долгорочно финансиско издвојување од буџетот на државата, бара многу опсежно образложување и оправдување.

Што пропуштија да прашаат медиумите доколку сакаа навистина објективно да ја информираат јавноста?

Прво, ниту еден медиум не постави прашање за тоа дали е направена каква било претходна анализа врз основа на која би се утврдила потреба од основање нови високообразовни установи. Дали е направена претходна анализа за потребите од конкретен високообразуван профил кој ќе го продуцира новиот универзитет, за постоењето практична или научна оправданост, за постоење соодветен научен кадар. Доколку е направена ваква анализа, кој ја направил, зошто досега немало јавна расправа за ова прашање, кој учествувал во давањето мислење и каде се резултатите од анализата.

Второ, ниту еден медиум не виде потреба да го праша Никола Груевски што значи неговата изјава дека Владата донела одлука за отворање нов универзитет? Дали тоа значи дека е променет членот 25 од Законот за високото образование, според кој,

„Јавна високообразовна установа како универзитет и како единица на универзитет или како самостојна високообразовна установа основа Собранието на Република Македонија со закон.“?

Од медиумите не се очекува да го знаат секој закон и секој член во законите, меѓутоа, има работи кои лесно се проверуваат, особено кога се однесуваат на основните надлежности на законодавната власт. Оваа и ваква изјава и/или одлука на Владата, ставени во контекст на членот 25 од Законот за високо образование, зборуваат за сериозно нарушување на уставниот поредок во Република Македонија и за насилно одземање на власта од Собранието, односно нејзино прелевање во извршната власт.

Трето, ниту еден од медиумите не постави прашање во врска со тријазичноста што се спомнува во изјавата на Никола Груевски. Врз основа на што се базира оваа идеја, како би се изведувало тоа, дали одделни предмети ќе бидат на различен јазик или, пак, сите, па паралелно ќе се формираат групи кои ќе следат настава на различни јазици? Која е целта што треба да се постигне преку тријазичноста? Зошто не се промовира тријазична настава на постојните факултети, туку е потребно формирање нов универзитет?

Четврто, новинарите не поставија прашање за финансиските импликации од основањето нов универзитет. Според Законот за високо образование, при основање нов универзитет потребно е да бидат обезбедени средства барем за еден цел наставен циклус. Ова прашање е особено значајно ако се има предвид дека веќе подолг период Владата спречува пополнување на испразнетите места за професори на постојните државни универзитети со образложение дека нема средства, со што го доведува во прашање опстанокот на дел од факултетите и на научните институти.

Отсуството на поставување прашања од медиумите за ваков вид комплексни теми го оневозможува објективното информирање, ги претвора медиумите во обични пропагандни алатки на владејачката структура и ја уништува нивната улога на контролори на власта.

Оваа анализа е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана од Метаморфозис. Анализата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на анализата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).