Барокни разгледници (1)

24.12.2015 12:24
Барокни разгледници

Со една трошка земја, ронка од големиот планетарен глобус, владееле сложните братучеди, Николај и Змијалков. Да, можеби земјичката била лилипутанска, но нивните суети биле гуливерски, земјата можеби била малку сиромашна - но тие биле многу алчни, можеби народот бил премногу мирен - но тие биле и премногу здивени. Оваа земја не била отсекогаш нивно трло, напротив... Знаела земјата и за непокор, и за пркос... Се случувале во таа земја и револуции, и востанија... некои одважни атентатори, комити, партизани, биле знак на препознавање, бренд по кој земјата била знајна и надалеку почуена... Знаел тој народ да се бори и да не се дава никому, да гине за своите права и слободи... но не знам зошто, ете - знаел, знаел, знаел... и заборавил... Некои мудреци велат дека такви работи често им се случуваат на старите народи, едноставно како да стануваат сенилни, забораваат дека за своите права и правдини мора да се бориш... дека слободата не се подразбира сама по себе, и дека слобода не значи само тоа дека не си окупиран од никого, тоа што не си во синџири – не значи дека си слободен... Не значи! Туку тоа значи дека некој диктатор те сварил како жаба во лонец со вода, која кроце, малку по малку ја загревал... Тоа значи дека на народот му ја украле слободата, крадејки го на ситно, ускратувајки му едно по едно право, една по една цивилизациска придобивка... Е на тој начин, Николај и неговите сопартиски барони, духовни наследници на барон Михаузен, ја ограбиле слободата на сопствениот народ... На тој начин Николај станал крал, а Змијалков кралски џелат... А ако некој од народот им се побунел, за тоа устоличување и крунисување, за прогласување на тоа столетно портокалово кралство, тие го истопорувале своето главно „алиби“ – „Вие нè избравте и вие сега мора да нè трпите! Да трпите и да молчите! Инаку... Кврц! Отиде главчето, кое не сака да се ведне.“ Е тоа беше нивниот „крунски доказ“ за нивното самокрунисување, ферман кој им дозволуваше безмилосно газење на сопствениот народ... Ќе речете тоа мора да е народ во кој повеќето се мазохисти... Но не е баш така... Бидејки „вистината е како шило“, таа „в’тејки, в’тејки“ ни ја откри „тајната“ како дошло до тоа, на кој начин се „в’тел“ изборниот барабан... Како таа парламентарна „томбола“, како и секоја друга, овие „мудреци“ успеале да ја излажираат... ... Бидејќи тие ја организирале „томбаолата“, за нив било многу логично дека им е дозволено истата и да ја наместат. Па така во барабанот си уфрлиле лажни портокалови топчиња... тоа со топчињата го правеле нивните гости од соседната Мала Веспа. А пак гладните човечиња, кралските писари, војниците, учителите, воспитувачките и секој што им должел, а всушност не им должел ама баш ништо - покрај своето топче, морале да го донесат и своето племе за да и тие ги извапцаат своите топчиња во портокалово... Мислите дека е тоа - сè?... Е, токму тоа е главниот нишан на овие „сложни братучеди кои цела држава крадат“ - кога мислиш дека е крај, тие штотуку почнале со своите измами без граници... Ве заскокоткав, а? Е па, ќе направиме вака - Јас секој ден ќе ви испраќам по една РАЗГЛЕДНИЦА од таа чудесна земја, а вие покроце смејте се – бидејки она што за вас е урнебесна смешка, за Македонците е танталова мака.

 

РАЗГЛЕДНИЦА бр.1

 

Вождот Николај, веќе долго време, речиси 24/7, замислено си ја гледаше Деспотијата низ барокниот рам и џам... Целата царска свита, сите барони, дворски шутови, куртизани и останати дворјани, чекаа на неговата генијална замисла, замисла која кај него, за разлика од „обичните смртници“, патуваше во обратен правец – не одеше од дупе во глава, туку од глава во дупе. На крај, по долгиот мозочен запек, вашето величество, успеа да се олесни и да извади од себе мисла од огромни димензии:

-„Миле ми текна! Зошто ние од оваа наша брдесто - балканска земјурина не направиме библиска пустелија?“
-„Пустелија? Ваљда мислиш на Пустина.“ - му се уфрли кралскиот џелат, Змијалков. Тој му беше братучед, па можеше да му противречи, за разлика од останатите, кои во такви ситуации се разболуваа од ОВЧИ БОГИЊИ, чудна но заразна болест при која заразениот наместо да „бекне“ нешто, редевно блее во празно...
-„Може и пустина ама мора да биде библиска!?“
- „Да де, Библиска, библиска – Ами како!?!“
-„Со што ќе ги уриваме планиниве? Со механизација или со динамит? Како ќе направиме од оваа земја пустина? Како? На кој начин?“ – Му се испушти на Миле, и така се влучи и тој во дворската конверзација.
-„Ееее, ти не знаеш, но затоа јас знам, та не случајно работам 24/7, и ти Миле да си малку повеке дил ориентед, можеби ќе ти текнуваше и тебе, ама ти наместо да се ориентираш правилно, ти губиш време на учење кинески... Значи види вака - Тоа ќе го сториме ПРЕРОДБЕНИЧКИ и тоа чекор по чекор, чекор по чекор, и така, во сто чекори... Како стоногалка!“
-„Како стоногалка!?“
-„Како стоногалка Миле, како стоногалка! Ќе ги собуеме опинците и на стоте нозе ќе облечеме војннички чизми, па ќе удриме еден марш и ќе газиме сè пред себе, кај што ќе минеме веќе трева нема да никне...“
-„Вожду, а може ли на крај од колоната да одам јас и зад нас се да поплочувам со мермер... за да бидеме сигурни дека никогаш повеќе зад нас нема да никне трева!?“
-„Да, може... ама само ако се поплочува во барок! И ако мермерот што ќе го користиме не биде мермер туку мермер што само личи на мермер!“
-„Значи ќе направиме пустина која ќе биде поплочена со мермер? Ќе личи како целата држава да е покриена со огромна нагробна плоча...“
-„Мермерна надгробна плоча, но не од мермер кој е мермер, туку мермер што не е мермер, но сите за него ќе мислат дека е мермер! Има разлика, нели Миле!“
-„Има разлика!“
„Има разлика!!!“ – Потврди и Змијалков, и од тогаш почнаа да остваруваат. И така остварувајки, за десет години, од Македонија, направија Маусодонија.

 

Првин го сменија клучот од народниот трезор и од него направија своја ризница, па на кум Зоки Оки му наредија наместо народен леб да набавува само „помпадурски“ чоколади. Потоа го повикаа Шерифот од Ско Пјанг и му наредија да ги исече сите „чудесни“ шуми. Братучедите покрај доследноста во својата патологија за пустошење и крадење, тоа со шумите го направија делумно и од претпазливост, па дури и од страв - Се плашеа на комуњарите и останатата опозициска багра - составена од предавници, соросоиди, странски служби, гркољупци, пленумци и останатиот шљам на слободољубци и демократи, случајно да не им текне да ги искористат шумите за заминување во партизани, или пак за комитлук... Или, не дај боже, да се појави некој Робин Худ, кој ќе ги пљачкосува нив - а ќе го збогатува народот... Е ова навистина им ја „кожеше ежата“... Оти тие имаа разработено навистина студиозен систем за апашлук од народот, својски се потудија секоја заработена пара да им ја украдат барем по двапати - преку даноци, извршители, патарини, судски такси, акцизи... и не можеа да си дозволат сега некој петоколонаш, да облече зелени женски хулахопки и да им брцне во медот, и од медот да им раздава на маусодончињата. (Мауседонец – нов измутиран облик на Македонец кој тие се обидуваа да го создадат во партиско-пропагандните лаборатории на др. Мартин П. Мистерија и др. Талес, војвода од Ваљево.)

-„Мора да ги исечеме сите шуми, сите паркови, грмушки, бусии... дури и високата трева!“ - Рече вождот Николај, потресен од ваквата кошмарна визија.

Шерифот од Ско Пјанг беше вистински „воркохолик“, и откако ги соблече опинците и облече гумени чизми, откако во рака зеде секира и се портретираше за „Утре сабајле“ и „Шител“, тргна во битка со зеленилото и не запре сè дур не го оголи градот, сè додека - Ско Пјанг не заличи на брат близнак со неговата ЌЕЛАИЦА.

 

-„Гледај, братучед“, рече, задоволно Змијалков – „престолнината ни е измазнета како бебешко газе!“
-„Бебешко газе?... Бебешко...“ - Запелтечи Николај, и на сите во просторијата им беше јасно, дека по неколку такви „пувежи“, тој повторно ќе испразни нешто генијално. – „А да направиме кампања за - Трето Дете! Овој народ, бидејки е библиски, мора да вложи напор и да се изебе меѓусебно, секој, во просек, по три пати!“
-„Да, а од кај знаеш, кралу, дека при секое ебење ќе се роди дете!?“, запраша Миле.
-„Ќе мора така да биде, бидејќи јас велам така!“
-„Е, тогаш во ред; аргументирано...“
-„А оние што нема да успеат од три пати да направат три деца, а ќе има и такви“ - продолжи вдахновено, Николај - “сите такви кои ќе потфрлат, сите тие субверзивни, непатриотски елементи, ќе морат да плаќаат данок на секое непродуктивно ебење! Ке ставиме ДДВ и на маструрбирање! А ноќните полуции ќе бидат санкционирани со голема глоба! Така дополнително ќе ја наполниме, бившо народната, а сега, наша, фамилијарна ризница.“
-„Трето дете? Хммм... Се замисли Змијалков. Тоа значи дека на рајата ќе ѝ биде дозволно да се ебе меѓусебно по своја слободна волја... Оти, нели, досега не беше така, на народот му беше дозволено да го ебеме само јас и ти. Ти ги ебеше во мозок а јас им ги ебев судијките. Сега ти сакаш да им дозволиме таква слобода да можат да си се ебат по дома без да треба да прашаат во партијата, да се сексаат, а пред тоа да го прашаат Мартин П. Мистерија, дали избраниот маж го има на список на Гоца Бркоделчева?1 Нели е тоа и премногу либерално? Братучед, братучед, ти забораваш дека ние сме ДЕМОН-ХРИСТИЈАНИ!“

-„А што беа тоа демон-христијани!?“ Запраша, кралчето Николај, ставајќи го палецот во уста и почнувајки да го цоцка, притоа евоцирајки спомени на вкусот на млекото од цицките на неговата НаНа ДаДа.
-„Па ние сме демон-христијани бидејки на нашите неистомисленици планираме да им запалиме свеќа. Кој ни сврти друг образ ние му шлапаме - пет шест жестоки, ама само „прекршочни“. На раскрсниците забранивме употреба на семафори, а поставивме цркви со звучна сигнализација.
-„Какви се тие цркви со звучна сигнализација? Барокни?“
-„Со камбани, братучед, со камбани...“
-„А што уште нè краси нас, автентичните демон-христијани, од царска Маусодонија“
-„Му овозможуваме на секого кој си ги изгубил жената и децата, да може да ги најде по ендеците на комесарот Мартин П. Мистерија и неговите брадосани тројки позајмени од МВРО; а можеби најголемиот наш демон-христијански квалитет се огледа во нашите спиритуалистички врски со мртвите граѓани при окултните сеанси кои редовно ги организираме на ден на изборите..“.
-„Да, сега разбирам, разбирам... но, ооо, бато, сега ќе мораш да дојдеш со мене во ќенеф, оти ја нема Нана Дада, за да ми го избрише валканото газе.“
-„Нема потреба братучед, оди ти и сери колку сакаш, јас одовде, седејќи на твојот престол, ќе пружам рака и ќе ти го избришам газот.“
-„Е како е тоа можно?“, се зачуди Царчето.
-„Ех бе, братучед, братучед, запомни, долга е раката на... долга е нашата рака!“ Задоволно се насмеа Змијалков. Тој секогаш беше задоволен кога ќе повлечеше некоја ваква „историска“ паралела.

 

(продолжува)

 

Слики: Свирачиња

Слични содржини

Книжевност

ОкоБоли главаВицФото