За сликата „Концерт“ на Јоханес Вермер

24.12.2015 12:35
За сликата „Концерт“ на Јоханес Вермер

Волшебната слика Концерт на Јоханес Вермер на прв поглед си игра со необичната неподвижност на фигурите, но всушност е полна со снажни чувства и ни открива различни слоеви на љубомора, еден по друг.

Во едноставната сцена, жената од десно изгледа како да пее, додека од лево гледаме жена која свири чембало. Мажот во средина, нам свртен со грб, ја следи жената на жичен инструмент.

Се смета дека предмет на оваа слика се љубовта и заведувањето. Вермер овие чувства благо ги навестува низ сликите внатре во сликата. Над главата на жената што пее стои Подведувачката на Дирк ван Бабурен (слика којашто Вермер ја користел повеќе пати и која била во посед на неговото семејство); таа слика прикажува проститутка која му свири на клиентот, додека старата сопственичка на борделот бара исплата. Ете една назнака за полови односи. Над жената со чембалото е груба слика на природата. Можеби станува збор за мртвото дрво за кое се вели дека е во стилот на Јакоб ван Ројсдал. Можно е дека тоа ја претставува елегичната, нерасипана природа.

А учителот по музика? Учителите често биле претставувани како заинтересирани за нешто друго, а не само за работа со учениците, иако овој, кој не гледа ни кон едната од жените, не изгледа како виновник. Се смета дека сликата кон која е тој свртен ја претставува Аркадија, земја во која имало многу љубоморни љубови.

Што се случува на целата слика? Можеби жената со пообичен изглед која свири чембало, со главата снисходливо свиткана, завидува на плодноста и го врти погледот од жената што пее и изгледа како да е бремена. Учителот по музика, на сликава социјално инфериорен, можеби им завидува на двете елегантно облечени млади жени поради леснотијата на животот. Можеби, пак, жените се дел од љубовен триаголник и љубоморно се натпреваруваат за вниманието на својот учител.

На сликава, урамнотежена и мирна, чувствуваме набој на одредено расположение, додека на чувствата им е оставено да се појават на сопствен начин. Ако го прифатиме толкувањето според кое ова е приказ на љубомора, необичната магнетна привлечност на сликата ни станува малку појасна, иако не го дава вистинскиот одговор.

За сликата
Johannes Vermeer, Het concert, околу 1663-1666
Масло на платно, 72.5 x 64.7 см.
Isabella Stewart Gardner Museum, Boston