Срушен е уставниот поредок!

24.12.2015 13:24
Срушен е уставниот поредок!

 

Мирјана Најчевска
Во Македонија е срушен уставниот поредок - мора повторно да биде воспоставен

ВМРО-ДПМНЕ изврши државен удар во Република Македонија и ја узурпираше власта на Собранието како највисоко законодавно тело. Државниот удар е направен со помош на марионетите -горди послушници, на ВМРО-ДПМНЕ поставени во Собранието, со помош на полицијата која ја претвори во партиска банда, судството, кое го претвори во соучесник во неправото, лумпенпролетерјатот кој сама го создаде, толпите од луѓе без знаење, информации и претстава за основните демократски инструменти и процедури, и бандите на насилници, крадци и измамници кои ги ги стави на платен список на државата.

Во изведувањето на државниот удар многу помогнаа се разбира и медиумите кои ги претвори во свои мегафони и кои се откажаа од професионалноста, етиката и сопственото знаење. Заразата се прошири и на медиумите кои долго време се обидуваа да задржат барем трошка од медиумскиот кредибилитет. Само медиуми на кои им е направена лоботомија можат да објават наслов: Владата донесе нов буџет. Овој наслов не само што го покажува огромното незнаење туку претставува и директен атак на Уставот на Република Македонија според кој Владата никако не може да донесе буџет (ни стар ни нов).

Превратот е завршен со превземањето на целокупната власт од страна на Владата на Република Македонија која според Уставот е само извршител на одлуките на Собранието. Само Влада која ја држи целокупната власт во своите раце може да диктира услови за донесување на буџетот на државата, да прифаќа или не прифаќа амандмани, да распушта комисии на Собранието и да олучува за скратена постапка во донесување на некој закон (односно, во случајот, буџетот).

Заради ова, јас како доктор по правни науки, како редовен универзитетски професор и научен советник, како експерт за дискриминација при ООН и како долгогодишен бранител на човековите права сметам дека оваа и ваква власт не може да биде сменета. Оваа и ваква власт може и треба да биде срушена, како што Картагена морала да биде разрушена.

Никола Гелевски
Колку повеќе грабаат, толку повеќе сакаат

СДСМ го одигра она што веројатно мораше да се направи многу порано (особено тогаш кога ја затворија А1 ТВ и го уапсија Љубе Бошковски). Какво било давање легитимитет на еден монструозен режим - те прави соучесник во злосторството. Пратениците од СДСМ со својата храброст ја враќаат смислата на политиката во оваа авторитарна и хиперкорумпирана земја. Можеа да се спогодат со сатрапот, за да ги остави раат. Го одбраа неспоредливо потешкиот и понеизвесниот пат. Но, дури и да се скршат на тој пат (т.е. дури и да се скршиме сите ние, кои се бориме за послободна и подемократска Македонија) утеха ќе биде дека нашата борба е вистинска. Борбата против недемократскиот режим ќе ја конституира новата херојска приказна на некои нови Македонци. Таква вистински херојска приказна е повеќе од потребна во земја која базди на лаги, манипулации, лажни митови и лажни херојства. Ако ништо друго, велам, оној кој ќе го сруши чудовишниот груевизам, ќе го има најавтентичниот можен политички капитал - борбата за слобода.

Затоа во моментов, ми се чини, веќе нема простор во средината. Или си против сатрапијата или си со тиранот. Поистоветувањето меѓу ВМРО ДПМНЕ и СДСМ станува исто онолку јалово како релативизирањето на погрешната насока во која се нашол изгубениот возач (водач). Таа стратегија на релативизирање и нивелирање Ролан Барт ја нарекува нит-нитизам (neither-norism): со офрлање на „екстремностите“ божем се зазема позицијата на објективен и неутрален судија, оној што ја застапува самата правда. Но, како што забележува Барт, дури и ако светот на овој начин навистина може се сведе на судир на спротивности, не постои неутрално место од коешто може да се суди за тој судир: „нема спас ни за судиите, и тие самите и тоа како се определени“.

Цинизам и кукавичлук е повикувањето, во сегашниов миг, на делење на одговорноста за настаните. Шест и пол години имаме еден возач, еден контролор на воланот. Тој возач е сосема дезориентиран и тој возач сите нè води во пропаст. Застанувањето на возилото веќе не е само политички или национален императив, туку тоа станува прашање на елементарен здрав разум.

Бранко Тричковски
Говњарите на Буњуел

Последните случувања не се инаугурација на диктатурата или некаков смачкан глас на разумот од страна на опозицијата (односно се, но тоа не е толку битно) туку победа на нашата клозетска суштина, оброк што ќе ни овозможи еден многу квалитетен сер, сер со можеби идеална густина, специфична тежина и вискозитет. Оргазмичко празнење на нацијата.

Светот е тој што пушта вода. Фактор кој ја трансферира македонската суштина во канализационите цевки на цивилизацијата. Завиените соопштенија во кои по кој знае кој пат се повикуваат "двете страни" или "сите страни" да се воздржат од насилство е најголемата стимулација на насилството, одвратен опортунистички пристап кој ја стимулира континуираната декапацитација и ја води државата кон нивоа кои се погодни за каква било геополитичка моделација. Јас го викам тоа пластенизирање на Македонија. Нема друго рационално објаснување. Уште кога Џилиен Миловановиќ ја составуваше првата влада на Никола Груевски напишав дека или светот не знае што прави или дека го прави тоа што го прави зашто знае што прави. Со многу прецизни становишта за импликациите. Кога ситуациите не се последица на грешка туку на цел. Суштината на таа поставеност произлегува(ше) од ставот дека Македонија не е веќе дел од решението на балканските ситуации и почнува да се посматра како сериозен дел од балканските проблеми. Тука нема да се занимаваме со тоа дали тој став е исправен или не е, дали е праведен или не е, но можеме да отвориме дебата за тоа дали е тој таков или не е таков и зошто е таков односно не е таков. Тоа е комплексен пристап кој треба да се одвива околу централното прашање: за кој кур се Македонците и Македонија за себе и за светот.

Ме фасцинира ниското ниво на страв на кое реагира возрасниот Македонец. Луѓето се смртно уплашени од еден режим кој не убива, нема концентрациони логори, нема голи и други отоци. Максимумот на репресивноста се состои во шансите да ве избркаат од работа или да не добиете работно место. И да продолжите да живеете како говно. Така што ми доаѓа неподнослива мака не од диктатурата како таква туку од диктатурата на една вошка. Македонија е проколнато место кое немало и нема среќа да го јавнат асални диктатори какви што беа Мусолини, Сталин, Хитлер или Ким Јонг Ил. Добро, го имавме Тито, но и неговото време ја прави многу јасна дистанцата што сакам да ја прикажам. Ние сме ниска зона на прашумата во која еден ситен термит се прогласи за цар.

Ѕвездан Георгиевски
Вампир

А за да се постигне целата оваа благосотојба, мораше, се разбира, да биде усвоен буџетот. Низ оваа призма, добивам поинаква перспектива за анти-протестите на пензионерите, земјоделците, социјалците, актерите... Тие се бореле за туѓата крв. Затоа и спонтано направија фронт. Само со фронт можете да стигнете до туѓата крв.

Како и да е, сега кога буџетот е усвоен, претпоставувам дека се разбудиле релаксирани, среќни и задоволни. Не мора да се грижат за своите социјални надомести, па ниту за условите во кои работат. Мислам дека од вечерва секоја вечер ќе одам во театар, зашто откога е усвоен буџетот и вратено погазеното достоинство на театарските директори кој знае какви генијални изведби ќе ни бидат ставени на увид.

Дека беа во право со своите протести денес може мошне лесно да се види. Додека музичарите и актерите водеа политика, опозицијата пееше во Парламентот. А според секогаш добро информираниот „Сител“ исто така и глумеше. А, според „Сител“ ни пеењето, ни глумата не биле на нивото што може да го пружи еден Бранко! Ѓорчев, а не Црвенковски. Затоа и треба да се биде безмилосен кон опозицијата. Таа ги упропастува нашите духовни вредности. Таа ги предава нашите национални интереси. Таа сака да предизвика хаос, бидејќи само така може да ги победи вампиро-комарците.

Ова нема врска со ништо, ама, ете, ми текна. Има една карикатура на Иво Кушаниќ, на која се гледа фудбалски натпревар. Во едниот шеснаесетник има гроб, околу кого неколку фудбалери плачат со запалени свеќи. Судијата е на средина на теренот, со испружена рака и со грб кон гробот, а коментаторот коментира: „Противничкиот фудбалер се обиде да изнуди пенал, ама судијата не дозволи да биде излажан“.

Како и да е, едвај го чекам следниот ден на идеи, да видам до каква генијалност ќе стасаме тогаш.

Беким Имери/Фејзи Хајдари/Арсим Зеколи...
Не во наше име

Последните случувања поврзани со подмолното и скандалозното усвојување на Буџетот за 2013 година создадоа необични тензии во нашата држава, сериозно повредувајќи го интегритетот на демократските институции, слободното изразување и претставување на граѓаните. Неодговорното и арогантно однесување на владината коалиција може да создаде непоправлива штета за општественото ткиво, поттикнувајќи спирала на бес, омраза и насилство. Сведоци сме на веќе видени сценарија, што ни дава за право да се плашиме од можните исходи. Да не заборавиме – сите големи општествени прекршувања во овој регион започнаа со повреда на доброто финансиско владеење. Навлегувањето на режимот на Милошевиќ во сојузните резерви на поранешна Југославија, како и пирамидалните штедилници во Албанија и безбројните финансиски манипулации, се примери кои нè потсетуваат дека секој пат кога управата ја заменува економијата со манипулација, епилогот е неизбежен – кршење на сите општествени принципи и чекорење кон бездна!

Не постојат ветувања или фрази за европска ориентација, со кои може да се скрие денешниот пораз за демократијата.Бруталната повреда на буџетската постапка, насилното отстранување на новинарите и поттикнувањето на уличен конфликт се чекор назад во развојот на државата, притоа создавајќи состојби кои се невидени во независна Македонија.Аплаузот на присутните пратениците во Собранието по усвојувањето на Буџетот претставува оправдување на насилството врз граѓаните, колегите-пратеници и новинарите, кои за прв пат искажаа храброст за сериозно противење на владиното едноумие.

Избор од Боли глава по повод 24.12.12.

Тепање со камери

Ги избркаа новинарите за да не фрли некој со камера да нè отепа.
Благородна Дулиќ, пратеничка на ВМРО ДПМНЕ; „Бриф“, 28.12.12.

 

Согласно Уставот и законите

Државните безбедносни сили коректно, професионално, одговорно и успешно ја завршија својата работа и овозможија парламентот да продолжи со работа согласно Уставот и законите.
Никола Груевски, обраќање на 24.12.12., денот кога опозицијата насилно беше отстранета од Собранието; „Фокус“, 28.12.12.

 

Груевски држи говор во градинка

Од вчера парламентот усвои закон, на предлог на владата, според кој оној ден кога ќе станете возрасни и ќе ви треба работа, државата обезбедува вработување со посебна постапка за сите вас. Тоа вчера го усвои парламентот.

Никола Груевски им држи говор на деца од три до пет години; „Телма“, 29.12.12.

 

Аутизам, Грујо, аутизам!

Бранко Црвенковски продолжува во стилот на Гадафи. Продолжува да живее во еден свој свет со сериозна доза наалтруизам, живеење во еден свој свет каде што верува дека целиот народ е со него, дека сите го поддржуваат и дека треба на сила да се заземе власта.
Никола Груевски; „Дневник“, 25.12.12.

 

Кој направи државен удар?

Кој направи државен удар. Опозицијата или власта. Бранко Црвенковски или Никола Груевски. Како се вика човекот под чија контрола е Владата, парламентот, претседателот, гувернерот, судството, новинарството, Црквата, полицијата, Армијата... Кога со сите овие институции на државата раководи еден човек кој единствено го има и клучот од државната каса, тој се вика диктатор, а системот - диктатура.
Ерол Ризаов, „Утрински весник“, 26.12.12.

 

Грујо - командант на Собранието

Драг мој владетелу, ти се обраќам тебе, оти оној другион си седи во бачилото, оти ова што се случува ниту е албанско питање, ниту е конкурс за тендери. Значи владетелу, од твоето вечерашно „пригодно“ обраќање на нацијата се согласувам со едно. Иако меѓу редови беше искрен па призна, штом се извинуваш на избрканите новинари дека ТИ, а не лицето Трајко Вељановски, владееш и со Парламентот и издаваш наредби кој да влезе, кој да излезе, кој да биде тепан кој не. Додуша на натепаните опозициски пратеници не им се извини, знам, ти би им направил и уште повеќе оти ти пречат во твојата замисла да владееш со се, па и со опозицијата.

Добро е, контролата врз медиумите ти функционира, наредбата преку Мартинчо ја примиле менаџерите на тв станиците, на државната и така не и треба опомена, новиот твој бран си ја работи „супер“ работата, според мене многу многу посрамно и од оние пред нив. Значи да знаеме, мракот на тв екраните и полицајците на Гордето наоружани до заби, сосе онаа сирота твоја фаланга кобајаги спонтано дојдена, ќе бидат твојот одбранбен штит, така ќе се браниш и нема да ја даваш власта.
Ацо Кабранов; „Либертас“, 25.12.12.

 

Архива на прилози во врска со Црниот понеделник

 

За собранискиот пуч

Мирјана Најчевска
Во Македонија е срушен уставниот поредок - мора повторно да биде воспоставен

Никола Гелевски
Колку повеќе грабаат, толку повеќе сакаат

Мирослав Грчев
Преродба на нацијата како „фашистички минимум“

Емил Алексиев
Аутопсија на еден сон (во два дела)

Не во наше име!

Реакција на ЈАДРО по повод насилството на власта

PMG Колектив - Град во пустина

Распеани Скопјани - Ние сме Македонци

Ноам Чомски
10 стратегии за манипулирање со народот

Растко Мочник
Кога народот сака држава

Димитар Башевски
Протест: заминување од ДПМ

ГЕМ бара оставки од Вељаноски, Јанкулоска и Груевски

Двајцата инвеститори

Ѕвездан Георгиевски
Вампир

Бранко Тричковски
Говњарите на Буњуел

Фотографии, Ванчо Џамбаски
Протест пред Жолтата куќа, 29.12.2012

 

За протестот на груевистичките уметници

 

Мирјана Најчевска
Тажната земја во која уметниците ја поддржуваат диктатурата

Зоја Бузалковска
За протестот на уметниците

Синоличка Трпкова
Отворено писмо до Бранко Ѓорчев

СООПШТЕНИЕ по повод најавениот протест на уметници против предлог-мерките за штедење на СДСМ

УМС Вмро - Дпмне - Заклетва

Лилјана Велјанова
Десет дена потоа

 

Фотографии: Ванчо Џамбаски