Што е груевизам (4)

26.12.2015 12:56
Што е груевизам (4)

Мерсел Биљали
Нашиот Нерон

Нерон го запалил Рим за да му даде свој личен белег на вечниот град. Тоа е патолошка страст карактеристична за квази лидери со која тие ги лекуваат нивните хендикепи и фрустации, што произлегуваат од нивното убедување дека светлосни години се далеку од тоа што го извршуваат по некоја голема случајност. Во нормални услови вакви водачи не би ги исполниле условите да бидат ниту хигиеничари во институциите што ги водат. Премиерот не отстапува од антиката и од манијата за споменици, оти, меѓу другото, и неговиот ментален код припаѓа на тие времиња. Тој продолжува со спомениците како да е тоа основна грижа на државата. Изгледа посакува да стане фараон со многу робови. А фараон без пирамида не бидува. Не е добро Тутанкамон да има пирамида, а Никола не. И така, што и да прави наликува на пирамида – пирамидална администрација; пирамидално судство; пирамидално трошење; пирамидално задолжување; пирамидални проекти; пирамидален дефицит; пирамидални субвенции; пирамидална култура: пирамидална историја, пирамидално образование…

Целта е со помош на митологијата и на национализмот да се маскира криминалот, крадењето и бедата. Тоа полесно се прави кога измамите се воздигнати на ниво на високи идеали од водачи со полни џепови и со празен морал. Последниве десетина години, половина милион граѓани ја имаат напуштено Македонија. Секој мисли за надвор, освен спомениците. Само за нив рајот е тука. Што повеќе споменици толку помалку жители. Економистите велат дека со половина милијарда евра, колку што чини„Скопје 2014“, ќе се отвореа околу 50 илјади нови работни места (директни и индиректни). Многу луѓе ќе се спасеа од суровата беда. Сега власта се задолжува за уште половина милијарда со камата од 5,1% (а лаже дека тоа е 3,9%). Бидејќи досега има потрошено над 80% од предвидениот дефицит. Пијано расипништво.

Тоа е причината зошто ваквата власт наместо развој нуди омраза. Целта е да се маскира горката реалност во злоупотреба на јавните пари и организираниот криминал. Оттука, нелогично е да очекувате од ваквата власт да решава проблеми, оти самата е дел од проблемите. Тиене само што не ги решаваат туку создаваат нови. Да верувате дека ваков ментален код ќе прави нешто добро е исто како да верувате дека лисицата најдобро може да се грижи за вашите кокошки. Тие се дел од проблемите, а не и од решението. Цело време се користат со идеологијата на сатанизација кој завршува во пеколот. Нè тераат да играме танц со ѓаволот, а кој се фаќа во оро со ѓаволот, последно му е. Нашиот премиер продолжува да живее со својата чудна имагинација, која не само што е надвор од реалноста туку е и многу опасна. Никако да разбере дека државата не се води со логиката на маркетиншки агенции, чија цел е нивниот профит. Тие заработуваат од нашите предрасуди, заблуди, идиотизми и примитивизми. Во крајна линија, тоа резултира: со свој камен по своја глава.

15.02.10.

Златко Теодосиевски
Нова македонска катаклизма

Сè некако мислам дека премногу значење придаваме на настани и луѓе што тоа не го заслужуваат. Особено денес, односно последниве години. Еклатантен пример е споменикот на оној убиец кољач пред т.н. Судска палата. Му ја загледал ли некој малку подобро фацата на тој не-човек? Па „опремата“ - кама, пушка и пиштол - односно сè што во дадениот историски контекст било достапно за колење? Да живеел денес ќе носел и калашников и (веројатно) некој грам осиромашен ураниум.

Па кога еден режим себеси си подига таков споменик, треба ли, тогаш, некоја подобра дефиниција на т.н. груевизам? Зашто, „измите“ по делата се познаваат, нели?

Инаку, знам дека историите, прилично неразбирливо, дефинирале / класифицирале одделни периоди (и) според слични криминални, антихумани ликови. Како да немало подобри примери?! Но сепак, мислам дека и тука не можеме да се вклопиме, зашто ова кај нас е само една маргинална криминална приказна на „дивиот Југ“, како и многу други слични во светот. Ни помалку, ни повеќе! Она што секогаш останува, за жал, се - последиците. Токму таквото опкружување ме интересира во случајов. Она што мене ме фрапира во овој десетгодишен налудничав период се други нешта, несвојствени за совремието во коешто живееме, за цивилизирани држави (ако мислиме дека сме таква!), за културен народ со нашава историја.

Септември 2015.

 

Жарко Трајаноски
Лустрација може да спроведува само демократска држава

Лустрацијата е чедо на транзицијата. Еден од клучните предизвици на лустрацијата е: Како да се воспостави транзициска правда без да се повредат човековите права? Советот на Европа јасно ги образложува целите на транзицискиот процес: “да се креираат плуралистички демократии, засновани на владеењето на правото и почитувањето на човековите права и разновидноста”.

Кој е клучниот парадокс на македонските лустратори? За транзицијата зборуваат во минато свршено време, а истовремено спроведуваат лустрација?! “Во Република Македонија предолго траеше транзицијата, за разлика од другите земји од централна и источна Европа” тврди претседателот Иванов, кој уште како политолог објаснуваше дека "Теоретски транзицијата во Македонија е завршена”.

Но, сè додека се спроведува лустрација, Македонија ќе биде перципирана како земја во транзиција.

Лустрација, по дефиниција, може да спроведува само демократска држава заснована на владеењето на правото. При справувањето со наследството на поранешниот комунистички режим, мора да се применуваат процедурите на демократската држава заснована на владеењето на правото. Според принципите на Советот на Европа, државата „не може да применува било какви други средства, бидејќи тогаш не би била подобра од претходниот тоталитарен режим кој треба да биде надминат”.

Но, македонската лустрација е сè друго само не „владеење на правото”.

Според принципите на Советот на Европа, лустрацијата треба да биде проследена со трансформација на менталитетот, што подразбира, меѓу другото, и расчистување со непочитувањето на разновидноста, со екстремниот национализам, со нетолеранцијата, со расизмот и ксенофобијата како составен дел од стариот комунистички режим.

Меѓутоа, македонската лустрација ја спроведува политичка елита која фаворизира поинаква трансформација на менталитетот: непочитување на разновидноста, рехабилитирање на екстремниот национализам, поттикнување на ксенофобијата и нетолеранцијата, и промовирање на расистички концепти и теории (за „Гоцевата раса” и „Македоноидите” како супериорна раса во однос на „Негридите” и „Монголоидите”).

15.08.12.

Искра Гешоска
Каде живее исплашениот човек

Ова е време кога сурово се живее и со пазарни параметри се обработува продажбата и размената на идентитетите, мислите и чувствата, на знаците покрај патот по кој се движи нашиот живот. Сеќавањата се лицитираат. Минатото, сегашноста и иднината се во постојано менување проследено со баналноста на копнежот и на волјата за моќ. Реалноста на времето, високата резолуција на информацијата и на јазикот бијат битка со најниската резолуција на пораката и на значењето. Ова е време кога царува колективната или, ако сакате, клонираната Алиса, која бескрајно се пресликува во микроскопските призми со надеж дека ќе ги открие сите аспекти на своето патување. Но овојпат не патување во земјата на чудата, туку во земјата во која нашите тела, нашите Ерос и Танатос, се фрлени на ѓубриштето на политичкото насилие, на бруталноста на „владетелот“, на кутрата обесписменетост на „моќниот“, кој ја гази секоја трошка благородност. Алиса се наоѓа во бескрајот на празнината, во мултиплицираните огледала со искривени слики за стварноста каде што се симулираат содржини преку лажна претрупаност на активности, дејствија, производи, „проекти“, „дела“, некаква ангажирана забрзаност. А зајакот постојано доцни и никако да стигне на главната, свечена чајанка. И збунет е зошто, сепак, чајанката се одвива и без него. Зошто сепак постои живот и вон ѓубриштето кое тој го создава!

Зајакот не го признава својот страв, но неговите дела се доказ за неговиот страв. Стравот е двигателен и пресуден за секоја акција. Тој станува суров кон Другиот доколку не се осознае во себе. Но, станува бескрајно благороден и подвижнички креативен доколку се прифати како интегрален дел од сопственото постоење. Оној кој го прикрива, се обидува да го артикулира преку застрашување на Другиот. Преку насилие и повреда на Другиот. Тоа е таа диктатура на непризнаениот страв. Исплашениот човек кој не го признал својот страв живее во стратегијата на закана и непримерна сила.

28.05.13.

Сашо Орданоски
Фудбал или хокеј?

Најдобриот опис за тековниот статус на македонскиот демократски натпревар би бил оној како кога би гледале фудбалски меч што се игра на терен на кој голот на власта е лоциран на врвот на ридот, додека диреците на опозицијата се забиени во мочуриштето во подножјето на тој рид. И ако фудбалската топка е заменета со хокејска плочка. И ако судијата е поткупен од страна на тимот од врвот на ридот. Се прашувате: каков ќе биде завршниот резултат од тој натпревар?

Мај 2014.

 

(продолжува)

 

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

За книгата „Што е груевизам“

 

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото