Грчката формула - еден крадец краде од друг

19.04.2010 10:33
Грчката формула - еден крадец краде од друг

Економската криза во Грција потсетува на античка трагедија (барем за грчкиот народ) помешана со лоша треатарска фарса (сега веќе поставена во име на европската и грчката буржоазија).

Првин доаѓа фарсата

До неодамна, двете политички партии на политичкиот естаблишмент (лево-центристичкиот ПАСОК и десно-центристичката Нова Демократија) проповедаа дека токму нивните економски политики ја водеа Грција од еден успех во друг. Нивните лајтмотиви малку се разликуваа, иако предвидливо се однесуваа како чести спаринг партнери, но, всушност, обете партии праќаа една иста порака. Европската унија го поддржуваше нивното фалење. Добро се знаеше и во Атина и во Брисел дека грчките официјални статистики – како и италијанските и оние на уште неколку европски земји – беа фалсификувани за време на влегувањето во еврозоната. Неодамнешното разоткривање (започнато во New York Times) за помошта на Goldman Sachs на грчката влада за сокривање на дел од јавниот долг преку девизно разменување е еднакво на јавно признание. Покрај тоа, се откри дека Goldman Sachs на сличен начин им нудела помош и на други европски влади.

Секако дека во ЕУ (и во нејзините доминантни сили Германија и Франција) добро се знаеше што се случува, но и покрај тоа беше донесена политичката одлука таквите слаби економии да се припојат кон еврозоната. Таквиот избор не беше направен поради добри намери туку поради чиста алчност. Нивните економии и нивните компании многу заработија од спојувањето. Нивните пакети за помош, на кои многумина им се восхитуваат, се само мал процент од профитот заработен на сметка на малите економии. На пример, Грција пред влегувањето во Европската економска заедница имаше трговски суфицит со другите европски земји. Од приклучувањето кон ЕУ, односно, од воведувањето на еврото, таа има трговски дефицит.

Вториот чин

Тоа беше првиот чин од фарсата: Грција, членка на ЕУ, плови кон напредокот. Вториот чин е многу погорчлив. Од последните избори, политичката и медиумската пропаганда на системот ја смени приказната. Наеднаш се откри дека економијата се урива и дека јавниот дефицит и надворешниот долг се многу поголеми отколку што се мислеше. Секако дека имаше повторни препукувања меѓу ПАСОК и НД, па едните ги обвинуваа другите за овој неуспех, дури обвинувајќи ги дека ги лажирале статистичките податоци. Тоа е веќе видено.

Пред шест години, кога НД ја презеде власта од ПАСОК, тие го обвинуваа за фалсификување на официјалните податоци и бараа ревизија од ЕУ. Дотолку повеќе, сегашниот министер за информации од ПАСОК (кој ја обвинува НД за предавство со лажираните податоци) беше секретар во истото министерство и член на Советот на економските советници кога се склопуваа споменатите договори со Goldman Sachs. Сега, според новата претстава – која ја изведуваат ПАСОК и НД наспроти своите ситничави препукувања – национална должност на секој државјанин е да го затегне ременот и да го прифати досега незамисливото скратување на платата, намалувањата во здравствениот систем, влошување на условите за работа и зголемување на возраста за заминување во пензија.

А потоа – трагедија. Според странските и грчките стручњаци, Грците мораат да поминат низ „внатрешна девалвација“. Ова е многу симпатичен термин, бидејќи докажува дека капиталистичките корпорации можат да бидат многу иновативни. Како што секој разумен човек може да претпостави, „внатрешна девалвација“, всушност, претставува контрадикторен израз: не може да се девалвира парата во левиот џеб во однос на истата пара во десниот. Но, како што цинично сепак се признава, овој израз е маска за радикалните мерки на штедење: кога веќе не можете да ја девалвирате својата валута, морате да си ги намалите платите и пензиите. И така се разоткрива заплетот во трагедијата. Грчкиот народ, а посебно работничката класа, мора да плати за спасот на грчкиот капитализам.

Губење на сувереноста

Овде постојат уште неколку фини детали. Грчката економска политика сега отворено се наоѓа под контрола на Брисел; отфрлени се дури и изговорите за националната сувереност. Реално гледано, земјата е ограничено суверена. И како што до пред неколку дена ПАСОК сè уште тврдеше дека се обидува да го одбрани правото на народот да се грижи за себе, така сега отворено се признава дека Брисел има надлежност над економијата и дека Грците се должни да ги извршуваат наредбите на ЕУ. Неодамна еден коментатор доста прецизно ја опиша ситуацијата: ова е само уште една окупација – како онаа нацистичката за време на Втората Светска војна – само што оваа е економска.

Каква вистина се крие зад ваквата фасада? Грчката капиталистичка економија навистина се наоѓа во криза не само поради моменталната глобална економска криза, туку и поради некои грчки проблеми. На почетокот на кризата сите буржоаски партии тврдеа дека се работи само за финансиски проблем кој нема да ја зафати грчката економија бидејќи нејзиниот финансиски сектор не бил изложен на отровните вложувања. Тој мит брзо се распрсна бидејќи се покажа дека кризата не е само финансиска, туку влече корени и од реалната економија. Впрочем, тие корени постојат токму во грчката економија. Освен општо кризните тенденции кои ги има во грчката економија, постојат структурни проблеми кои ги засилија. Најсериозен од овие проблеми е учеството на Грција во европските интеграции.

Кога беше решено грчкиот капитализам – средно развиен капиталистички систем со соодветните империјалистички активности – да учествува во оваа империјалистичка интеграција, истовремено се стремеше да се подобри неговата положба во империјалистичкиот синџир. Меѓутоа, набрзо стана очигледно дека тоа учество како исход го носи губењето на компететивноста на Грција во однос на хегемониските европски економии. Најјасен е доказот за споменатата преобразба на трговскиот биланс од суфицит во дефицит.

Отворањето на грчката економија доведе до распад на нејзината производна структура која постоеше во „славните 20 години“ (1950-1970) на грчкиот капитализам. Услужните дејности станаа доминантни, а мултинационалното претприемништво се здоби со контрола над поголемиот дел од нив. Тоа не значи дека грчката економија стана деиндустријализирана, како што често се мисли. Индустријата постои, и одредени сектори доста се продуктивни. Сепак, тоа не е ниту цврста ниту конкурентна производствена структура.

Грчкиот капитализам се обиде да го запре таквото назадување преку бруталното искористување на другите балкански економии. По падот на советскиот блок, грчките компании агресивно се ширеа низ Балканот и остваруваа значајни добивки. Така, од 90-те до денешната економска криза грчкиот капитализам остваруваше значаен профит со своите надворешни активности. Тие, пак, беа надополнети со зголеменото искористување на работниците во Грција. Грција е меѓу водечките европски земји по преоптовареноста на работниците, најмногу поради неплатениот труд. Дотолку повеќе, големата „сива економија“ и практично нерегулираните работни односи претставуваа основа за значајниот пораст на степенот на експлоатација во грчката економија.

Олимписките игри и јавниот долг

Појавата на кризата ја оконча таа забава. Кревкоста и внатрешните контрадикторности на грчкиот капитализам излегоа на површина. Истовремено, глобалната криза силно ги погоди и балканските економии (посебно романската), што го заостри натпреварувањето меѓу странскиот капитал во споменатите економии; поголемите играчи – посебно оние доминантните во ЕУ и САД – го исфрлија грчкиот капитал од игра и така ја пресекоа таа важна економска артерија.

Во меѓувреме, грчката буржоаска држава активно придонесува кај капиталистичките профити преку директните и индиректните субвенции. Иронично е тоа што, под славниот закон изгласан од претходната влада на ПАСОК, Грција ги субвенционираше компаниите да можат да се преселат во другите балкански економии. Тоа го означи крајот на текстилната индустрија на северот на Грција, бидејќи грчките капиталисти зедоа заеми, ги затворија фабриките и се преселија во странство, каде работната сила е поевтина.

Кога нештата се влошија, државниот врв го фрли појасот за спасување. Организираа скапи Олимписки игри во 2004 г., што беше и повеќе од потребно за оживување на капиталистичките активности и можностите за заработка. Од друга страна, сиве овие мерки го зголемуваа јавниот долг. Не профитираа само грчкиот капиталисти со овој пораст на потрошувачката. Странскиот капитал, а најмногу оној од ЕУ, се омрси со најголемиот дел од колачот. Тие веќе продреа длабоко во грчката економија и така играа голема улога во изградбата на инфраструктурата и, се разбира, поголемиот дел од договорите поврзани со Олимпијадата. Според тоа, врескањето на европските велесили дека распашаните Грци ги потрошиле германските и француските пари во најмала рака е лицемерно. Ним им се врати многу повеќе од она што сиве овие години го вложија во пакетите за јавна помош.

Сепак, прашање е зошто се случува сета оваа драма околу глобалната закана на грчкиот банкрот. На крајот на краиштата, Грција не е единствената држава која функционира покрај јавен дефицит и долгови. Такви се и многу други, па дури и развиени капиталистички земји. Дури и денес постојат многу земји со поголем процент на долг во однос на БДП (на пример, Јапонија со 170% , Италија со 114%). И САД имаат сличен проблем: се проценува дека нивниот долг ќе достигне 90% од БДП и дека ќе им бидат потребни десетина години да се вратат на нивото со кое ќе можат да се справуваат. Освен тоа, Грција е мала економија, додека могу други земји со сличен процент на долгот во однос на БДП се многу поголеми економии, а со самото тоа, претставуваат многу поголема закана за глобалниот систем.

Меѓучин

Она што овде навистина се случува претставува меѓучин во империјалистичките ривалства и прикриените игри со кои силните империјалисти префрлуваат дел од својот товар на послабите и понеразвиените економии. Модерниот капитализам ја научи лекцијата од претходните глобални капиталистички кризи. Според тоа, од почетокот ка сегашната криза се подготвуваше тешката артилерија. Откажувајќи се од неолибералните мантри, дојде до опуштена монетарна политика, а дури и фискалните пакети се вредни за разгледување. Се чини дека активистичките монетарни и фискални политики го означија можното заздравување и излегување од кризата. Меѓутоа, тоа заздравување е далеку од сигурно, посебно затоа што мерките за поттикнување се повлекуваат или пребрзо се трошат. Ова претставува многу сериозен проблем. Потребно е брзо заздравување ако се сака да се надоместат трошоците за финансирање на пакетите за поттикнување (инаку исходот ќе биде или инфлација во комбинација со повторно потопени економии, или стагнација). Според тоа, економската криза моментално се одразува како фискална криза.

Империјалистичките ривалства влегуваат во контекстот на ЕУ. Добро се знае дека ЕУ не претставува оптимално подрачје за заедничка валута, поради големите разлики меѓу стопанствата на нејзините држави-членки, што ги чини подложни на „асиметрични шокови“. Поради тоа, сегашнава криза сериозно се заканува по целовитоста на еврозоната. Хегемонијските европски сили однапред решија да ги дисциплинираат назадните економии на еврозоната и патем да профитираат со зголемување на изнудените каматни стапки. Според тоа, долгот сепак се зголемува за:

а) насилно да се смени цената на трудот (со што и нивните сопствени активности стануваат попрофитабилни);

б) да се наметнат поголеми каматни стапки (со што нивните финансиски институции и водачите на истите да добиваат завидни бонуси);

в) да се намали износот пари кој мораат да го платат ако треба да се исплатат пакетите за спасување.

Премии за империјалистите

Ирска беше првата која потклекна под притисокот на наметнување „внатрешна девалвација“. Грција е втората, иако овде политичката и социјалната ситуација е многу позаплеткана бидејќи левицата е многу силна. Истата неволја ги очекува и останатите земји.

Грчкиот капитализам ја игра играта и се обидува да ги претвори своите недостатоци во предности. Пружи само слаб отпор кон споменатиот притисок (иако е многу свесен дека сржта на проблемот е учеството во еврозоната) поради своите внатрешни неурамнотежености, но и поради геополитичките стравови (т.н. конфликт со Турција). Така, речиси во целост му ја препушти својата економска политика на Брисел и прифати да плати голема премија против ризикот на странските позајмувачи. Во склад со тоа, грчкиот капитализам турка длабински прокапиталистички структурни промени така што ги шири лагите за неможноста за враќање на долгот, жалејќи се дека на тоа е присилен од ЕУ. Така ја плаќа премијата на силните европски империјалисти, истовремено обидувајќи се да го префрли товарот на грбот на грчкиот народ.

Се работи за тоа дека еден крадец (хегемонијските европски сили) кој краде од друг (грчката буржоазија), додека другиот го префрла товарот врз грчките работници. Тоа е најтрагичниот чин во драмата. Наспроти ироничното и саркастично критикување на грчките и меѓународните медиуми за распашаните Грци, политиката на штедење има речиси триесетгодишно искуство во Грција (од 1985 г.), а животниот стандард на работниците нагло опадна, посебно по воведувањето на еврото (инфлацијата за стоките за широка потрошувачка во Грција е неверојатно висока). Може ли овој народ да издржи дополнително влошување на ситуацијата? Во античката трагедија обично постои deus ex machina. Единствен можен deus ex machina овде е силното работничко движење кое ќе покаже што се крие зад таа грда фасада.

Извор: Zarez XII/279

Карикатури: Latuff & Dromos

ОкоБоли главаВицФото