Потполно неписмени за живот

26.12.2015 13:59
Потполно неписмени за живот

Вчера, по стариот обичај, се враќав пешки од работа до дома. Тоа е доста долг пат кој раскажува една цела приказна за свеста на луѓето. Насекаде заглавени автомобили, на семафори, на раскрсници, на паркинзи, по тротоари, на тревници, во подвозници и надвозници, секаде. Свират, стојат, се пикаат еден во друг, тие луѓе зависници од таа кутија на тркала во која да е сè во ред со нашите глави, по пет минути ќе нè фати клаустрофобија, ќе сакаме да излеземе, да избегаме, да се ослободиме од пресијата на лимот и од надворешната пресија на стотици такви како нас, луѓе во бессознание, кои поради некаква измислена комоција и опуштеност и пепел ќе дишат, но нозете нема да ги употребат. Ќе ги сакаат тие тркала што им ги менуваат нозете по цена на смрт, труење со воздух, по цена на тоа од лимената кутија да излезат потполно пореметени откако до дома се возеле час и повеќе во град со две главни улици и големина на потпросечна метропола.

Од кого тогаш да бараме да ни го прочисти она што ние секојдневно и секој поединечно го гнасиме и загадуваме? Но, ни требаат тие санкции за да нè спречат во она што самите не треба да го правиме, ни требаат забраните, некој да нè држи за грклан за да нè потсети дека може да нè угуши. Ни требаат тие забрани кои ќе дојдат од 'повисоко' , иако тоа повисокото е вон памет и нељубител на убавиот живот, ниту има поим како изгледа. И сега, пред празници или во нив, каде одат сите тие драги луѓе кога најубавите подароци дома се наоѓаат и се приготвуваат. Ги нема во продавници, ги нема во молови, тие големи кутии во кои се дише вештачки воздух и се јаде храна која мириса на амбалажата. И пешки да се оди низ градов е кошмар. Секоја илузија за тоа какви сме паѓа во вода. Потполно неписмени за живот.

Извор: Фејсбук профилот на авторката
Слика: Алма Јо

ОкоБоли главаВицФото