Логиката на лудилото

26.12.2015 18:09
Логиката на лудилото

1.

Логиката на лудилото, залегната во мозочињата на актуелниве македонски „патриоти“ и нивните коалициски побратими вели: само ние сме нормалните, сите други се луди! Затоа и мислат дека флоскулите од типот „ова веќе не е политика“ или дека „нашиот народ не го заслужил ова“ се однесуваат само на другите, дека токму тие други, ете, не само што го допреле дното туку „сега е дефинитивно дека го пробија и дното“! Другите, се разбира, ама не тие, кои цели десет години мислеле „на отворање нови работни места“ (веројатно за оние кои потоа ќе седат дома и ќе примаат плата), „на куќи за младите“ (кои впрочем се одамна иселени од државата, ама како млади, во случајов, можеби ќе поминат и некои шеесетгодишници), „на градење фабрики“ (коишто, ете, толку ја индустријализираа земјава што веќе и не може да се дише), „нови болници“ (каде што министерон за смрт ќе експериментира со некои негови нови „методи“), на „проекти од интерес за народот“ (од кои провизиите ќе одат на сметките во Белизе и некои други островски даночни раеви) итн.

Којзнае какви се огледалата во коишто секојдневно се огледуваа власта, но очигледно не се како другите, нормалните. Или се како оние благоглаголиви огледала од бајките – единственото нешто запаметено од детството и пресликувано илјадници пати дури до возрасните години? Ама ова веќе ги премина и границите на т.н. младешко лудило во кое што сè (не баш буквално разбрано) е дозволено. Но кај нас лудилото ги надмина и границите на апсурдот, на безумието, на парадоксот. Логиката на лудилото на нашиве „патриоти“ вели дека е подобар хаосот од редот, дека колку е полошо толку е подобро, дека назадувањето всушност било напредување…! Оваа и ваква логика се ежи и добива нервни напади од зборовите од типот „ред и поредок“, „устав“, „закон“, „чест и углед“… И од случајните или намерните поистоветувања, зашто носителите на логиката сметаат дека некои нешта им се само ним дозволени. Другите се тука да им удоволуваат на нивните барања!

2.

Како инаку да се објасни, себеси но и на другите, сета оваа безочна и апсолутно бескрупулозна налудничава замена на вината и обвинувањата на сите други токму за нивните злосторства против македонските граѓани во изминативе десетина години? Како поинаку да се дефинира логиката на врз другите делегираната вина за комплетното урушување на системот, за протерувањето на демократијата без право на враќање додека се тие тука, за тоталното отсуство на одговорност (не само) кон граѓаните на оваа земја и идните генерации? Или, како е можно точноста на констатацијата дека „Македонија е заложник на лудилото на неколку луѓе“, при наводно здрава свест, да се пресликува кај другите кои ниту биле ниту се во позиција да одлучуваат за какви и да се битни прашања за земјата и народот, уште помалку да реализираат нивни замисли што толку би придонеле за општата катастрофална ситуација?

Прашањето на ваквото типично социопатско дистанцирање од сопствените постапки на цела една клика и бркањето вештерки во туѓиот двор сигурно не ќе беше можно без претходно креираната благонаклона атмсофера кон таквиот тип на однесување. Впрочем, тоа беше и она фрапантното, но за жал и вистинитото, македонско секојдневие низ овие десетина години: едно креирано/конструирано опкружување со слична логика, една (не мала) група за константна поддршка на логиката на лудилото на властодршците во сите негови манифестации, стратегиски позиционирана на невралгичните контролни точки на „дневната вистина“ и со еден команден центар. И тука не може(ше) ни пиле да прелета а да не биде дочекано од снајперите на лудилото. Или, ако сакате, а бидејќи го пишувам ова токму на (три)годишнината од бруталното исфрлање на опозицијата од македонскиот парламент, зарем таквиот бесрамен чин ќе беше неказнето до денес спроведен без комплетната лудачка логика што го следи системот на овие? Зарем ќе беше можно дури и целата вина да се префрли токму врз исфрлените кои, ете, не сакале да го изгласаат државниот буџет?! Секој нормален би помислил дека една земја, после тоа, едноставно не може да продолжи понатаму без сериозни последици по менталното здравје на граѓаните. Но логиката на лудилото ги поништува сите други логики, особено – нормалните. Ние продолживме како ништо да не се случило! Затоа впрочем и држи констатацијата на Геровски дека „…сè друго потоа се – наши грешки“. А таквите грешки се едноставно недозволиви. И токму затоа логиката на лудилото ги доби димензиите што денес, и вчера, повторно ни го креваат притисокот. Нормалната логика не може да се справи со лудилото од нашиве локални димензии. Нашата „нормална“ логика упатува на мирољубивост, на демократичност, на почитување на правата на другите, па и во вршењето на државните работи во наше име. Ама логиката на лудилото токму тоа го сака, го чека, токму такви кои ќе им ги препуштат не само работите туку и животите во нивните налудничави раце.

3.

Логиката на лудилото не само што сметаше, туку и докажа дека на сè може да се стават розови очила, да се наметне поинаква визура, нова, уште една лажна реалност (која што не е дури ни виртуелна, зашто лагата е само реална и никаква друга) на вина отсликана во ликот на другиот. Морфологијата на македонското лудило полека станува светски нагледен пример и сигурно ќе се изучува на соодветните универзитети. Прашање е колку ние научивме од овие десет години? Односно колку сака(в)ме да научиме. Зашто, буквално пред очи ни се одигруваше една комплетна слика на структурата и „законитостите“ на логиката на лудилото, можните развојни шеми, начини и методи на функционирање. Многу години поминаа пред да се (у)види дека имаме работа со сериозни пациенти.

Денес, пак, оваа македонска домицилна логика на лудилото е на својот врв, доживува екстатичен климакс броејќи ги последните денови. Затоа е и најгласна, најмонструозна, најубоита. Ним, ете, им било доста од нас, трпението им било при крај (со што ли толку ги изнервиравме?), на криминалците им е преку глава некој да ги прозива, на барабите и уличарите им здодеало да им се поттураат криминалите под нос, особено кога станува збор за оние за коишто мислеа дека ќе останат вечно сокриени од граѓаните. Впрочем, тоа е уште една одлика на оваа логика: дека нештата во нивниот налудничав свет траат вечно! За среќа, вечноста е резервирана за други нешта, а за налудничавите бараби и непоправливите криминалци постојат соодветни институции!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња