Претседателот Иванов одликуваше скопско дрво со Орден за заслуги за Македонија

26.12.2015 17:20
Претседателот Иванов одликуваше скопско дрво со Орден за заслуги за Македонија

„Орден за заслуги за Македонија“ му врачи претседателот Ѓорѓе Иванов на едно дрво од видот бреза (лат. назив: Betula), на случајно избран датум со цел да се одбележи нешто во неговиот претседателски мандат. Македонскиот претседател посочи дека овој орден е завет за истрајноста меѓу скопските дрвја кои последниве неколку години се на удар на немилосрдноста и бездушноста на градските власти.

Како што е познато, се проценува дека изминативе пет години се исечени речиси половина од скопските дрвја, а притоа се засадени незначителен процент нови. Иако градските власти се правдаат со староста на дрвјата, најновите истражувања покажаа дека тие само го расчистуваат теренот за нови сомнителни градежни парцели за луѓе блиски до нив.

Затоа, ова признание има исклучителна важност за членовите на зеленото семејство во македонската престолнина. Наградената бреза, според зборовите на претседателот, ја заслужила наградата со тоа што тврдоглаво и упорно се извишува во мал тревник во центарот на Скопје, храбро пркосејќи му на лудилото на скопскиот градонасилник.

Слика: Странски служби