Излези за воздух: Итни мерки за воздухот, а не ветувања!

28.12.2015 02:59
Излези за воздух: Итни мерки за воздухот, а не ветувања!

Граѓанските здруженија и иницијативи - организатори на протестот „Излези за воздух“ - со внимание ја проследија прес конференцијата на Министерот за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) одржана на 25.12.2015.

Сметаме дека МЖСПП конечно се разбуди од хибернацијата и проговори околу аерозагадувањето во повеќе детали. Препораките презентирани од страна на Министерот, во слична форма, уште во ноември беа објавени на интернет страницата на Министерството за животна средина. За жал, надминување на законските граничните вредности за ПМ10 честичките има речиси секој ден во декември. Спроведување на предлог мерките објавени во ноември, НЕМА!

Во делот на препораките на МЖСПП, сметаме дека три од седумте препораки, се во суштина евакуација на населението, а не мерки за спречување на аерозагадувањето (ослободување од работни обврски на хронични болни, бремени жени и лица постари од 60 години; предвремен зимски распуст за училиштата; забрана за работа на градежни работници на отворено). Наместо да си ја префрлаат топката, Владата, МЖСПП и локалните самоуправи на загрозените општини треба итно да реализираат кризни, краткорочни мерки, а истовремено да работат и на долгорочни, стратешки мерки кои ќе превенираат вакво енормно загадување. Со други зборови, Владата, МЖСПП и општините не треба да бидат само декларативни „пожарникари“ против аерозагадувањето, туку треба да работат на спроведување на итните мерки и на превенција. Ја потсетуваме јавноста дека во истово време минатата година (2014), МЖСПП излезе во јавноста со предлог-мерки кои подоцна беа дискутирани и одбиени на ниво на Влада.

Ја потврдуваме нашата заложба за организирање на масовен, централен протест во понеделник (28.12.2015) во 17:00 часот пред Влада на РМ, под водство на повеќе од 20 организации од Скопје, Битола, и Тетово, на кој ќе се изрази граѓанскиот револт од досегашната пасивност на надлежните. На прес конференција на 25.12.2015 ги изнесовме нашите предлог краткорочни, итни мерки, како и среднорочни и долгорочни, стратешки мерки. Наш тим на правници, еко-активисти и експерти за екологија ги спремија мерките за неколку денови. Оттука, сметаме дека Владата и МЖСПП можат и мораат да работат далеку подобро. Ги повикуваме Владата и МЖСПП да делуваат веднаш! Нема потреба од усвојување, пишување и дебатирање. Потребно е итно спроведување на заштитни мерки!

Дополнително, Владата и МЖСПП треба да обрнат уште повеќе внимание на системските мерки и долгорочно решавање на проблемот. Имајќи го тоа предвид потребен е мораториум на сечата на урбаното зеленило, нешто со што се соочува секој поголем град во Македонија а особено критично е Скопје.

Им ветуваме на надлежните дека ќе продолжиме со граѓански притисок врз нив и со секојдневна анализа на нивната работа. Нашата кампања за чист воздух нема да запре се додека концентрациите на канцерогени ПМ10 и ПМ2.5 честички не се доведат под максималната граница пропишана од ЕУ, во период од 10 последователни денови.

Со почит,
Здружените иницијативи и организации:


Еко Свест
Фронт 21/42
Eco Guerilla (Тетово)
За нас се работи (Битола)
Go Green
Lëvizja Nëna dhe fëmija / Движење Мајка и дете (Тетово)
Заслужуваме подобро!
Воздух Сега!
Ние сме Карпош 4
#ТетовоНаТочак / #TetovaMeBiçikleta
Ајде!
No Pasaran!
Факултет за работи што не се учат
Стоп за фабриката Железара
Ќе дишеме или ќе издишеме
Скопје Смог Аларм
Стоп за загадувањето на Аеродром и Гази Баба
Го сакам ГТЦ
Плоштад Слобода
Профицио
Цивил - Центар за слобода

ОкоБоли главаВицФото