За сликата „Забранета репродукција“ на Рене Магрит

28.12.2015 21:39
За сликата „Забранета репродукција“ на Рене Магрит

Се молат читателите да не брзаат со предвремени заклучоци. Намерата ни е да ја претставиме фамозната слика без нешто многу да филозофираме за неа и да даваме наша интерпретација – веќе цели студии се испишани за неа, за нејзината енигматичност. Не случајно Андре Бретон заговараше протерување на причините од областа на уметноста тврдејќи дека потпирањето на „автоматизмот“ односно несвесното спонтано однесување ќе доведе до повеќе автентични глетки на сонот и на необичното. Делото на Рене Магрит „Забранета репродукција“ од 1937 година останува голема енигма како за припадниците така и за теоретичарите на надреализмот. Но нашиот интерес во врска со оваа слика не е свртен кон енигматичноста на делото кое прикажува фигура на човек пред огледало во кое наместо ликот во одраз се гледа неговиот тил. Нас нė интересира самиот модел, Едвард Џејмс, Англичанец, ексцентричен аристократ, надреалистички поет, мецена и заштитник на сликарите Рене Магрит, Леонора Карингтон и Салвадор Дали (прочуениот кауч во форма на усните на Ме Вест и Јастогот-телефон Дали ги дизајнирал за куќата на Џејмс во Монктон). Го поддржувал прочуеното надреалистичко списание „Минотаур“ кое во триесеттите години од 20 век излегувало во Париз. Неговиот живот е збир на неверојатни настани, од претензии за кралско потекло, неверојатни колекции на слики и предмети и надреалистички уредени куќи и замоци до скандалозен брак, развод и бисексуални врски. Сето тоа било вовед во неговиот конечен грандиозен споменик – Лас Позас, џиновска надреалистичка градина исполнета со бетонски структури среде мексиканската џунгла. Во животот на Рене Магрит Џејмс се појавил за време на големата Лондонска надреалистичка изложба 1936 година. Ќе останат пријатели долги години, но тој кус период од 1936-1938 година ќе биде најзначаен. Магрит во тие години престојува во Лондон кај Џејмс и слика повеќе слики, од кои два портрети на мецената кој купува сѐ што сликарот ќе наслика.

Едвард Џејмс останува енигма, не барал посебно внимание, ако останал делумно непознат на јавноста тоа е по негова вина. Тој е еден вид „папа“ на надреализмот во сенка. Премногу е важен за историјата на уметноста, посебно за движењето на надреализмот, но не само околу финансирањето и поттикот на Магрит, Дали и други надреалисти, можеби е поважен за создавањето позитивна атмосфера во која авангардата се развивала. Негова цел била да го воведе чудото во секојдневниот живот. Кој знае дали без Едвард Џејмс, Магрит и Дали би постоеле вакви какви што ги знаеме денес.

Можеби најпознатата слика создадена од Рене Магрит прикажува човек кој гледа во огледало, но наместо да си го гледа сопствениот лик - ѕури во сопствениот тил. Чудно и вознемирувачки, тоа е тој негов пропуштен портрет. Човекот на сликата е човекот без лице – Едвард Џејмс.