Аста ла виста, бејби!

29.12.2015 00:14
Аста ла виста, бејби!

Види вака, Грујо: Знам дека можеш да си играш мајтап со твојот народ, бидејќи си го купил, поткупил, исплашил, заплашил, преплашил, врзал и обврзал. Партиски си го вработувал и унапредувал во партиската и партизираната администрација, партиски си го субвенционирал со народни пари, партиски си го поставувал на важни и стратешки функции во судската и законодавната власт и преку партиски интервенции во партизираните медиуми си го убедувал да престане да мисли, туку партиски да те слуша. И да постапува според твоите партиски директиви, како на пример, да се организира во партиски контрамитинзи, контрапротести и контрапленуми. И така, лека, полека, тој твој партиски народ ти сакаше да го преобразиш во контранарод, односно во одбран, сигурен и верен контингент гласачи, кој ќе верува на твоите гачки за благосостојбата, инвестициите, поволниот бизнис-амбиент, нашето античко потекло, нашата величина во историјата на човештвото, нашите прастари корени кои датираат уште од диносаурусите, и така до бескрајот и назад.

Види вака, Грујо: Не знам дали знаеш, ама, покрај твојот народ, во оваа земја живеат и луѓе на кои си им дојден преку глава. И тие се народ, ама не твој. Кај нив не проаѓаат триковите од типот „Ние градиме“, „Ние создаваме“, „Ние сме посветени“, „Делата зборуваат за нас“, „Македонија, пред сè“ и слични слогани измислени во твоите работилници за перење мозок. Тие чувствуваат дека животот им е сè полош, тие гледаат дека Македонија е претворена во мафијашка држава во која царува законот на посилниот, корупцијата и криминалот, тие се свесни дека државата се празни од луѓето кои се евакуираат од неа како од насукан брод, тие ги слушнаа „бомбите“ и знаат дека слушнатото е вистинито и автентично. И тие се народ, Грујо, ама свој народ. Твој - никако!

Збор по збор, дојдов до главното, а тоа е мојот впечаток дека во моментов во Македонија живеат два македонски народа. Зборуваат исти јазици, ама со различни зборови, ја сфаќаат кризата, ама преку различна перцепција и веруваат во излезот, ама на различни начини. Твоите партиски медиуми, партиски гласноговорници и партиски комесари, го убедуваат твојот партиски народ дека СДСМ, сороспиите, странските платеници, странските разузнавачки служби и странските посредници и дипломати, коваат заговор против Македонија со цел да ја уништат и едноставно – да ја снема. Тоа е говор на омраза, Грујо! Таквиот говор уште повеќе ги поларизира односите во државата, односно го продлабочува јазот на поделбата меѓу луѓето. Демек, на едната страна се патриотите загрижени за својата држава, на која ѝ се подготвува ново апокалиптично сценарио по урнекот на Букурешкиот договор од 1913 година. На другата страна е петтата колона, која од бес и аздис, сака да си ја уништи својата татковина.

Тезата не држи вода, Грујо. Не држи, пред сè, поради фактот што Македонскиот народ е еден народ и не може да се двои во сопствената држава. Твојата идеологија не може да асимилира дел од народот, дискриминирајќи го преостанатиот дел. И теориски и практично е невозможно да ја вратиш историјата назад и ти да одлучуваш што е законски, а што не е, што е вистина, а што е лага, што е добро, а што е лошо. И најважно од сè – во денешното време на брза комуникација и алтернативни медиуми, алатките за масовна пи-ар хипноза, ми ти потфрлаат некако.

Види вака, Грујо: Знам дека ти гори под нозете и дека имаш очајна потреба да се спасиш од неминовното. Знам дека не би сакала да бидам во твојата кожа, како што знам дека токму ти самиот си креатор на лудата теза за вечно владеење на твојата партија преку комплетна контрола на државата, медиумите и институциите. Не знам колку сè уште те држи здравата логика и дали гледаш дека од ден во ден губиш по еден лост од власта, дека твојата партизирана брана попушта од сите страни, дека твојот медиумски бедем се рони, дека твојата битка е изгубена и дека се наближува судниот ден.

Патем, насловот е преземен од „Судниот ден“. Онака, најнеслучајно и најпосветено на преодната влада без Груевски. На нашки, би рекле - Гитла, лепото!

Извор: Фејсбук профилот на авторот
Слика: Александар Ковачевски

ОкоБоли главаВицФото